ФОКУС ГОДАР: Годар: човекот-филм (ФФФ 2023)
ФФФ@МСУ
Настан во најава на 13. издание на Фестивалот
19 мај (петок)
20:00
2023: ФОКУС ГОДАР
ФФФ Doc.: Годар: човекот-филм (Godard Cinema / Godard seul le cinéma, 2022)
Сирил Лоти (Cyril Lаuthy, FR), 101’
Venice Classics 2022
МСУ
Соработка со Музеј на современата уметност Скопје
Излагање на м-р Стефан Палитов
Жан-Лик Годар е човек-филм. Тој е квинтесенцијата на филмот со повеќе од 140 снимени филмови во текот на 60 години. Од каде доаѓа неговата аура? Се разбира, од легендарните филмови, но и од самиот Годар. Тој е јавна личност, но истовремено и човек опкружен со мистерија. Тој е сè, неговата спротивност, и ги има поминато сите можни патишта.
Не е лесно да се фати такво свето, загадочно чудовиште. Маршрутата на Годар следи само една насока: постојано обновување на својата уметност. Креативниот чин го гледа како неопходен чин на критика и деконструкција. Годар во една прилика ќе рече: „Секогаш поаѓам од негативното. Јас сум позитивен човек кој тргнува од негативното.“ Уметник кој неуморно се преосмислува и кој неизбежно се уништува.
Овој видео портрет нè носи подалеку од клишеата на митот којшто некогаш станува и карикатура, за да сретнеме човек посентиментален отколку што изгледа, човек опседнат, а понекогаш и надминат од својата уметност. Бидејќи, да, Годар е човек. Не само машина која размислува и создава слики. Тој е месо, крв, емоции.
Истражувајќи ја вербата на Годар во филмската уметност, режисерот на овој документарен филм ќе рече: „Она што најмногу привлекува и мотивира кај Годар е тоа што тој допушта сè: ги ослободува режисерите да бидат смели, да експериментираат, да ги предизвикуваат навиките“.
Годар: човекот-филм беше премиерно прикажан во програмата Филмски класици (Venice Classics) на Венецискиот филмски фестивал во 2022 година.
Стефан Палитов е режисер, мултимедијален уметник и истражувач кој се фокусира на раскажување приказни, проширени реалности и уметност & технологија. Неговото академско образование вклучува додипломски студии по Филозофија на универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје и студии по режија на ФАМУ во Прага, Чешка. Mагистерските студии ги завршува во рамките на Еразмус Мундус програмата Media Arts Cultures. Покрај создавањето играни и документарни филмови, Палитов има учествувано на изложби на ВР (виртуелна реалност) и мултимедијални уметнички дела. Дел од позначајните изложби се Ars Electronica и изложби во Копенхаген, Хонг Конг, Нанџинг, Чангша… Како дел од artist-in-residence престоите во Кина (поддржано од УНЕСКО) и во ZKM | Центар за уметности и мултимедија, Карлсруе (Германија), Палитов ја има истражувано историјата и дизајнот на 360-степени, ВР и интерактивните уметнички дела.