Осврт кон 8. Филозофски Филмски Фестивал 12 – 19 април 2018

Филозофскиот Филмски Фестивал (ФФФ), во 2018 год. Со своето второ интернационално издание, ја востанови  Македонија како еден од светските центри на филм-философијата, со единствен специјализиран фестивал од овој вид и со овој обем во светот  кој се одржува токму во Скопје. Полека, но сигурно, Фестивалот станува препознатлив и надвор од локалните и регионалните рамки, со професори и режисери од целиот свет кои учествуваат на Фестивалот и чии филмови се наградувани во рамките на неговата Компетитивна програма. Она што го одбележа 8. издание на беше збогатувањето на фестивалската програма во едукативниот сегмент за прв пат воведувајќи програма за најмaлите, децата, преку инаугурирање на филозофијата за деца како дисциплина во Македонија и експерименталниот пристап на поврзување на филозофската имагинација и непосредноста на филмскиот јазик во пристапот кон филозофијата за деца.

Фестивалот се одржа во периодот: февруари – мај, со Главната програма од 12-19 април во Кинотеката на Македонија. Во оваа вре­ менска рамка беа одржани голем број настани од Едукативната програма (проекција на средношколска видео лектира, работилници во Скопје и низ Македонија, свечено доделување на наградите од Конкурсот, програма за деца), Главната програма во Скопје (проекции на филмови, излагања и дискусии со универзитетски професори, истражувачи и режисери, предавања во сора ботка со Филозофскиот факултет и филмски те академии со кои соработува Фестивалот, музички настани) и низ Ма-кедо нија – ФФФ Караванот (проекции на победничките филмови од Компетитив-ната програма, проекции на филмови со гостувања и дискусии со публиката). Фес-тивалот во рамките на околу 40 настани опфати повеќе од 1900 луѓе низ цела Ма-кедо нија, од кои 680 учесници во трите сегменти од Едукативната програма на Фестивалот. Програмата се одвиваше на повеќе од 10 локации низ целата земја (Кино тека на Македонија – Главна програма; Младински културен центар: Кино Фрос ина, Џебно кино и НВО центар; Филозофски факултет; Интернационално училиште НОВА; Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕФТА, Факултет за драмски уметности – Скопје, Филмска акаде мија при УГД Штип, МСУ „Г.Р. Державин“ – Св. Николе, Кино „Мис Стон“ – Прилеп, Центар за култура (Мала сала) – Битола и Институтот за филм – Филмска академија Охрид (ФИОФА)).

КРАТКИ ФАКТИ
ЗА ФФФ 2018 

  • повеќе од 1900 посетители на 10 локации низ Македонија,
  • 36 долгометражни и краткометражни филмови од 27 земји во светот,
  • 40 настани во шест градови (Скопје, Штип, Св. Николе, Битола, Прилеп и Охрид),
  • 11 домашни и интернационални гости со 15 излагања и дискусии на различни теми,
  • доделени 4 награди „Златен був“ за најдобрите долгометражни и краткометражни филмови според жирито и публиката на ФФФ 2018,
  • 18 гимназии од Македонија вклучени во Едукативната програма, 43 пристигнати есеи на Конкурсот за средношколски есеј и доделени награди на четворица ученици (стипендии, литература, финансиски награди итн.),
  • работилница за филозофија и филм со изработени три филмски етиди,
  • инаугурирана филозофијата за деца во Македонија, со експерт од Данска, специјален гостин на Фестивалот – Дејвид М. Ларсон и експериментални филм-философија часови за деца од 8-10 год.
  • опфат на 680 млади луѓе од 12 градови во Едукативната програма,
  • проширување на националната соработка и промоција на Фестивалот во светски рамки присуство на интернационалната „Film-Philosophy Conference“ во Гетеборг, Шведска,
  • 10 видеа од предавањата и дискусиите во Главната програма достапни на YouTube каналот на Фестивалот.

