„Тело на вистината“ – Проекција на отворено во МСУ (ФФФ 2021)
Првата соработка со Музејот на современа уметност, оваа година како специјална „изненадување“ проекција, во најава на 11. Филозофски филмски фестивал што ќе се одвива од 27 мај – 3 јуни во Кинотеката на С. Македонија.
Филмот е во рамките на Придружната програма на Фестивалот и еден од ФФФ Doc. филмовите во Програмата 2021 година. Проекцијата ќе се одржи под тремот на МСУ, на отворено, следејќи ги сите безбедносни мерки и протоколи.
18 мај (вторник), 20:00 часот
Музеј на современа уметност
[ФФФ Doc.] ТЕЛО НА ВИСТИНАТА / BODY OF TRUTH на Евелин Шелс (Evelyn Schels),
документарен филм, 2019, Германија/Швајцарија, 96′, колор
Вовед со вонр. проф. д-р Вангел НОНЕВСКИ
бесплатна проекција, ограничен капацитет*
Во свет кој се карактеризира со длабока несигурност и чувство на криза, четири уметници ги редефенираат границите на современата уметност користејќи ги своите тела како главен мeдиум за нивните уметнички дела.
Легендарните Марина Абрамовиќ (Marina Abramović), Сигалит Ландау (Sigalit Landau), Катерина Зивердинг (Katharina Sieverding) и Ширин Нешат (Shirin Neshat) трансформирајќи ги во уметност личните животни искуства на војни, насилство и опресија во земјите од коишто доаѓаат, создаваат провокативни и радикални дела коишто покренуваат низа прашања од политичко и општествено значење. Во нивната уметност, главен и најинтимен медиум со којшто се изразуваат се нивните тела.
Тие заедно ги претставуваат најголемите конфликти на нашето време: Ширин Нешат од Иран, во егзил, ги истражува разликите во рамките на исламското општество; Марина Абрамовиќ, ќерка на партизани од Црна Гора, повторно ги поставува прашањата за насилството, болката и тагата, како што ги искусува индиректно преку југословенските војни; германката Катарина Зивердинг го испитува проблемот со фашистичките структури, од ерата на Нацизмот па сѐ до Пегида, а израелската уметница Сигалит Ландау создава мотивирана од секојдневниот страв од терор во нејзината непосредна животна околина.
ТЕЛО НА ВИСТИНАТА е документарен филм којшто, преку уметноста на овие четири исклучителни жени уметници, нè предизвикува да развиеме нови перспективи и свесност, продлабочувајќи го нашето разбирање за проблемите на времето во коешто живееме. Дали историјата се повторува? Дали насилството и алчноста за моќ се во основата на човечката природа? Дали можеме подобро да го разбереме нашиот комплексен свет преку уметноста?
Придружете ни се под тремот на МСУ наредниот четврток (20 мај) во 20.00 часот и бидете понесени на едно емотивно патување низ биографиите на овие четири врвни уметници на нашето време.
*Резервации:
Љубезно ве замолуваме да резервирате место на contact@philosophicalfilmfestival.mk само доколку сте сигурни дека можете да дојдете на проекцијата. Доколку резервирате место, но сепак не можете да дојдете поради објективни причини, ве замолуваме да нѐ известите на истата мејл адреса за да може некој што би сакал да го погледне филмот да присуствува.
**Ковид мерки: Задолжително е носење маски за време на целата проекција и почитување на мерките за физичка дистанца. Доколку не се чувствувате добро на денот на проекцијата ве замолуваме да останете дома за заеднички да можеме да се грижиме за безбедноста на сите.