Кратки филмови и омнибус базиран на расказите на Георги Господинов

ОСВРТ КОН ЧЕТВРТИОТ И НАЈАВА НА ПЕТТИОТ ДЕН НА 9. ФФФ

Четвртиот ден од 9. Филозофски Филмски Фестивал беше во знакот на документарниот филм. Во делот од Придружната програма (во 16:00) публиката имаше можност да го види БАДЈУ на Горав и Рохан Калјан. Филмот што ги следи животот и мислата на еден од најпознатите современи филозофи беше проследен со продлабочена анализа на некои аспекти од филозофијата на Ален Бадју од страна на д-р Марија Тодороска. Во излагањето насловено: „Симптомот Бадју“, таа подолго се осврна на три теми: односот Делез-Бадју низ ракурсот на сопственото филозофско растење, Платон-Фуко-Бадју и темата за вистината, како и анти-филозофијата на Витгенштајн.

 

Делот од Ревијалната програма филм-философија, беше посветен на сегментот ФФФ Doc, којшто оваа година се фокусира на Балтичкиот нов бран и поетскиот документарен филм. Прво беше прикажано краткометражното ремек-дело на Херц Франк 10 МИНУТИ ПОСТАР, а подоцна долгометражниот документарен филм МОСТОВИ НА ВРЕМЕТО на Одрис Стонис и Кристине Бриеде. Режисерката Кристине Бриеде беше специјална гостинка на вечерта и таа во разговор со Ана Дишлиеска-Митова даде убав пресек на особеностите на пристапот на балтичкиот поетски документарец, на политичкото и културното милје на неговата појава, на третманот на ова наследство кај помладата генерација документаристи итн.

 

Вечерта се заокружи со третиот филм од компетитивната селекција на долгометражни филмови, односно австрискиот филм ГРАДИНА. Режисерот Питер Шрајнер и во последниот негов филм успешно левитира меѓу играниот и документарниот жанр, доследен на својата суптилна естетика и извонредна камера.

 

Влегувањето во втората недела на Фестивалот, т.е. неговиот петти ден ќе биде одбележано со Првата вечер од Официјалната селекција на краткометражни филмови (18:30). Публиката ќе може да проследи 9 филмови, внимателно избрани од страна на селекторот д-р Дејан Здравков, од неколку земји (Непал, Шпанија, Русија, Португалија, Узбекистан, Германија, Кореја и два филма од Белгија). Ревијално, на почетокот ќе биде прикажан многунаградуваниот македонски краткометражен филм КРУЖНО ПАТУВАЊЕ НА МОНАХОТ од Жарко Иванов.

 

21:30 е време резервирано за компетитивната селекција на долгометражни филмови, односно четвртиот селектиран филм. Се работи за 8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ, омнибус филм базиран на кратките раскази на најпреведуваниот современ бугарски писател Георги Господинов, режиран од шест различни режисери од Бугарија. Темата за апокалипсата низ различни диоптрии суверено е транспонирана од нејзината сеопшта катастрофичност во суптилно лично „зајдисонце“.

Related Post