 

 

ЕДУКАТИВНА ПРОГРАМА

Неофицијалниот почеток на ФФФ како и секоја година беше во месец февруари – отворањето на Едукативната програма на Фестивалот со средношколската видео лектира наменета за средношколската популација (15 февруари, Кино Фросина/МКЦ). Годинешното издание на Фестивалот вклучи 18 гимназии и средни училишта од 12 градови низ Македонија, најголем број досега[1]. Во средношколската видео лектира беа вклучени 22 средношколски професори и околу 450 ученици. По успешната проекција на средношколската видео лектира – проекцијата на култниот вестерн „Човекот кој го застрела Либерти Валанс“ (The Man Who Shot Liberty Valance, 1962) на Џон Форд, на Конкурсот за најдобар средношколски филмософски есеј на тема Либерти Валанс – правото на силата или силата на правото? пристигнаа 43 есеи на учениците, изработени под менторство на нивните професори. На 15 април, во рамките на Главната програма на Фестивалот, се одржа свечено доделување на наградите од Едукативната програма во Кинотеката на Македонија (стручна комисија: проф. д-р Дејан Донев, доц. д-р Јасмина Поповска и д-р Виктор Илиевски) каде четворица ученици беа наградени: третото место го поделија двајца ученици – Никола Јовановски (СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ – Скопје, ментор: Даниела Николова) и Мими Филова (СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, ментор: Снежана Арџанлиева-Танева), второто место му припадна на Никола Донев (СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип, ментор: Данка Јовева), а првото место го заслужи Александра Танасоска (СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје, ментор: Гордана Никчевска). Учениците добија­ едногодишни стипендии од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, вредносни ваучери за парични награди во вредност од 1.500, 3.000 и 6.000 денари соодветно, филозофска литература – книги од издавачката куќа „Аз-Буки“ и националното списание за филозофија Филозофска трибина, македонски филмови од Кинотеката на Македонија, како и филмското списание Кинопис. Првонаградениот есеј на Александра Танасоска објавен во Средношколскиот форум на овој број од Филозофска трибина (стр. 137-142). Сите ученици и професори добија сертификати за учество или менторство на Конкурсот, а учениците од Гевгелија имаа можност и да ја посетат Кинотеката и Филмскиот архив на Македонија.


Едукативната програма на Фестивалот продолжи во месец март (20-28 март, НВО центар) со Работилницата за филозофија и филм за младите кои сакаат да „мислат низ слики“ или, пак, за оние кои се во потрага по нов израз на својата креативност. Работилницата беше овизуелни уметности ЕФТА. Низ три воведни предавања насловени: Филозофија на филмската уметност, Структура на филмот и Класична теорија на филмот, професорот Сидовски, кој едновремено е и професор по филозофија и мајстор на аматерскиот филм во Македонија, успеа да им отвори еден нов поглед на филмот на десеттемина учесници во работилницата – а како производ од работилницата произлегоа и три филмски етиди кои беа прикажани за време на свеченото доделување на наградите од Едукативната програма. Двајца од учесниците на Работилницата (Бојан Таневски и Филип Лафазановски) беа поттикнати и понатаму да креираат во областа на седмата уметност со ревијално прикажување на еден од нивн­ ите претходно остварени кратки филмови – „Филм со главен лик.“ во втората вечер на краткометражни филмови на ФФФ. Во рамките на Работилниците за млади беа одржани и две едукативни работилници­ со учениците од СОУ „Кочо Рацин“ – Св. Николе и Државното музичко училиште во Битола. Интерактивните работилници беа организирани од стручните соработници и селектори на Фестивалот – проф. Кирил Трајчев и д-р Дејан Здравков.

