14. ФФФ Едиторијал: НЕРЕД меѓу редови посветено на Маја Дерен
Во 1946-та – годината кога го снима „Ритуал во преобразено време“, последниот филм во кој се појавува и самата како актер – Маја Дерен објавува и два текста во кои најподробно го изложува својот естетско-философски светоглед: „Анаграм од идеи за уметноста, формата и филмот“ [An Anagram of Ideas on Art, Form, and Film] и „Филмот како уметничка форма“ [Cinema as an Art Form]. Вториов, покус но попознат, почнува со следнава посвета за Соломон Давид Деренковски, киевско-еврејски психијатар: „На татко ми, кој еднаш, кога бев дете, ми зборуваше за животот како нестабилен еквилибриум.“ Овогодинешното 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал ѝ го посветуваме на неговата ќерка, која неколку убави денови во јуни – шеесетина години по нејзината прерана смрт – ќе ни зборува дека и уметноста е кореографиран од по тенок конец, танц на рамнотежа, возвишен акт на балансирање меѓу хаосот и редот.
Некаде оттаму, со планиран обрт, ни доаѓа и овогодинешната максима: „Неред меѓу редови“. Од многу разлози. Прво, заради тоа што во неа може да ја најдете – и тоа баш меѓу редови, доколку ја навалите главата надесно – и самата Дерен: „неред“ е морднилап на нејзиното презиме. Второ, заради тоа што сакаме да ве потсетиме и на едни други редови, оние меѓу театарските и кинотечни столчиња каде некогаш, пред децении и децении, збркано одекнувал забрзаниот тропот од чевлите и штиклите на навредените прасведоци на зародишот на авангардата. Трето, заради тоа што во три збора, максимата ја вмрежува и матрицата на митското мислење, онаа вечна потреба да се разгради космосот во хаос, да се означи крајот на еден циклус и почетокот на друг, да се пресоздаде сè што постои од енергијата на неговите почетоци. И четврто (макар не и последно), заради тоа што така некако изгледа и нашата цел, секоја година: да ве разбудиме од заморот на вашите редовни навики, да ви го разградиме секојдневието со напливи убавина, да ви ги размрдаме, со нејзина помош, телата и срцата и очите – за да приберете доволно енергија за предизвиците што следуваат, за да си ги пресоставите фрагментите од вашето расеано „јас“, за да си ги подновите, барем до наредното лето, мислите и погледите и чувствата.
Годинава подновени сме и ние. Како некој вид интимно продолжение на ретроспективата Дерен – која ќе вклучува проекција на сите нејзини шест завршени филма и, придружно, документарец за нејзиниот живот и дело – ви носиме и селекција на четири видеоесеи, чија разновидна содржина ќе ве натера да размислувате за утробите на китовите и за преобразбите на глината, но и за самотијата присутна долж маргините на градот и интернетот – самотија во чии непредвидени нежности веќе еднаш и ве нурнавме, кога заедно одевме по некои други маргини – етнички, класни и меѓугенерациски – прегледувајќи го „Али: стравот ја јаде душата“, една од средишните точки на нашата едукативна програма.
И додека, во нејзини рамки, философираме со деца и средношколци, и додека неуморно ги подготвуваме вториот филмско-философски зборник и „Запечатено време“ на Тарковски, ќе ве оставиме вас – и тоа во друштво на видни професори од земјата и странство – низ овогодинешната ревијална програма, да поминете по некој час-два со неколку расприкажани нудисти на јадранското крајбрежје, со еден канадски професор во транзиција и неговата девојка, како и со ненадминливиот Мал скитник, цел еден век откако Чаплин првпат го пушти да трага по злато во планините на Алјаска.
Конечно, во натпреварувачкиот дел – дали во закрилата на кинотечната сала или под отвореното небо на нејзиниот двор – ќе ви проектираме 5 долгометражни и 16 краткометражни филмови. Меѓу вториве, како и секогаш, ќе најдете занимливи сижеа и запамтливи идеи за раѓањето и за смртта, за личниот и колективен идентитет, за љубовта и сè што таа не е. Меѓу првите, пак, во рамки на официјалната селекција на долгометражни филмови, ви го носиме можеби и последниот на големиот Виктор Ерисе, како и најнеодамнешниот на енергично уникатниот Раду Жуде; покрај нив, тука е и третиот филм на сè поинтересната Тинатин Кајришвили, како и две дијаметрално спротивни филмски визии од Виетнам и Иран: магливо поетското деби на Тјен Ан Фам и политички острата сатира на Али Асгари и Алиреза Катами.
За Маја Дерен, филмот беше ритуализиран и ритуален чин, чин на „вертикално истражување“ долж оската на „хоризонтална прогресија“ на наративот. Како скриен сонет во Шекспирова драма, неговата должност – веруваше таа – е да го формализира хаотичниот проток на времето во густ философско-емотивен исцедок, во неовоземско искуство кое, наместо осмислено од околните настани, ќе стане токму она што на околните настани им ја дава сета смисла. Ритуалот, со други зборови, не само што не е додаток на животот, туку она на што се потпира живеењето, неговата суштина. Гледано вака, сета уметност е еден вид ритуал: исто како и него, и таа ја реализира целта низ формализација; и во неа формата е смисла.
Ништо различно и со нашиов фестивал. И тој, долж хоризонталната оска на седум јунски дена, ве повикува на некои сè понеопходни вертикални истражувања, како на себството така и на светот. И тој (еве, веќе по четиринаесетти пат) се труди да ѝ наметне облик на нашата дружба – со философијата, со уметноста, со големите режисери. И тој е, во суштина, форма. Ритуал. Нека ни е заеднички, уште еднаш. Добредојдовте.