ФФФ на Конференцијата за филм-филозофија во Шведска
На наше огромно задоволство, Филозофскиот Филмски Фестивал беше присутен на годинешната светска конференција за филм-филозофија на Универзитетот во Гетеборг, Шведска (3-5 јули 2018).
На конференцијата учествуваа повеќе од 100 професори, истражувачи и докторанди, дел од областа на филозофијата и хуманистичките науки, дел од областа на филмските студии. Со шест keynote излагања (Catherine Wheatley, King’s College London; Eugenie Brinkema, MIT; Aparna Sharma, UCLA; Maja Borg, режисер од Шведска, Emma Wilson, University of Cambridge и Kriss Ravetto Biagioli, UC Davis), бројни панели (пр. Етика и естетика; Клер Дени; Наративна интервенција, поп култура и постхуманизам; Лантимос; Етика и современи медиуми, итн.), проекции на видео есеи и филмови, како и интересни работилници за изучувањето на филм-филозофијата, интерсекторски филмски феноменологии и програмирањето на настани/фестивали од оваа област – конференцијата беше тридневна интензивна размена на истражувања, практики и искуства во оваа област која е во постојан пораст во светски рамки.
На наша огромна радост на конференцијата учествуваше и доктрорандка од Македонија на Northwestern University во САД, Тамара Тасевска, како и нашата гостинка на ФФФ 2018 – Хана Павек која работи на француската режисерка Клер Дени.
Огромна благодарност до проф. д-р Ана Бакман Роџерс (Anna Backman Rogers), проф. д-р Ричард Раштон (Richard Rushton) и до целиот организациски одбор на конференцијата, се надеваме дека догодина ќе отвориме уште неколку интересни теми на нашиот 9. Филозофски Филмски Фестивал, но и дека на конференцијата ќе гледаме се повеќе луѓе од глобалниот југ кои [ќе] истражуваат во оваа трансдисциплинарна област и чиј глас и перспективи ќе бидат слушнати и на оваа интернационална конференција.
Наредната конференција ќе се одржи на Универзитетот Брајтон во Велика Британија (http://www.film-philosophy.com/conference). Дотогаш, следете го open access списанието Film-Philosophy Journal и откривајте нови катчиња на филм-философијата во текот на летото: http://www.film-philosophy.com.