Третиот и последен сегмент од Едукативната програма на Фестивалот беше новина на 8. издание – сегментот Фил(м)ософија за деца во кој специјален гостин во периодот од 10-14 април во Скопје беше Дејвид М. Ларсон (David. M Larson), специјалист за филозофија за деца од Данска. Ларсон одржа воведно предавање на Филозофскиот факултет во Скопје „What if the World Was Transparent? – a Simple Guide for Spreading Philosophical Wonder in the Classroom“ (11 април), претставувајќи им ја на присутните оваа современа дисциплина и практика­ и пренесувајќи дел од искуството од нејзиното воведување во Данска. По воведното предавање коешто беше отворено за пошироката публика, Ларсон одржа Работилница за филозофија за деца за наставници, студенти и млади истражувачи (11 април, Џебно кино/ МКЦ) со 20 учесници коишто имаа можност на интерактивен начин да се запознаат со дел од техниките и методите на практикување филозофија за деца, а неговото гостување беше заокружено со Практичната демонстрација во Интернационалното училиште НОВА (12 април).

Ларсон заедно со учениците од две паралелки одржа четири часови на тема „Пријателство“ и „Време“ и, користејќи различни методи и техники, го прикажа богатсвото на пристапи коишто можат да се користат при практикувањето филозофија со деца. По завршувањето на првиот дел од програмата (запознавањето за прв пат во Македонија со филозофијата за деца), д-р Мартин Поповски, стручен соработник за овој сегмент на Фестивалот, одржа експериментален час за филозофија и филм со користење анимирани филмови за деца како предлошка за развивање дискусија во училницата. Пилот часот беше одржан со една паралелка од ОУ „Блаже Конески“ во Скопје (13 април, Џебно кино/МКЦ), а по завршувањето на Фестивалот се одржа уште еден пилот час во приватното училиште „Јахја Кемал“ на 16 мај. Во овој сегмент беа опфатени околу 150 возрасни и деца коишто можеа да се запознаат со придобивките од филозофијата за деца и можностите што таа ги нуди за развивање на креативната мисла и критичката рефлексија уште од најрана возраст.

[1] На годинешното издание на Фестивалот учествуваа следниве гимназии: СУГС Гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, СУГС Гимназија „Орце Николов“, СУГС Гимназија „Георги Димитров“, СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“, СУГС Гимназија „Никола Карев“, ПСУ „Јахја Кемал” и ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ (од Скопје) и 11 гимназии низ Македонија: СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, Државно музичко училиште – Битола, СОУ Гимназија „Кoчо Рацин“ – Велес, СОУ „Кирил и Методиј“ – Неготино, СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе, СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш, СОУ „Свети Климент Охридски“ – Охрид, СОУ „Богданци“ – Богданци, СОУ Гимназија „Гоце Делчев“ – Куманово, СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип и СОУ „Наум Наумовски – Борче“ – Пробиштип.

 

