Фил(м)ософија со деца 14. ФФФ

22.5 (среда) 13:00-14:30   Кинотекa

ПРОЕКЦИЈА НА ФИЛМ И РАБОТИЛНИЦА ЗА ДЕЦА
со д-р Мартин Поповски

Во рамките на сегментот наречен „Фил(м)ософија со деца“, Филозофскиот филмски фестивал и оваа година приреди фил(м)ософско доживување за најмладата публика. Овој пат Кинотеката беше домаќин на деца од трето одделение од ООУ „Јан Амос Коменски“ кои учествуваа во работилницата со наслов „Зошто јас сум јас?“. Со прикажување на кратки филозофски провокативни видеа, децата беа поттикнати да ги споделат своите автентични размислувања и да дискутираат за нив, притоа совладувајќи ги основните правила на филозофската дискусија кои – покрај тоа што резултираат со развивање на критичкото и креативно мислење, имагинацијата и љубопитноста – истовремено ги унапредуваат и социјалните вештини, како што се меѓусебното почитување и разбирање, соработката и емпатијата. Филозофската дискусија кулминираше со создавање на листа на специјални состојки – или „зачини“ (со точно одредени количини на секоја од овие состојки) – кои прават јас да бидам јас, а не некој друг. Оваа листа беше составена единствено од автентичните идеи и размислувања на децата, без притоа на ниту еден начин да бидат насочувани или да им бидат наметнувани одредени гледишта или ставови. Работилницата по фил(м)ософија со деца се одржа на 22 мај и беше раководена од страна на д-р Мартин Поповски.

 

 

МАРТИН ПОПОВСКИ е доктор на науки од областа на филозофијата на науката, магистер од областа на методиката на наставата по филозофија и реализатор на часови по филозофија со деца во „Училница“ [платформа за едукација на деца и млади]. Тој е пионер во областа на филозофијата со деца во Македонија, промовирајќи, разработувајќи и реализирајќи ја оваа идеја од 2013 година наваму. Под капата на Филозофското друштво на Македонија, организира, учествува во, и самостојно реализира голем број предавања, работилници и практични реализации на часови по филозофија со деца, во соработка со истакнати стручњаци од областа од земји како САД, Данска, Франција и Бугарија. Поповски е дел од стручниот тим што го реализира Еразмус+ проектот „Филозофија со деца за поширока социјална инклузија (SOPHIE)“. Автор е на неколку научни трудови од оваа област во домашни и меѓународни списанија.

Related Post