Интервју со Кшиштоф Зануси, специјален гостин на 13. ФФФ

Кшиштоф Зануси: Прво ме сметаа за најнадежен, а по три години за ненадежен студент
Луѓето кои се понапредни, поамбициозни, кои имаат повисоки цели, тие го менуваат светот. Тие ќе го сакаат филмот засекогаш, претпоставувам. И никогаш нема да го напуштат.
Филмот „Совршен број“ на еден од најголемите европски режисери и сценаристи на денешнината – Кшиштоф Зануси од Полска ќе биде прикажан на 8 јуни во Кинотеката, во рамките на Филозофскиот филмски фестивал. Легендарниот режисер, добитник на „Златен лав“ во Венеција в0 1984 година, наградуван на Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио – Зануси ќе биде гостин на фестивалот. Тој е еден од 40 основачки членови на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман.
Сцена од „Совршен број“
Филозофскиот филмски фестивал во Скопје е еден од ретките фестивали во светот кој, освен филмската естетика, ја негува врската меѓу филмот и филозофијата преку изобилство отворени прашања и провокативни теми. Која беше Вашата главна мотивација да го испратите „Совршен број“?
– Па, мојата мотивација е потполно идентична со Вашиот опис, затоа што направив филм каде поставувам прашања што ги нарекуваме филозофски или егзистенцијални и се надевам дека на овој фестивал ќе ја пронајдам публиката и критичарите кои би биле доволно паметни да се вклучат во ваква дебата, затоа што просечниот филмски критичар денес е некој кој има многу малку познавање од филозофијата, и најчесто само ни кажува за дејството, но не и за мислата или рефлексијата поттикната од тоа дејство. Па, мислам дека ова е совршеното одредиште и многу сум среќен што филмот ќе биде на фестивалот, а и многу сум радосен што го придружувам филмот и што ќе учествувам во дискусијата.
Дали мислите дека филозофијата на некој начин е суштинска за кинематографијата или за филмското искуство?
– Да, бидејќи наративната уметност ни дава искуство што не сме го доживеале лично. А ако сакате да го направите ова извонредно и поголемо, од сите живи суштества, само луѓето можат да го акумулираат искуството од претходните генерации. Имам осум кучиња, ниту едно од нив не го познава животот на нивниот дедо. А јас знам за животот не само на мојот дедо, туку и на Јулиј Цезар и Мојсеј, но и на многу други значајни личности кои живееле долго пред да се родам. Па така, наративната уметност акумулира искуство и размисла за животот и затоа е толку скапоцена. А тоа се однесува и на романот, на театарот, на сценската игра, и се разбира, наративната уметност денес се филмот, ТВ сериите, аудиовизуелното базирано на фикција.
Вие сте еден од најголемите активни режисери на нашето време. Што за Вас претставува филмот како уметничка форма и што сметате дека е најважно кога создавате еден филм?
– Па, би сакал да им го поставам ова прашање на луѓето кои пишуваат за моите филмови, бидејќи тие имаат пообјективно гледиште. Но, знам дека животот е предизвик. Тоа не е лесна задача. А во вашата земја, која толку многу страда, веројатно ова го разбирате повеќе отколку во другите земји, кои се безбедни и сигурни. Но, штом знаете дека животот е предизвик, дека животот може многу лесно да се изгуби, дека животот може залудно да се потроши, поради сопствени грешки или поради околностите, тогаш она што е моја мотивација да правам филмови е да им дадам надеж на луѓето, но и предупредување. Затоа што треба да бидат предупредени за грешките на другите, кои треба да ги избегнуваме. Треба да се учи од туѓите грешки, бидејќи животот е неповратен. Значи, што и да правите погрешно, го правите погрешно засекогаш.
Сте студирале филозофија на Јагелонскиот универзитет во Краков, а сте студирале и физика во Варшава, за потоа да преминете на режија со студиите на Филмската школа во Лоѓ. Како ова спојување, оваа констелација од трите дисциплини, се поврзува во она што го знаеме како Ваше творештво?
