Полна сала на отворањето на 15. ФФФ

На 22. мај во кино-салата на Кинотеката на С. Македонија, официјално се отвори 15. јубилеен Филозофски филмски фестивал. Стотина филмофили ја исполнија салата што придонесе за возбудлива и топла атмосфера. На отворањето присутните ја проследија проекцијата на „Евангелие според Матеј“ (1964) од италијанскиот режисер Пјер Паоло Пазолини (1922-1975). Проекцијата беше дел од Ревијалната програма на Фестивалот, но воедно и последен филм од Ретроспективата Пазолини што во изминатиот период ФФФ ја организираше со поддршка на Амбасадата на Италија во Скопје во чест и одбележување на 50 години од трагичната смрт на филмскиот великан.

Во свечениот дел од вечерта се обратија главниот координатор на Фестивалот, Андреј Лазаревски, којшто го потенцира јубилејот и нѐ потсети за годинешниот фокус на Фестивалот, и програмскиот директор, Ѓорѓи Пулевски. Пулевски, меѓу другото, истакна: Филозофскиот филмски фестивал, кој веќе 15 години живее меѓу нас, не е само културен настан. Тој е една постојана потрага – потрага по смисла, по форма, по вистини кои не се секогаш пријатни, но се неопходни. Неопходно провокативни, полемични и поетични.“ … „Поддршката на Филозофскиот филмски фестивал е поддршка на критичката мисла, на естетската храброст и на културниот интегритет. Но, исто така, ова е и момент да потсетиме: не смееме да заборавиме на потребата да ги поддржиме и другите филмски фестивали во нашата земја – секој со својата специфичност, со својот тон и својата публика – затоа што тие се столбови на еден поширок културен екосистем што сè уште го градиме, чекор по чекор.“ Амбасадорот на Република Италија во Скопје,  Н.Е. Паоло Палминтери, во своето обраќање посочи: „Филмот во вечерашната програма претставува еден од највисоките и најамбициозните остварувања на уметничката кариера на Пазолини, како и неговото најценето кинематографско дело во Италија.“

Убавиот почеток е само најава за она што следува, а викендов Фестивалот продолжува со проекции во два термина. Публиката своите билети по цена од 150 денари ќе има можност да ги набави пред почетокот на филмовите.

Вториот фестивалски ден започнува со проекција во 18:00 часот, и е посветен на Официјалната селекција на краткометражни филмови. Ќе се проектираат осум од петнаесет филмови во селекцијата и тоа:Зора секој ден“ [2024] од Амир Јусеф / Amir Youssef, „Ново“ [2024] од Жења Казанкина / Zhenia Kazankina, „Човекот кој не можеше да молчи“ [2024] од Небојша Слијепчевиќ / Nebojsa Slijepčević, „Бродоломци“  [2024] од Андреа Сааведра де ла Теха / Andrea Saavedra de la Tejа, „Лошо на момент“  [2024] од Даниел Соариш / Daniel Soares, „Свенати цутови“  [2024] од Лајонел Сиа / Lionel Seah, „Услуги“ [2024] од Агнес Сконаре / Agnes Skonare, „Нашата сенка“ [2024] од Агустина Санчес Гавиер / Agustina Sánchez Gavier. Во втората вечерна проекција од 21:00 часот ќе се отвори Официјалната селекција на долгометражни филмови со проекцијата на „Последен здив“ од познатиот француски режисер, Коста-Гаврас / Costa-Gavras. Преку спонтан филозофски дијалог докторот Огистен Масе и писателот Фабрис Тусан водат расправа за животот и смртта, при која доаѓа до соочување со сопствените стравови и егзистенцијални тегоби. Ова е филм за искреноста и ранливоста. Палијативната грижа повеќе е фокусирана на смртта, отколку на оздравувањето. Доктор Огистен тоа одлично го знае, па на своите пациенти им нуди грижа наместо лек, достоинство наместо надеж, сегашност наместо иднина, хуманост наместо инвазивни медицински процедури.

Саботните проекции ќе започнат во 18:00 часот со култниот филм „Изгубен автопат“ од Дејвид Линч. Овој филм е дел од Ревијалната програма: филм-философија која вклучува излагања од специјални гости, па така, на проекцијата излагање ќе одржи гостинот од Турција, Озер Озкантар, на тема „Изгубени автопати на умот: истражување на кинематографската филозофија на Дејвид Линч“. Филмот прикажува две приказни кои меѓусебно се испреплетени. Едната е за џез музичар кој почнува да прима мистериозни видео касети во кои се снимени тој и неговата сопруга во нивниот дом, по што почнува да се сомнева дека сопругата има љубовник. Откако ќе биде обвинет за нејзиното убиство, тој необјаснето исчезнува. Втората приказна е за млад механичар кој е вовлечен во мрежа на илузии од страна на една фам фатал заводничка која го измамува својот брутален љубовник. Жените во двете приказни ги глуми иста актерка (Патриша Аркет). Филмот е надреалистички нео-ноар во кој режисерот Дејвид Линч води метафизичко патешествие кон непоимливата природа на идентитетот со чести морничави визуелни композиции.  Втората проекција за вечерта, од 21:00 часот е за „Универзален јазик“ во режија на канадскиот режисер Метју Ранкин, кој е дел од Официјалната селекција на долгометражни филмови. Филмот „Универзален јазик“ ги надминува границите што нè разделуваат и ги поврзува различните култури, потсетувајќи нè дека дури и кога зборовите недостигаат човечкиот дух наоѓа начин да воспостави врска. Користејќи уникатен визуелен стил и препознатлив хумор, режисерот Метју Ренкин создава филм полн со надеж, кој длабоко одекнува во нашиот студен и поделен свет. Оваа комедија која ја слави убавината на човечката поврзаност е за секој еден кој верува во моќта на емпатијата.

Во недела, проекцијата од 18:00 часот е посветена на Придружната програма, која опфаќа мала селекција на турски краткометражен филм именувана „Филозофија преку краток филм“, курирана од проф. Сердар Озтурк од Турција, обезбедена во соработка со списанието „Синефилозофи“ од Турција. Ќе бидат прикажани следните филмови: „И јас исто“ од Еџе Акалан Алаѓоз, „Ми светна“ од Тувана Симин Ѓунај и „Обичај“ од Али Риза Бајазит. Освен тоа, Сердар Озтурк ќе има излагање и дијалог со публиката. Неделата ќе се затвори со проекцијата од 21:00 часот, каде публиката ќе има можност да го гледа „Новата година што никогаш не дојде“ (138’) од Богдан Мурешану. Таман кога ќе помислиме или констатираме дека романската кинематографија кажа сè што имаше да ни каже за познатата диктатура од крајот на XX век, дебитантскиот долгометражен филм на Богдан Муресану нè разубедува во тоа. „Новата година што никогаш не дојде“ е филм настанат на база на краткометражниот авторов филм „The Christmas Gift“ снимен во 2018 година и претставува потресна и духовита анализа на општеството и психолошката состојба на шестмината главни јунаци чии животи се испреплетуваат непосредно пред падот на режимот на Николае Чаушеску. Филмот е дел од Официјалната селекција на долгометражни филмови во склоп на Компетитивната програма.

На крајот од проекциите на филмовите од Официјалните селекции на долгометражни и краткометражни филмови публиката ќе може да ги даде своите оцени за филмовите и со тоа да придонесе во одлуките за наградите „Златен був“ од публиката во двете компетитивни селекции.

Целосната програма со сите детали за филмовите и настаните е достапна на официјалната веб-страна на фестивалот: pff.mk.

Related Post