ПФФ doc.: ФФФ@МСУ Во огледалото на Маја Дерен
14.5 (вторник)
19:00 Музеј на современата уметност Скопје (бесплатна проекција)
Во огледалот на Маја Дерен
[Im Spiegel der Maya Deren / In the Mirror of Maya Deren, 2002]
AT/CH/DE, 103’
„Во огледалото на Маја Дерeн“ е долгометражен документарен филм кој го реконструира комплексниот живот, дело и уметнички ангажман на таканаречената „мајка на авангардниот и експериментален филм“ – Маја Дерен. Инспирирана од оглас објавен во рамки на киноархивот „Антологија“ [Anthology Film Archives] од страна на Јонас Мекас [Jonas Mekas] за систематизирање на депонираните филмски материјали на Маја Дерен, Мартина Кудлачек одлучува да се впушти во документаристичко истражување на повеќеслојното филмско наследство на иновативната и влијателна американска режисерка од украинско-еврејско потекло.
Документарецот испишува различни поглавја од животот на Дерен преку разговори со нејзини блиски познаници и соработници, а воедно и знаменити учесници во обликувањето на повоената американска уметничка сцена. Меѓу другите, низ интервјуата се појавуваат: Јонас Мекас, „кумот на американското авангардно кино“ и основач на киноархиватата „Антологија“; Александар Хамид [Alexander Hammid], фотограф и филмаџија од Чехословачка, сопруг на Дерен и нејзин соработник при снимањето на „Мрежи на попладнето“ [Meshes of the Afternoon]; танчарката Рита Кристиани [Rita Christiani], која ја игра улогата на алтер егото на Дерен во „Ритуал во преобразено време“ [Ritual in Transfigured Time]; Чао-Ли Чи [Chao-Li Chi], протагонистот во „Размисли за насилството“ [Meditation on Violence]; како и Кетрин Данам [Katherine Dunham], „матријархот на црнечкиот танц“, покрај која Дерен за првпат ќе се запознае со ритуалните практики на хаитското вуду.
Покрај инсерти од филмовите на Маја Дерен, документарецот вклучува и архивски материјали од нејзините предавања и работилници, како и материјали од долгогодишните етнографски истражувања на Хаити, преку кои Кудлачек внимателно го доближува контекстот, филмската филозофија и промислениот естетски метод на една од пионерките на авангардниот филм.
во соработка со:
Воведно излагање
Ивана Мирчевска е интердисциплинарна уметница, истражувачка и културна работничка. Работејќи преку слики во движење, текст, звук и инсталација, го истражува спојот меѓу технологиите на визуализација и просторната конфигурација на погледот и телото. Мирчевска има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности на отсек сликарство (2015) и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018/19). Во 2023 таа е соработник на WHW Akademija во Загреб, Хрватска.
Мирчевска е авторка на повеќе изложби, инсталации и уметнички проекти, а нејзините проекти се прикажувани во различни локални и меѓународни контексти меѓу кои Late to the Party Showreel: Macedonian performance-on-video showreel, BANG BANG performance festival, Museum Tinguely, Базел, Швајцарија (2022), Supernova Regeneration Festival, Денвер, САД (2021), Dislocations, Scottish Graduate School for the Arts and Humanities (2021), Биенале на млади, Белград, Србија (2021); Fuori Visioni Festival 6 | Tra muro e confine – Atto I e II, Пјаченца, Италија (2020-2021); Биенале на млади уметници, МСУ, Скопје (2021).
Мирчевска e добитничка на наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник (2022).