ГЛАВНА ПРОГРАМА

Главната програма на Фестивалот (Ревијална програма: филм-философија, Официјална селекција на долгометражни филмови, Официјална селекција на краткометражни филмови и Придружна програма) традиционално се одржа во месец април во Скопје, во осум фестивалки денови – оваа година од 12-19 април во Кинотеката на Македонија. Со проекција на 36 филмови од 27 земји (12 долгометражни и 24 краткометражни филмови), организирани 12 излагања, предавања и Q&A сесии со 11 домашни и интернационални гости  – универзтетски професори, истражувачи и режисери (тројца од Македонија и осум од странство), македонската публика имаше можност преку овој оригинален трансдициплинарен проект  и естетски да ужива, но и да (пре)открие филмски класици и современи филмски­ достигнува­ ња податливи за една автентична филозофска и филмска анализа. Во рамките на Ревијалната програма: филм-философија се одржаа шест настани – проекции на култни филмови или современи филмски остварувања релевантни за филозофска обра­бот­ка­ во присуство на гостите на Фестивалот. Фестивалот беше свечено отворен на 12 април со музичкиот настап на Сашко Костов, а по проекцијата на австралискиот филм „Ограда против зајаци“ (Rabbit-Proof Fence, 2002) на реж. Филип Нојс, академик Ферид Мухиќ имаше свое излагањена тема Светот – карантин за лепрозните и отворена дискусија со публиката. По завршувањето на вечерта следуваше коктел во фоајето на Кинотеката на Македонија во соработка со спонзорите на Фестивалот, винаријата Камник и компанијата Горска. Втората фестивалска вечер (13 април) ја збогати вонр. проф. д-р Џан Мариа Торе (Gian Maria Tore) од Универзитетот во Луксембург кој по проекцијата на новореставрираната верзија на култниот „Вртог­лавица­“ (Vertigo, 1958) на Алфред Хичкок, отвори дискусија со публиката по своето излагање на тема Vertigo: The Thinking and Living Image. Фестивалската сабота беше резервирана за Хана Павек (Hannah Paveck), докторанд на Катедрата за филмски студии на Кингс колеџ во Лондон која донесе извонредна перспектива со излагањето на тема Intrusions: Claire Denis and Jean-Luc Nancy отворајќи го подиумот за дискусија околу улогата и значењето на звукот и тишината во филмот како аудиовизуелна уметност. Излагањето следуваше по проекцијата на францускиот филм „Натрапникот“ (The Intruder / L’intrus, 2004) на познатата француска режисерка Клер Дени (Claire Denis), инспириран од автобиографското дело на современиот француски филозоф Жан-Лук Ненси (Jean-Luc Nancy). Настанот се одржа на 14 април во Кинотеката на Македонија и беше поддржан од Францускиот институт во Скопје, по филмската програма се одржа Џез вечер со Шамба Jazz Трио во фестивалскиот бар Мартини како дел од Придружната програма.

По дводневната пауза со вечерите на кратки филмови, на 17 април Ревијалната програма на Фестивалот продолжи со ФФФ Doc. сегментот и норвешкиот документарен филм „Браќа“ (Brothers / Brødre, 2015) на режисерката Осло Холм (Аslaug Holm) низ перспективата на д-р Бошко Караџов кој говореше на тема Филозофија на детството или кон онтолошкиот јазик на детската игра. Во контекст на годинешното издание на Фестивалот кое беше посветено токму на отворање на перспективите за филозофијата за деца во Македонија (дисциплина широко поддржана од УНЕСКО во светот), како и нејзините вкрстуања со уметноста на филмот во рамките на Фестивалот, предавањето на д-р Бошко Караџов поттикна интересна дискусија за значењето вредноста на детските филозофски прашања од најраната доба поттикната токму од филмот на Холм. Во рамките на Ревијалната програма во Македонија гостуваше и иранскиот режисер Амирхосеин Асгари (Amirhossein Asgari) кој на 18 април имаше Q&A сесија со публиката по проекцијата на неговиот долгометражен филм „Без граници“ (Borderless / Bedone marz, 2014), модерирана од Слаѓан Пенев. Настанот беше организиран со поддршка на Иранската амбасада во Скопје и амбасадорот Хосеин Карими имаше пригодно обраќање пред филмот, а вечерта беше заокружена со пригоден коктел организиран од Амбасадата. Последниот настан во рамките на Ревијалната програма на Фестивалот, а воедно и вечерта на свеченото затворање и доделување на наградите, беше проекцијата на италијанскиот филмски класик „Смрт во Венеција“ (Death in Venice / Morte a Venezia, 1971) со проф. д-р Александар Прокопиев. По доделувањето на наградите од Компетитивната програма на Фестивалот, проф. д-р Прокопиев ја изложи својата тема „Смрт во Венеција“ – од Ман до Висконти и го привлече вниманието на публиката кон релацијата филозофија-филм-литература. Последниот настан од Ревијалната програма беше поддржан од Италијанската амбасада во Скопје и, исто така, беше заокружен со свечен коктел за затворањето на Фестивалот во фоајето на Кинотеката на Македонија.

