Андреј Тарковски – „Вајање во времето“

АКЦИЈА ТАРКОВСКИ

Можеби и пред ниедно друго режисерско име суперлативот „најголем“ не прилега поприродно отколку пред она на Андреј Тарковски; па, сепак, досега речиси ништо од него не е приопштено на македонски јазик. Филозофското друштво на Македонија [ФДМ], во соработка со Филозофскиот филмски фестивал [ФФФ], има намера да го промени тоа кон крајот на годинава, кога ќе го објави македонскиот превод на естетскиот magnum opus на Тарковски, Вајање во времето. За жал, средствата што за таа цел ни беа отстапени од народниот буџет – преку Конкурсот за поддршка на културата во делот на издаваштвото од страна на Министерствотото за култура – се прескромни и ни оддалеку не соодветствуваат на потребите за еден ваков потфат. Оттука и оваа претплатничка акција.

Со купување примерок од македонскиот превод на Вајање во времето, во време на подготовка на изданието, по цена од 600 денари, нема да добиете ништо особено освен примерок од книгата по неколку месеци и краткотрајното задоволство дека сте учествувале во нејзината изработка. Ние ќе добиеме нешто повеќе: можност посоодветно да им се заблагодариме на учесниците во проектот за вложениот труд. Должни сме, во име на искреноста, и за следнава напомена: независно од успехот на оваа акција, Вајање во времето ќе биде објавена на македонски јазик, со внимателен превод од руски јазик и со уреднички анотации, како четврта книга во специјализираната едиција Филмософија. Па, сепак, вашата поддршка ќе ни значи. Многу. Извинете што не можеме да ви возвратиме за неа со нешто повеќе од: фала ви.

Средствата за оваа акција може да се уплатат на следната жиро сметка:

300000004622959 [Комерцијална банка] на име: Филозофско друштво на Македонија Скопје – Проект Тарковски

ОПИС НА ПРОЕКТОТ

„Вајање во времето“ – изворно „Запечатленное време“ („Запечатено време“) – е единствената книга што големиот советски режисер Андреј Тарковски ја приготвува и одобрува за печат за време на неговиот релативно краток живот. Пишувана во тек од речиси две децении ширум стариот континент (Москва – Сан Грегорио – Париз), книгата првично се јавува во германски превод, под насловот „Die versiegelte Zeit“, набрзо откако Тарковски го завршува својот последен филм, „Жртвопринесение“, и неколку месеци пред да го напушти овој свет, во онколошкото одделение на една париска болница, два дена пред почетокот на 1987-ма година. Истата таа година, издаваштвото на Тексашкиот универзитет во САД го објавува и преводот на Кити Хантер-Блер на англиски јазик; на насловната страница од ова издание, а по сугестија на советската филмска критичарка Олга Суркова (низ чии разговори со Тарковски се скицирани неколку од клучните поглавја во книгата), првпат се јавува синтагмата „Sculpting in Time, чија поетичност во фразирањето и прецизност во описот (две нешта што за Тарковски отсекогаш биле синонимни) е причина што на повеќето јазици книгата е позната под токму овој наслов. Моментната намера е така да биде и на македонски јазик.

Идејата да напише книга во која ќе ги изложи своите филозофски сфаќања за филмот и уметноста, кај Тарковски се раѓа набрзо откако неговиот втор филм, „Андреј Рубљов“ – денес сметан за еден од најдобрите филмови на сите времиња – е пречекан на нож од советските цензори, на кои не им се допаѓа неговиот „елитизам“ и слободоумност, неговата политичка амбигвитетност и спиритуализам. Како последица на ова, во Русија „Андреј Рубљов“ е прикажан долго откако филмот веќе ја добива наградата на критичарите на Канскиот филмски фестивал во 1969 година. Истата приказна ќе го следи Тарковски до крајот на неговиот живот: ценети на Западот, неговите филмови ќе бидат проследувани со стоечки аплаузи и изрази на воодушевување меѓу западните критичари и напредни интелектуалци, барем неколку месеци (па и години) пред да бидат проектирани на платната во московските и петербуршките кина. Најпосле, и првото целосно издание на „Вајање во времето“ на руски, јазикот на кој книгата е изворно пишувана, се јавува дури во 2002 година, кај издавачот ЕКСМО-Прес. Од очигледни причини, ова издание е и најцелосното на кој и да е јазик – па, оттука е и изданието што имаме намера да го искористиме како основа за преводот на македонски.

Во предговорот на книгата, Тарковски експлицитно посочува дека потребата да ја напише „Вајање во времето“ била тесно врзана со збунетите реакции на неговата избрана публика. „Упорната желба на моите гледачи да ја сфатат природата на емоциите што во нив ги предизвикуваат моите филмови,“ пишува тој, „да добијат одговор на безбројните прашања што истите ги раѓаат, ете тоа ме поттикна, најмногу од сè, своите неврзани и хаотични размислувања за филмот и уметноста конечно да ги сведам на еден заеднички именител […] Оваа книга е диктирана од таа желба и надежта дека низ неа ќе можам да се пробијам низ џунглата можности што ги нуди оваа млада и преубава уметност која, во суштина, е многу малку истражена – а сè со цел низ тој пробив да се откријам и себеси и својата индивидуалност.“

Немал е бројот на критичари и интелектуалци кои сметаат дека Тарковски успеал во секоја од овие цели. За Ијан Кристи, Вајање во времето е најинтимниот вовед кон творештвото на Тарковски и најдлабокумната визија за тоа што всушност е филмот. Ерик Дејвид, пак, вели дека таа е една од најважните книги за филмот кога и да е напишани, а можеби и најзначајната напишана од еден режисер. Ништо чудно, ако се има предвид дека Тарковски е сметан за еден од највлијателните гении на филмската уметност, и тоа не само од страна на филозофи од рангот на Жан-Пол Сартр или писатели како Салман Ружди, туку и токму од страна на неговите колеги-режисери. Тој е еден од најголемите според Бергман, Куросава, Кјешловски, Киаростами, Ангелопулос, Жулавски, Џејлан, Ханеке, Ињариту… Такви ремек-дела како Ашик-Кериб на Параџанов, Небото над Берлин на Вендерс, Московската елегија на Сокуров и Антихрист на Ларс фон Трир завршуваат со нежни посвети на Тарковски, исклучителниот меѓу исклучителните, поетот меѓу режисерите, филозофот меѓу поетите.

Па, сепак, досега не е преведено речиси ништо од Тарковски на македонски јазик, а одбранети се неколку магистерски трудови фокусирани на неговото творештво (Атанас Чупоски, Џанер Асимов) и објавени цела низа осврти на неговите филмови во периодиката (Јадранка Владова, Славица Србиновска, Стефан Санџаковски…) Впрочем, на македонски веќе имаме достапна и рецензија на Вајање во времето (од Кети Каранфилова, во Кинопис 4(7), 1992, 71-76), но истата е правена како исчит на американското издание од 1989-та година, кое ниту е сосема верен превод на руското, ниту пак е интегрално издание. Македонското издание е замислено како корекција и на едното и на другото, во внимателен превод од руски јазик и со богати анотации кои треба додатно да го доближат истото до македонската публика.

Досега, во рамки на едицијата, се објавени дијалозите на познатиот германски режисер Вим Вендерс и австралиската професорка по филозофија Мери Зурнази, „Замислување на мирот: Дијалог за перцепцијата“, како и Зборникот од конференцијата “Philosophy and Film”, одржана на 25 мај 2021 година, во рамки на 11. издание на ФФФ .

Уредник на изданието: Виктор Јованоски

Related Post