2015

Related Post

ОФИЦИЈАЛНА ПРОГРАМА

 

Отворање на ФИЛОЗОФСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

1. МИРНО ЛЕТО  (A Quiet Summer)

Кинотека на Македонија, 2. април  2015 (четврток), 19:00.

 

1. Mirno leto

игран филм, СФР Југославија, 1961, 99 мин., црно-бел, 35 мм.

режија: Димитрие Османли

сценарио: Фрида Филиповиќ

улоги: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ

Познат како првата македонска филмска комедија, филмот Мирно лето се вбројува во еден од класиците на македонската кинематографија. Преку една доста едноставна приказна публиката се запознава не само со ликовите на филмот, туку и со идеја за менталитетот на еден народ. Околностите на животот доведуваат Заре и Мира да се преселат во Охрид, каде се надеваат дека ќе најдат спокојство и бегство од неуморните очи и усти на нивното соседство. Но, како што ќе дознаат јунаците на оваа приказна, нештата никогаш не се толку едноставни. Со доаѓањето на првиот гостин во Охрид се отвара портата и за други непоканети гости. Започнува бркотница и хаос, кои брачниот пар Мисевски никако да ги избегнат и да го достигнат долго посакуваниот мир.

Ivan Geparoski

излагање на тема:

„КОМИЧНОТО ВО МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ: ‘МИРНО ЛЕТО’

 проф. д-р Иван Џепароски – Институт за филозофија, Филозофски факултет – Скопје


 

2. АНТИХРИСТ(Antichrist)

Кинотека на Македонија, 3. април 2015 (петок), 19:00.

 

2. Antichrist

игран филм, Данска/Германија/Франција/Шведска/Италија/Полска,  2009,                             108 мин., црно-бел/колор, 35 мм.

режија и сценарио: Ларс фон Трир 

улоги: Вилем Дефо, Шарлот Гејнсбург 

Антихрист премиерно се прикажува на филмскиот фестивал во Кан, на кој Шарлот Гејнсбург ја заработува и наградата за најдобра актерка. Истата година, за неговата работа на овој филм, на Ентони Дод Ментл (Anthony Dod Mantle) му е доделена наградата за најдобра кинематографија од страна на Европската Филмска Академија. Случувањето во Антихрист се открива преку пролог, четири оддели и епилог. Ваквата форма дозволува приказната за ужасната трагедија на една брачна двојка и нивното последователно соочување со неа да отвори и прашања кои одат подалеку и подлабоко во испитувањето на нивната интима, заедничка и посебна. Ова свое филмско остварување Ларс фон Трир му го посветува на режисерот Андреј Тарковски и, неофицијално, го нарекува првиот од својата „Трилогија на депресијата”.

Solunchev

излагање на тема:

„ФОН ТРИР И ПОЕТИКАТА НА РАСПАЃАЊЕТО“

доц. д-р Ристо Солунчев – Институт за филозофија, Филозофски факултет во – Скопје


3.  РАШОМОН (Rashômon)

Кинотека на Македонија, 4. април 2015 (сабота), 19:00.

 

3. Rashomon

игран филм, Јапонија, 1950, 88 мин., црно-бел, 35 мм.

режија: Акира Куросава 

сценарио: Акира Куросава, Шинобу Хашимото 

според раскази на: Рјуносуке Акутагава 

улоги: Тоширо Мифуне, Мачико Кјо, Масајуки Мори 

Освојувајќи ги Златниот лав во Венеција и Оскар за најдобар странски филм во 1951 година, Акира Куросава се стекнува со светска слава со филмот Рашомон. Двата кратки раскази од јапонскиот писател Рјуносуке Акутагава (Рашомон и Во бујакот), врз кои се темели сценариото, филмот ги соединува во едно истражување на смислата на вистината, искреноста и честа. Приморани да се сокријат од силниот дожд пред портите Рашомон, тројца разговараат за чудните случувања од изминатиот ден. Злосторството за кое тие расправаат, публиката го дознава преку низа флешбекови, раскажано од посебните персепктиви на учесниците и очевидците на случувањето. Секој од нив настапува со различна приказна и посочува различен виновник за злосторството. 

