Средношколска видеолектира 14. ФФФ

Годинава сегментот Средношколска видеолектира (СВЛ) од Едукативната програма се врати на форматот од пред неколку години, што би значело дека беше организирана една централна проекција во Младинскиот културен центар за учениците од Скопје, а учениците од другите градови имаа можност да гледаат проекции на избраниот филм во нивните училишта. Како овогодинешна видеолектира, во соработка со Гете-институтот Скопје, го избравме „Али: стравот ја јаде душата [Angst essen Seele auf /Ali: Fear Eats the Soul, 1974], филмскиот класик на германскиот режисер Рајнер Вернер Фасбиндер [Rainer Werner Fassbinder]. 

Проекцијата на филмот се одржа на 9 април, во присуство на стотина ученици од неколку скопски средношколски училишта: СУГС „Орце Николов“, СУГС „Никола Карев“, СУГС „Георги Димитров“, СГГУГС „Здравко Цветковски“ и ДСУЛУД „Лазар Личеноски“. По гледањето на филмот, поврзување на филмот со годинешната тема на Конкурсот за најдобар фил(м)ософски есеј направи м-р Виктор Јованоски. Темата на којашто учениците, под менторство на своите наставници, годинава ги пишуваа своите  есеи гласеше: „Стравот, предрасудите и сликата за другиот: како да го пронајдеме човечкото во себеси?“. 

Во текот на месец април се одржаа проекции на филмот и во училиштата во дваесетина други градови низ Македонија: Битола, Богданци, Велес, Виница, Гевгелија, Дебар, Демир Хисар, Кавадарци, Крива Планка, Крушево, Неготино, Охрид, Пробиштип, Радовиш, Свети Николе, Струга и Штип. Проценуваме дека во оваа активност учествуваа околу 700 ученици. До предвидениот рок (5 мај) дваесетина ученици ги испратија своите есеи, а трите најдобри меѓу нив, ќе бидат избрани од тричлената стручна комисија во состав Јасмина Поповска, Марија Тодороска и Никола Стојкоски. Доделувањето на наградите ќе се одржи на специјален настан во Кинотеката на 3 јуни, во 13:30 часот. 

Тројцата првонаградени ученици ќе добијат едногодишна стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“, финансиски награди, пригодни награди од Гете-институтот Скопје, комплети филозофска литература и списанија од издавачката куќа „Аз-Буки“ и Филозофското друштво на Македонија, како и комплет ДВД-а со македонски филмови од Кинотеката на С. Македонија. Победничкиот есеј, како и секоја година, ќе биде објавен во списанието „Филозофска трибина“.

 

 

9.4 (вторник)
17:30  Кино „Фросина“  (бесплатна проекција)

АЛИ: СТРАВОТ ЈА ЈАДЕ ДУШАТА
[Angst essen Seele auf / Ali: Fear Eats the Soul, 1974]
Рајнер Вернер Фасбиндер / Rainer Werner Fassbinder, DE, 93’

 

Во 1970 година, филмскиот оддел при Градскиот музеј на Минхен прикажува мала ретроспектива на веќе одамна пензионираниот Даглас Сирк [Douglas Sirk], подбивно сметан за „најдобриот режисер на женски, сентиментални сапуници“, за „мајстор на холивудската мелодрама“. Дваесет и петгодишниот Рајнер Вернер Фасбиндер, неодамнешен дебитант, ќе биде присутен на секоја од шесте проекции. „Би сакал да ги имав изгледано сите негови филмови, од првиот до триесет и деветтиот“ – ќе напише наредната година, во февруарскиот број на германското списание „Филм и ТВ“ [Film und Fersehen], во долг осврт кој речиси самостојно, преку ноќ, ќе го рехабилитира германскиот режисер во егзил и ќе го устоличи како неодминлив филмски автор. „Но имам гледано само шест филма на Даглас Сирк. Меѓу нив беа и најубавите филмови на светот.“

Снимен четири години по оваа ретроспектива, „Али: стравот ја јаде душата“ е делото преку кое Фасбиндер најнепосредно ќе го изрази својот восхит за Сирк. Омаж на „Сѐ што дозволува небото“ [All That Heaven Allows, 1955] – во кој, на негодување на околината, една постара вдовица од високата класа [играна од Џејн Вајман / Jane Wyman] влегува во врска со младич од понизок сталеж [Рок Хадсон / Rock Hudson] – овој бресоновски едноставен филм е трогателна меѓугенерациска и меѓуетничка романса што ја следи тивката приврзаност и бурната љубов на Еми [Бригите Мира / Brigitte Mira], постара чистачка од Минхен, и Али [Ел Хеди Бен Салем / El Hedi ben Salem], млад марокански гастарбајтер.

И сето она добро во луѓето што Сирк го бара низ богатите предградија на Нова Англија, под палетите раскошен техниколор, во валканиот, суров и сив свет на Фасбиндер, наспроти осиромашениот германски јазик на мигрантите и приземните интереси на слабо платените чистачки, како да добива уште повеќе смисла; и како љубовта меѓу Еми и Али, додека деволуира во нешто помалку од љубов, едновремено и да се преобразува во нешто подлабоко и потрајно од неа: топла, наивно нежна меѓучовечка грижа.

Снимен со речиси непостоечки буџет и за само петнаесетина дена – „толку брзо,“ вели Роџер Еберт, „што Фасбиндер и немал време да каже нешто повеќе од вистината“ – „Али: стравот ја јаде душата“ е можеби и најубавиот филм на l’enfant terrible на германскиот нов бран, и е сигурно еден од најмоќните меѓу оние што ги истражуваат другоста, стереотипите и предрасудите, како и вечната битка за човечност во овој сѐ порамнодушен и сѐ побезнадежно циничен свет, кој како да може да верува во сѐ, освен во добрина и љубов.

 

Related Post