– Јас сум длабоко вљубен во физиката, дури и денес. Но, физиката никогаш не беше длабоко вљубена во мене. Бев просечен и по четири години сфатив дека немам шанси да бидам подобар од таа просечност. А бев премногу амбициозен за да го прифатам тоа. Филозофијата беше попатна станица. Сепак, многу плодна. Студирав слободна филозофија во комунистичка земја, бидејќи тоа беше исклучителниот случај на Јагелонскиот универзитет во Краков, дури и под комунистички режим, по протестите од ’56-тата, по овој период на ослободување, да имаме редовна наставна програма, а не марксистичка, дури и по филозофија. Беше многу инспиративно, но дефинитивно не беше моја професија. И додека снимав филмови и добивав многу награди за моите филмови на разни фестивали, сфатив дека можеби тоа е она што треба да го правам. Па се пријавив на Филмската академија во Лоѓ, истата на која завршија Полански и останатите. Бев примен, но по три години ме исклучија. Но беше значајно искуство. Затоа што тогаш знаете колку кариерата може да биде кревка и колку се менливи ставовите. Прво ме сметаа за најнадежен, а по три години ме сметаа за ненадежен студент. Сепак, Факултетот ми дозволи да се пријавам повторно и конечно дипломирав. Оттогаш знам дека дури и кога добивам награди, можеби ќе бидам уништен од друг критичар. И сопствената позиција никогаш не е сигурна, дури и кога човек ги има моите години.
Сцена од „Совршен број“
„Совршен број“ покренува толку многу филозофски прашања кои покриваат метафизички, етички и религиски теми. Што беше главниот катализатор на идејата да се започне со снимањето на овој филм? Дали тој беше заснован на креативниот порив на еден зрел филмски автор, меѓутоа и на човек со филозофски хабитус кој е во фаза на апсолвирана мудрост?
– Повеќето мои филмови се базирани на мои сценарија. Пишувам набљудувајќи ги луѓето и имаше некои модели што ги користев во овој филм. Некои вистински ликови што ги прикажав. Но, вистинската порака на филмот е дека успехот не е вистинска вредност. Дека единствената вредност што се потврдува во животот е љубовта. И тоа е она што треба да го научат и двата мои лика. Затоа што стариот има постигнато сѐ што може да се постигне во материјалниот свет. Тој е здрав, богат, неверојатно богат. Тој има моќ. Но, не љубел никого. Па така, тој се чувствува мизерно на неговиот критичен ден. А младиот можеби ќе научи од него и ќе се обиде да го подобри својот егоистичен карактер. Мислам дека ова е пораката. Пораката, исто така, е дека постои духовна димензија на животот. Не само материјална. А тој материјализам е многу длабоко вкоренет во 19 век. Но тоа повеќе не е прогресивно. Тоа беше прогресивно во минатото, но не е повеќе. И тоа е она што треба да го примениме во уметноста. Да покажеме дека се значајни и другите димензии, не само материјалните.
Дали може на некој начин ова Ваше последно филмско остварување да се гледа и како синтеза на Вашата досегашна работа, бидејќи се навраќате или повторно разгледувате многу од темите што ги обработувате и во другите Ваши филмови? И, исто така, често нагласувате дека го гледате како „филм за математиката и за Бога“. Можете ли да елаборирате за овие две точки и колку Вашата работа всушност гравитира околу оваа тема?
– Токму така. Затоа што јас сум, на некој начин, можеби малку покомпетентен од многу мои колеги, бидејќи ја имам оваа научна позадина. И мислам дека луѓето од науката се многу понапредни во нивниот поглед на животот отколку луѓето со хуманистичка позадина, кои сè уште се многу длабоко вкоренети во науката од 19 век. Во Фојербах, Ренан, Енгелс и многу други мислители. Во Ниче, кој ја објави смртта на Бога. A денес, со квантната физика, имаме сосема поинакво видување за тоа што е материјата. Кога велиме дека е многу веројатно дека материјалниот свет не е единствениот свет што постои, ова е нешто многу модерно и многу авангардно. Тоа е она што ни го кажува науката денес. Затоа сум многу приврзан за овој научен аспект на познанието. И мислам дека треба да го искористиме овој голем напредок. Да се искористат новите алатки на мислата, на расудувањето. И во филозофијата се обидуваме да го искористиме она што ни го нуди науката. Како алатка или инструмент, како метод.
Годинава фестивалот прави омаж на Годар. Има една негова мисла во (И)сториите на филмот, „филмот е форма која размислува“. Професорот Стефан Сидовски-Сидо, пак, кој беше пионер во истражувањето на филмот и филозофијата во Македонија и овде го сметаме за мајстор на аматерскиот филм, честопати велеше дека „филмот е мислење во слики“. Дали би се согласиле со ова видување? Со Жан-Лик Годар или со Сидовски во тоа како пристапувате кон филмската уметност?