Покрај проекциите на филмови проследени со излагања во Кинотеката на Македонија, во рамките на Придружната програма на Фестивалот во соработка со Филозофскиот факултет во Скопје и филмските академии со кои соработува ФФФ, беа одржани и предавања на дел од гостите, токму од областа на филм-философијата. Првото предавање го одржа Хана Павек на тема The Voice and its Resonances (13 април, Филозофски факултет) на кое се осврна токму на дистинкцијата ‘hearing-listening’, како вовед во истражувањето на улогата на музиката, звукот и тишината во креирањето на седмата уметност. На Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА во Скопје (16 април) беше одржано предавањето на вонр. проф. д-р Џан Мариа Торе насловено Cinema as a Matter of Style – or: Inventing Films за значењето на филмскиот стил во креирањето на уникатен печат во филмското творештво. Последното предавање се одржа на Факултетот за драмски уметности во Скопје (17 април), со д-р Нил Кенеди (Naill Kennedy) од Велика Британија на тема How Film does Philosophy: the Film-Image in the Work of Gilles Deleuze, за првите теориски истражувања на филмот во рамките на филозофијата од страна на францускиот филозоф Жил Делез.

Во рамките на Официјалните селекции на Фестивалот, од речиси 3000 пристигнати филмови од 110 земји од целиот свет на Отворениот повик на 8. Филозофски Филмски Фестивал, селекторите (проф. Кирил Трајчев – долгометражни филмови и д-р Дејан Здравков – краткометражни филмови) избраа 28 филмови од 25 земји кои беа прикажани во рамките на Официјалната селекција на долгометражни­ филмови и Официјалната селекција на краткометражни филмови на Фестивалот. Жирикомисијата за долгометражни филмови: акад. Ферид Мухиќ, Владимир Љ. Ангелов – директор на Кинотеката на Македонија и режисерот Амирхосеин Асгари од Иран ја доделија Наградата за најдобар долгометражен филм според жирито на „Граѓанинот“ (Тhe Citizen / Az állampolgár, 2016) на унгарскиот режисер Роланд Враник (Roland Vranik) кој беше поканет на 9 мај во Македонија во рамките на Специјалните проекции на победничките филмови, кога и му беше врачена наградата „Златен був“, 17-та награда во светски рамки која ја добива филмот. По проекцијата на филмот следуваше Q&A сесија со Роланд Враник предводена од Мариглен Демири. Наградата за најдобар долгометражен филм според публиката отиде во рацете на романскиот режисер Теди Некула (Tedy Necula), режисер на филмот „Крај мене“ (Beside Me / Coborâm la prima, 2017). Теди Некула заедно со двајца членови од својот тим – Александру Константинеску и Јонуц Докан допатува во Скопје за втората од Специјалниата проекција на Фестивалот која се одржа на 13 мај, а на која публиката имаше можност репризно да го погледне победничкиот филм и директно да влезе во дијалог со режисерот. Q&A сесијата со Теди Некула ја предводеше д-р Александар Зиков. Двете специјални проекции во Кинотеката на Македонија беа со слободен влез за публиката. Во рамките на Главната програма на Фестивалот беше одржана Q&A сесија со косовскиот режисер Дрен Жерка (Dren Zherka) на филмот „Ехо“ (Echo / Eho, 2016) кој допатува во Скопје за македонската премиера на филмот.

Официјалната селекција на краткометражни филмови се одвиваше во две вечери на кратки филмови (15 и 16 април), секоја со 11 филмови од компетитивниот дел на програмата и два филмови кои беа прикажани ревијално – краткиот филм на учесниците од Работилницата за филозофија и филм, и за отворањето на вечерите на кратки филмови – „Крајот на времето“ на нашиот врвен режисер Милчо Манчевски со кој Фестивалот и оваа година ја продолжи успешната соработка. Во селекцијата на краткометражни филмови, жирито во состав: проф. д-р Владимир Мартиновски, м-р Игор Анѓелков и асис. м-р Вера Хаџи-Пуља одлучи „Златниот був“ за Најдобар краткометражен филм според жирито да го додели на Пуџа Гурунг и Бибхусан Баснет за непалско-француската копродукција „Клукајдрвците од Рота“ (The Woodpeckers of Rotha / Dadyaa, 2016), а беа доделени и две специјални признанија за краток филм од жирито – едно за италијанската продукција „Тишината“ (The Silence / Silenzio, 2016) на режисерите Али Асгари и Фарнуш Самади, а другото за „Moderne Kunst” (2017). „Moderne Kunst“ на Марко Шантиќ од Словенија го освои и „Златниот був“ за Најдобар краткометражен филм според публиката.