Stefan Sidovski

излагање на тема:

„ПОТРАГАТА ПО ВИСТИНАТА ВО ФИЛМОТ РАШОМОН“

доц. д-р Стефан Сидовски, Универзитет за Аудиовизуелни уметности – Европска Филмска Академија ЕСРА

ПРИДРУЖНА ПРОГРАМА

1. Мастер час со Игор Иванов Изи

     Интервју подготвено од Тијана Петковска, проекција на краткометражниот филм „Бубачки“ и Q&A сесија со публиката

     Кинотека на Македонија, 4. април 2015, 17:00.

igor562929_353132601409433_2115010421_n

Игор Иванов (р. 1973, Скопје, Македонија) има студирано филозофија и ја има започнато својата филмска кариера во 1993 година со режирање на серија телевизиски филмови. Помеѓу 1995 и 2004 има реализирано неколку документарни и краткометражни филмови, од кои 15-минутниот краткометражен филм „Бубачки“ од 2014 година кој влезе во официјалната селекција на 54-тото Берлинале и го освои Златниот Леопард на Фестивалот во Локарно. Изи има реализирано и два долгометражни филмови. „Превртено“ чија светска премиера беше на Karlovy Vary Film Festival во 2007 е првиот долгометражен филм на режисерот.  Филмот претставува адаптација на романот „Папокот на светот“ на современиот македонски писател Венко Андоновски и јасно го отсликува поетскиот квалитет на т.н. „Црн бран“ во Југословенскиот филм за време на 1960тите, кој одблизу ги истражуваше „другото лице“ на општеството и фаталните димензии на човековата егзистенција. Последниот негов филм е долгометражниот филм „Соба со пијано“ од 2013 година. Филмот за прв пат беше прикажан на 14. Меѓународен фестивал на филмската камера Милтон Манаки во Битола, во октомври 2014 филмот беше прикажан на 50. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго, а во ноември 2014 година е прикажан и на Филмскиот фестивал на источните соседи во Хаг.

БУБАЧКИ

    краткометражен филм, Македонија 2004, 15 мин., колор, 35mm

Што станува со младиот човек кој живее целосно во сопствениот свет? Што станува од едно момче кое пораснува во затвор? Меланхолија и моќни слики носат спомени од минатото на момчето откривајќи ја неговата замисленост врз сегашноста. Поетска медитација на чувството кое го делат луѓето од Балканот: чувството да се биде лишен од имањето избори во животот.

Краткометражниот филм „Бубачки“ е во продукција на Сектор Филм Скопје, продуцент е Владимир Анастасов, кинематограф Томи Салковски, монтажер Игор Андреевски, а музиката е на Зоран Спасовски. Главните улоги во филмот ги играат: Ѓорѓи Крстевски, Оливер Митковски, Лабина Митевска, Владимир Јачев и Јелена Богоевиќ.

Извор: http://www.igorivanovizi.mk


2. Работилница за студенти „Времето како филозофска димензија на филмот“

     Стефан Палитов и Тијана Петковска

     Библиотека на Институтот за филозофија – Филозофски факултет Скопје, 1. април 2015 (среда), 12:00.

time

Опис на работилницата:

Реконципирањето на Филозофскиот Филмски Фестивал за неговото петто, јубилејно, издание вклучува во себе уште една новина која се надеваме ќе стане редовен дел од програмата на фестивалот. Се работи за едукативни работилници за студенти. Оваа година ќе се оддржи една работилница насловена „Времето како филозофска димензија на филмот”. Во час и половина, студентите ќе имаат можност да се запознаат со некои од основните концепти за филмска режија и монтажа, како услови кои овозможуваат да се создаде филмското време. Истовремено, ќе бидат разгледани и можностите да се проблематизираат некои од клучните филозофски прашања поврзани со времето преку и во филмот, користејќи го филмскиот јазик, што ќе биде остварено со гледање на кратки инсерти од филмови и нивна анализа.

* За учество во работилницата потребна е да се пријавите на нашата  и-меил адреса  најдоцна до 25. март 2015 (среда):filozofskifilmskifestival@gmail.com или по порака на нашата ФБ страна: https://www.facebook.com/filozofskifilmskifestival?ref=hl. Доволно е да ги напишете Вашето име и презиме, каде студирате и година на студии.

 

Related Post

Comments are closed.