Од „Бадју“ преку „10 Минути постар“ и „Мостови на времето“до „Градина“
ЧЕТВРТИОТ ДЕН НА 9. ФФФ ПОСВЕТЕН НА ДОКУМЕНТАРНИОТ ФИЛМ
Во 21:30 часот беше прикажан вториот филм од компетитивната селекција на долгометражни филмови, ДИШЕЊЕ ВО МЕРМЕР на Гиедре Беинориуте. Оваа литванско/латвиско/хрватска копродукција базирана на истоимената книга на Лаура Синтија Черниаускаите, добитник на Наградата за литература на Европската унија во 2009 год., постави сложени морални дилеми во однос на разбирањето на семејството и брачната заедница.
Четвртиот ден од Фестивалот ќе биде во знак на ФФФ Doc., односно нишката од Главната програма на Филозофскиот Филмски Фестивал која го евоцира документарниот филм.
Попладнето, во 16:00, ќе биде прикажан филмот посветен на еден од најпознатите филозофи на денешницата, бардот на левицата – БАДЈУ, филм снимен од Горав и Рохан Калјан. Кон филмот, а особено кон одредени аспекти на филозофијата на француската „икона на комунизмот“, ќе се наврати независниот филозофски истражувач, д-р Марија Тодороска во индикативното проседе: „Симптомот Бадју“.
За Балтичкиот нов бран и поетскиот документарен филм ќе стане збор во наредните два филма: култниот краткометражен филм 10 МИНУТИ ПОСТАР на Херц Франк и МОСТОВИ НА ВРЕМЕТО од Одрис Стонис и Кристине Бриеде (18:30). На задоволство на културната јавност во нашата земја, во средбата и разговорот со режисерката од Латвија, Кристине Бриеде, публиката ќе има можност од прва рака поподробно да се запознае со овој специфичен пристап кон документарниот филм и со филмските поети од Балтикот од 60-тите.
Четвртата вечер ќе се затвори со австрискиот играно-документарен филм ГРАДИНА од Питер Шрајнер (21:30), којшто е дел од компетитивната селекција на долгометражни филмови. Режисерот, кој со претходниот филм ЛАМПЕДУЗА беше дел од 7. ФФФ пред две години, остана верен на својот ракопис којшто во своето филмско творештво дава отсјај на атмосферата во филмовите на Бела Тар. Секако, ГРАДИНА е извонреден начин да се заокружи денот посветен на документарниот филм, но секогаш со една свест за игривоста на филмската форма и филмскиот јазик и поместувањето на хоризонтите на гледањето.