Средношколска видео лектира – ФФФ 2023

Оваа година како дел од Едукативната програма, во текот на месец април повторно се одржа Средношколската видео лектира. На 4 април во Младинскиот културен центар во Скопје за учениците од Скопје (6 гимназии) и Велес се одржа проекција на филмот ДУХОТ НА УЛИШТЕТО (El espiritu de la colmena / The Spirit of the Beehive, 1973) на Виктор Ерисе, а потоа во периодот од 5 до 11 април проекции се одржаа уште во 5 градови за учениците од Штип, Неготино, Битола, Гевгелија и Охрид (со ученици и од Струга). Учество земаа околу 500 ученици од 13 училишта (11 градови); освен споменатите уште 3 училишта од Куманово, Свети Николе и Пробиштип имаа училишни проекции. Дваесеттина ученици ги испратија своите есеи заклучно со 5 мај, а од сите од нив, трочлената стручна комисија во состав: Вангел Ноневски, Марија Тодороска и Владимир Мартиновски ќе ги одбере трите најдобри есеи за ова издание. 

Доделувањето на наградите ќе се одржи на специјален настан во Кинотеката (31 мај, 13:00 ч.).

Тројцата првонаградени ученици ќе добијат едногодишна стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, финансиски награди, комплети филозофска литература и списанија од издавачката куќа „Аз-Буки“ и Филозофското друштво на Македонија, комплет ДВД-а со македонски филмови од Кинотеката на С. Македонија, како и курс по шпански јазик и книги од Амбасадата на Шпанија во Скопје. Победничкиот есеј, исто така, ќе биде објавен во списанието Филозофска трибина

Тема за Конкурс за најдобар средношколски есеј:

„ДЕТСКАТА ИГРА, ФАНТАЗИЈАТА И СООЧУВАЊЕТО СО КОНЕЧНОСТА НА ЖИВОТОТ“

Воведно излагање на темата на проф. д-р Ана Димишковска, достапен на YouTube каналот на Фестивалот: Вовед за Средношколска видео лектира – проф. д-р Ана Димишковска (ФФФ 2023) 

 

ДУХОТ НА УЛИШТЕТО (El espíritu de la colmena / The Spirit of the Beehive, 1973)
Виктор Ерисе, Шпанија, 97’

Шестгодишната Ана е срамежливо девојче коешто живее во голема куќа со родителите и сестрата во едно мирно рурално место во Шпанија. Граѓанската војна е тукушто завршена, а во селото се организира проекција на американскиот хорор филм „Франкенштајн“. Филмот остава длабок впечаток врз Ана и иницира нејзин интерес да истражува и да го спознава страшниот свет надвор.

„Духот на улиштето“ е дебитантски филм на Виктор Ерисе, кој со овој поетичен и визуелно извонреден филм во 1973 г. ја освојува главната награда на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан, Златната школка. Ова е филм кој се смета за ремек дело на шпанската кинематографија. 

Related Post