Главната програма на Фестивалот беше посетена од околу 1100 посетители во Скопје, а во нејзини рамки беа изработени и 10 видео снимки од излагањата во Ревијалната програма за понатамошна дисеминација на резултатите од проектот (објавени на YouTube каналот на Филозофскиот Филмски Фестивал: Philosophical Film Festival). Во реализацијата на проектот беа вклучени и десетина волонтери, студенти и млади луѓе, кои имаa уникатна можност да учествуваат во организацијата на еден поголем проект од областа на културата во Македонија огромна благодарност до сите од целиот тим на ФФФ!


 

ОФИЦИЈАЛНА СЕЛЕКЦИЈА НА ДОЛГОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ
Граѓанинот (The Citizen / Az állampolgár, 2016), реж. Roland Vranik (HU), 110’
Шопенхауер шизофренија
(Schopenhauer shizophrenia / Шопенгауэрская шизофрения, 2017),
реж. Aristarkh Neskupov (UA), 67’
Млади и бедни или човекот што вреска не е разиграна мечка
(Young and Miserable or a Man Screaming Is Not a Dancing Bear / Jóvenes infelices o un hombre que grita no es un oso que baila, 2016), реж. Thiago B. Mendonça (BR), 127’
Крај мене (Beside Me / Coborâm la prima, 2017), реж. Tedy Necula (RO), 84’Ехо (Echo / Eho, 2016), реж. Dren Zherka (DE/KV), 93’

Долг ден (A Long Day / Yek rouz-e tolani, 2016), реж. Babak Bahrambeygi (IR), 88’

 

ОФИЦИЈАЛНА СЕЛЕКЦИЈА НА КРАТКОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ

Sub Terrae (2017), реж. Nayra Sanz Fuentes (ES), 7’

9023 (2017), реж. Sotiris Petridis & Tania Nanavraki GR), 8’

Сегашнина (Nowness / Оlevik, 2017), реж. Kristiina Tang (EE), 9’

Експлозии во срцето (Explosions in the Heart, 2016), реж. Yenni Lee (NO), 17’

Тишината (The Silence / Il Silenzio, 2016), реж. Ali Asgari & Farnoosh Samadi (IT), 15’

Бог ја мрази Финска (God hates Finland, 2016), реж. Johan Karrento (FI), 10’

Потоа (After / Posle, 2016), реж. Hanna Jalali (UA/IR), 20’

FIFO (2017), реж. Sacha Ferbus & Jeremy Puffet (BE), 13’ 14.15 (2016), реж. Kenan Subaẟı (TR), 9’

Бакит (Bakyt, 2017), реж. Meerim Dogdurbekova (KG), 13’

Клукајдрвците од Рота (The Woodpeckers of Rotha / Dadyaa, 2016),
реж. Pooja Gurung & Bibhusan Basnet (NP/FR), 16’

Тагата нема да трае засекогаш
(The Sadness Will Not Last Forever / Het verdriet zal niet euwig duren, 2016), реж. Alexei Dmitriev (RU/NL), 8’

Пи (P, 2017), реж. Marcus Hanisch (DE), 19’ Галатеја (Galatea, 2017), реж. Cam Thys (BE), 5’

Пред (Before / Zanim, 2017), реж. Michał Biegański (PL), 20’

Мамо, се вратив (Mum, I’m back / Μα ά, γύρισα, 2017), реж. Dimitris Katsimiris (GR), 5’

Инсталирање на стравот (The fear installation / A instalação do medo, 2016),
реж. Ricardo Leite (PT), 15’

Одраз (Reflection, 2017), реж. Batuhan Ibrahim (MK), 8’

