Свечено затворање на Фестивалот / Official Closing of the Festival

Годинешното затворање на Филозофскиот Филмски Фестивал се одржа на 7-ми април (петок) и оваа година со воведувањето на компетитивната програма на Фестивалот, преку Селекцијата на долгометражни филмови и Селекцијата на краткометражни филмови, го вклучи и свеченото доделување на наградите.

Вечерта започна со обраќањето на директорката на Фестивалот Ана Дишлиеска-Митова којашто се заблагодари на сите соработници, спонзори и медиумски покровители коишто помогнаа во реализацијата на 7. Филозофски Филмски Фестивал, и особено на Агенцијата за филм на РМ којашто за прв пат оваа година го поддржа Фестивалот. По обраќањето следуваше премиерата на краткиот филм Распарчен изглед („Shattered Visage“), во режија на Марио Петковски, што беше изработен на Работилницата за авторски филм „Од идеја до премиера“. Работилницата која ја водеше режисерката Ана Опачиќ од ЕФТА се одржа во рамките на Едукативнaта програма на ФФФ 2017. По премиерата на краткиот филм, менторката им додели сертификати на учесниците на Работилницата коишто беа наградени со огромен аплауз од публиката и му се заблагодари на целиот тим којшто покажа дека со напор и желба дури и за кратко време може да се направи еден добар филм.

Постерот на „Распарчен изглед“

На затворањето на Фестивалот се потсетивме и на победниците од Конкурсот за средношколски филмософски есеј на тема „Технологијата, моќта и (само)уништувањето: Можеме ли да ги контролираме ефектите од сопствените пронајдоци?“. Церемонијата на доделувањето на наградите од Едукативната програма се одржа на 1-ви април (сабота) во Кинотеката на Македонија и од 72 пристигнати есеи Комисијата во состав проф. д-р Ана Димишковска, доц. д-р Трајче Стојанов, и д-р Трајче Серафимовски ги награди: Илина Димовска (I место), СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес (ментор: Бошко Караџов); Павел Ѓорѓовски (II место), СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје (ментор: Даниела Николова) и Филип Бранимир Букшиќ (III место), СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје (ментор: Јулијана Јолевска).

15.

Оваа година како една од новините на Фестивалот за прв пат имавме можност да доделиме награди за Најдобар долгометражен и Најдобар краткометражен филм според жирито и публиката на ФФФ 2017. За Најдобар краткометражен филм според жирито беше прогласен филмот Софија (Zsofika) во режија на Максим-Клод Лекуе (Maxime-Claude L’Écuyer) од Канада, a филмот Лимбо (Limbo) во режија на Константина Коѕамани (Konstantina Kotzamani) од Грција доби Специјално признание од жирито. Според публиката, наградата за Најдобар краткометражен филм ја доби Пролетна поплава (Spring Flood) во режија на Џенис Адриансен (Jeannice Adriaansens) од Белгија, а додека пак во селекцијата за Најдобар долгометражен филм, одлуките на жирито и публиката беа усогласени и наградата ја доби Сè за луѓето (All About People) на режисерот Гиорги Абашишвили (Giorgi Abashishvili) од Грузија.

По доделувањето на наградите, на последниот ден од Филозофскиот Филмски Фестивал беше прикажан македонскиот филм Прашина во режија на Милчо Манчевски, филм кој ни е доста добро познат и близок. Сценарио во кое паралелно се раскажуваат две приказни, за две различни времиња, две различни места и култури. По завршувањето на филмот имавме можност да го проследиме излагањето на проф. д-р Драган Проле, Шеф на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Нови Сад на тема „Естетиката и насилството. За филмот ‘Прашина’ на Милчо Манчевски“. Публиката потоа имаше можност преку Skype Q&A да ги постави своите прашања на професорот којшто поради оправдани причини не можеше да присуствува лично на Фестивалот оваа година.

DSC_0696

На крајот на овогодишното издание, посетителите имаа можност да ја заокружат вечерта со коктел од нашите спонзори Камник и Горска во фоајето на Кинотеката на Македонија и да продолжат со неформална дикусија под импресии од филмот и дискусијата во салата.

Наредно следува ФФФ Караванот којшто оваа година ќе се одржи во четири градови на Македонија: Штип (19-ти април), Свети Николе (21-ви април), Прилеп (25-ти април) и Битола (26-ти април). Во Скопје повторно се гледаме со уште побогата програма и уште повеќе филозофски дискусии наредната година!

DSC_0742-1

                 Тимот и волонтерите на Филозофски Филмски Фестивал 2017

Related Post

Comments are closed.