– Па, имав привилегија лично да го познавам Годар. И имам прочитано многу негови изјави и имам гледано многу негови филмови. Тој дефинитивно беше одличен истражувач. Дефинитивно не се согласувам со повеќето негови ставови, но многу ценам колку беше отворен и филозофски настроен. И тој дефинитивно ја обликуваше филмската уметност со неговите погледи, а исто така и со неговите филмови. Па, многу ми е драго што му оддавате почит оваа година, затоа што неговите достигнувања беа големи. Сепак, не се согласувам со многу негови ставови. Мислам дека тој многу се потпираше на материјализмот од 19-иот век. Но, тој беше многу добро интелектуално поткован да пишува за сопствените креации и креациите на другите. Со други зборови, дури и ако длабоко не се согласувам со повеќето гледишта на Годар, многу ги почитувам неговите ставови, како и неговата работа и неговата личност.
Би сакале да го контекстуализираме ова во денешно време. Која е улогата на режисерот во сложениот дискурс на современото општество? И имајќи ја предвид состојбата на работите денес, што мислите која е иднината на филмската уметност?
– Се обидувам да разликувам помеѓу две прашања кои се паралелни. Не знам која е иднината на филмската уметност. Го сакам киното, тоа е темна просторија во која добивам 100 проценти од вниманието на моите гледачи. Но, иако денес некои од филмовите се гледаат на мобилни телефони, сепак тоа е наративна уметност која има аудиовизуелна форма. И не се сомневам дека аудиовизуелното има голема иднина. Времето на Гутенберг е завршено, а иднината е во аудиовизуелното. Сепак, се надевам дека ќе има диференцијација и дека ќе го имаме и овој поинтензивен израз што можете да го гледате само во темната соба и ова, да речеме, поповршно раскажување, кое можете да го гледате на мобилен телефон. И двете се крајности. Но, тоа што ми е важно е авангардното, односно тоа што го гледа најнапредниот дел од општеството. А останатите ја следат авангардата. Така што мислам дека авангардата нема да замине, звучи многу елитистички, но на некој начин авангардата е елита. Мораме да го признаеме тоа, дури и ако не ни се допаѓа зборот. Луѓето кои се понапредни, поамбициозни, кои имаат повисоки цели, тие го менуваат светот. Тие ќе го сакаат филмот засекогаш, претпоставувам. И никогаш нема да го напуштат.
Колку и да е тесен тој круг на луѓе, мислите дека вреди да се прават вакви проекти, коишто се многу специфични, односно за помал круг публика?
– Секако. Видете, пред 2000 години Исус Христос имал само 12 апостоли. И тие целосно ја променија реалноста на античкиот свет. Ја променија, ја уништија Римската империја. А биле само дванаесет. Идејата е дека ако мала група на луѓе е силна и длабоко мотивирана и има одредена релевантна порака, таа може да придобијат големо мнозинство кое пати од инерција, кое следи и не се движи со своја сила.
Сцена од филмот „Година на тивкото сонце“
Што би можеле да очекуваме следно од Вашата креативна, уметничко-филозофска лабораторија? Кој е следниот проект на кој работите?
– Па, работам на неколку проекти. Многу сум заинтересиран да искористам нешто што сметам дека е многу специфично за филмот. Текот на времето. Во литературата имаме многу поограничени можности. Но, со филмот навистина можеме да летаме низ времето, да се вратиме назад и да одиме напред. Нашата перцепција за времето, го знаеме тоа од животот, е делумна. Секој од нас живее во различно време. Мислам дека ова може да се изрази преку филмот. За тоа се моите следни два проекти.
Филмот е и временска уметност. И оваа идеја за вајање во времето, започнувајќи со Тарковски е нешто што ни е драго и блиско. Патем, оваа година работиме и на првиот превод на македонски на „Вајање во времето“ на Тарковски. Сигурна сум дека сите со нетрпение го очекуваат Вашето следно дело.
– Ви благодарам многу. Бев близок пријател со Тарковски. Со задоволство ќе ви раскажам неколку приказни за него кога ќе се сретнеме.
Пишуваат: Кирил Трајчев и Ана Дишлиеска Митова
*првпат објавено на 3-ти јуни 2023 во УМНО