Во најава
Philosophy And Film 2
Conference proceedings from the 2. International “Filosophy & Film” Conference held at the 13. PFF
На 25 и 26 мај 2023 година, како преднајава на 13. Филозофски филмски фестивал, се одржа второто издание на меѓународната конференција „Филозофија и филм“. И побогато од инаугуралното, истото вклучуваше 22 говорници од 15 различни земји, распоредени во шест разновидни сесии, пригодно насловени според шест од осумте дела на „(И)стории на филмот“ на Жан-Лик Годар, централната проекција во рамки на придружната програма на 13. ФФФ.
Сите излагања од конференцијата беа грижливо документирани и веќе се достапни на Јутјуб каналот на Филозофскиот филмски фестивал. Подготовка на зборник од истите е природниот нареден чекор, круната на овој процес. Веќе во изработка, зборникот е замислен да содржи 10 текста од исто толку реномирани автори, рамномерно групирани во пет поделци, посветени на Годар, на јазикот на филмската уметност, како и на односите меѓу киното од една и политиката, војната и останатите уметности од друга страна.
Како и првиот, и зборникот од втората конференција „Филозофија и филм“ ќе биде објавен на англиски јазик, во рамки на едицијата „Филмософија“ на Филозофското друштво на Македонија. Се очекува да биде готов до крајот на тековната година.
Запечатено време
Андреј Тарковски
Кога првпат ја најавивме лани – во рамки на акцијата за прибирање средства за нејзино издавање – ја најавивме под работниот наслов „Вајање во времето“, со краен рок на печатење „ноември 2023“, како трета книга во едицијата „Фил(м)ософија“. Околностите не беа најмилостиви кон нашите намери, па годинава (со длабоко извинување и понизен завет) сме принудени да ја најавиме повторно, и тоа под новиот наслов „Запечатено време“, со краен рок на печатење до крајот на годинава и како четврта книга во веќе наведената едиција.
Доцнењето, верувајте ни, не се должи на негрижа или на недисциплина, туку на искрена желба жртвено да го испочитуваме ликот и делот на Тарковски. Како што самиот тој вели на едно место, неговата цел во животот била да ја преобликува калта на реалноста во бронзата на уметноста – и тоа онаа хоратиевската, што ја надживува привременоста на постоењето. Таква е и нашата: којзнае дали некогаш ќе има простор, во мала средина како нашава, за второ издание на „Запечатено време“, па сакаме првото да е што побогато, што поцелосно, што поконечно.
Низ раскошно акрибичниот превод на Андреј Јованчевски и низа уреднички анотации и коментари (толку нужни и во рускиот оригинал, а толку отсутни од сите преводи!), ќе се обидеме, со македонското издание на „Запечатено време“, да поставиме терен за посуштинска комуникација меѓу уметничката визија на Тарковски, неговото творештво и неговиот живот – а и меѓу сите нив заедно и нашево време, во кое (како што често предвидуваше Тарковски) филмот веќе има стекнато статус на доминантна и најкомуникабилна уметност.