Сè е во ред (Everything’s Ok / Já Passou, 2016), реж. Sebastião Salgado & Pedro Patrocínio (PT), 16’

Зборовите имаат крилја (Words Fly Away / Söz Uçar, 2017), реж. Tufan Taẟtan (TR), 4’

Абраксас (Abraxas, 2016), реж. Lior Nadjar (FR), 17’

Moderne Kunst (2017), реж. Marko Šantić (SI), 17’

 

ФФФ КАРАВАН

Четвртиот и последен сегмент од Фестивалот, патувачкото кино на Филозофскиот Филмски Фестивал – ФФФ Караванот се одржа од 24 април – 4 мај по планираната динамика за настаните во пет градо­ ви низ Република Македонија: Штип, Свети Николе, Прилеп, Битола и, за прв пат во ова издание – Охрид. Караванот започна со дводнев­но­ гостување на Фестивалот во Штип – 24 и 25 април, каде во соработка со Филмската академија при УГД Штип на Правниот факултет се одржаа проекции на победничките филмови на Фестивалот („Граѓанинот“, „Крај мене“, „Клукајдрвците од Рота“, „Тишината“ и „Moderne Kunst“). Во Свети Николе на 26 април во соработка со МСУ „Г.Р. Державин“ беше одржана репризна проекција на филмот од Отворањето на Главната програма во Скопје – „Ограда против­ зајаци“ со гостување на акад. Ферид Мухиќ, кој отвори голем број интересни прашања за дискусија со присутните. На 2 мај се одржа проекција во Прилеп во соработка со филозофскиот портал „Акиндин“ каде што пред прилепската публика во киното „Мис Стон“ беше проектиран норвешкиот документарен филм „Браќа“, а свое излагање имаше д-р Бошко Караџов.

Во Битола, со поддршка на локалните соработници на ФФФ и коорганизатори на настанот – Дебатно кино „Контра Кадар“, на 3 мај се одржа репризна проекција на „Смрт во Венеција“ на Висконти, со гостување на проф. д-р Александар Прокопиев по што следуваше плодна дискусија со битолската публика. Последниот ден од Караванот – 4 мај, во Охрид се одржа репризна проекција на победничките­ филмови на Фестивалот, пред сè, наменета за студентите од Институтот за филм – Филмска академија Охрид (ФИОФА). Со околу 150 посетители на проекциите од ФФФ Караванот и бројни дискусии инспирирани од излагањата на гостите и проектираните филмови беше заокружен и ФФФ Караванот на Филозофскиот Филмски Фестивал.

 

ИНТЕРНАЦИОНАЛНАСОРАБОТКА

Оваа година, на наше огромно задоволство, Филозофскиот Филмски Фестивал беше присутен на светската конференција за филм-философија на Универзитетот во Гетеборг, Шведска (3-5 јули 2018). На конференцијата учествуваа повеќе од 100 професори, истражувачи и докторанди, дел од областа на филозофијата и хуманистичките науки, а дел од областа на филмските студии. Со шест свечени излагања (Catherine Wheatley, King’s College London; Eugenie Brinkema, MIT; Aparna Sharma, UCLA; Maja Borg, режисерка од Шведска, Emma Wilson, University of Cambridge и Kriss Ravetto Biagioli, UC Davis), бројни панели (пр. Етика и естетика; Клер Дени; Наративна интервенција, попкултура и постхуманизам; Лантимос; Етика и современи медиуми, итн.), проекции на видео есеи и филмови­, како и интересни работилници за изучувањето на филм-философијата во универзитетски рамки, интерсекторски филмски феноменологии и програмирањето на настани/фестивали од оваа област – конференцијата беше тридневна интензивна размена на истражувања, практики и искуства од оваа област која е во постојан раст во светски рамки. На конференцијата учествуваше и докторандка од Македонија­ на Northwestern University во САД, Тамара Тасевска, како и гостинката на ФФФ 2018 – Хана Павек, двете истражувачи на делото на Клер Дени.

 

Се надеваме дека догодина ќе успееме да отвориме уште неколку интересни теми на 9. Филозофски Филмски Фестивал, поканувајќи неколку од учесниците наредниот мај во Македонија, но и дека во иднина ќе има сѐ повеќе луѓе од глобалниот југ кои [ќе] истражуваат во оваа трансдисциплинарна област и чиј глас и перспективи ќе бидат слушнати и на оваа интернационална конференција. Наредната конференција ќе се одржи на Универзитетот Брајтон во Велика Британија од 9-11 јули 2019 година (www.film-philosophy.com/conference).

Филозофски Филмски Фестивал, покрај поддршката од Агенцијата за филм на Република Македонија, во 2018 год. доби институ ционална поддршка и од Министерството за култура на Македонија. Соработници на Фестивалот во неговата реализација беа Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Кинотека на Македонија, Младински културен центар – Скопје, Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕФТА, Факултет за драмски уметности – Скопје, Институт за филм – Филмска академија Охрид (ФИОФА),

Филмска академија при УГД Штип, Италијанска амбасада, Иранска амбасада, Француски институт, Македонско-американска алумни асоцијација, Интернационално училиште НОВА, МСУ „Державин“, порталот „Акиндин“, Дебатно кино „Контра Кадар“; спонзорите: Еуростандард Банка, Горска, Камник, Хотел Цара, РЖ Институт, Аз-Буки, Гостилница Дукат, Мартини; и медиумските покровители: 24 вести, TV Shenja, Канал 103, Нова Македонија, Слободен печат и порталите Окно и Plagij.at.

Низ Главната програма на Фестивалот во Скопје (12-19 април), како фестивалските активности од Едукативната програма започнувајќи од месец февруари (и продолжувајќи во текот на целиот Фестивал), Придружната програма и ФФФ Караванот низ Македонија, па сѐ до Специјалните проекции на победничките филмови заедно со публиката на 9 и 13 мај, овој специјализиран фестивал и трансдисциплинарен проект на крстопатот меѓу филозофијата и филмот успеа да ги оствари трите зацртани цели: (1) развивање на филмската писменост – како кај младите, така и кај повозрасната публика, преку навраќањето на значајни филмски дела од филмската историја, но заеднички рефлектирајќи и промислувајќи современи филмски остварувања коишто инспирираат теориски, естетички или филозофски анализи (36 филмови, 11 гости, 12 излагања, 15 дискусии со публиката), (2) популаризација на филозофијата и нејзините придобивки на линија на препораките од УНЕСКО, особено кај младата популација – преку развивањето на критичката рефлексија за значајни општествени прашања и теми, токму преку непосредноста на медиумот на филмот (средношколската видео лектира, конкурсот за најдобар есеј, работилниците за филозофија за деца) и (3) продлабочување на дијалогот меѓу филозофијата и филмот – преку излагањата на универзитетски професори од областа на филозофијата и хуманистичките науки, како и професори на филмски студии, но и режисери – гости на Фестивалот.

Со ова, Фестивалот ја продолжува својата автентична мисија да нè предизвика не само да гледаме, туку и да видиме, да размислуваме за начинот на кој го перципираме и го разбираме светот, но и во ерата на сликите, да нè инспирира и испровоцира токму да „мислиме во слики“, слики со подлабоки и трајни естетски, филозофски и културни вредности – слики кои ќе ни ја посочат можноста за креирање на едни нови можни светови на имагинацијата – во или вон филмското платно.

 

 

Повеќе информации за Филозофскиот Филмски Фестивал може да се најдат на веб-страницата:
www.philosophicalfilmfestival.mk или фејсбук-страницата на ФФФ: Филозофски Филмски Фестивал / Philosophical Film Festival. Видео снимките од излагањата на гостите се наоѓаат на YouTube каналот на Фестивалот: Philosophical Film Festival.

Контакт адреса на Фестивалот: contact@philosophicalfilmfestival.mk

Related Post