Покана и повик за средношколски есеј ФФФ 2019

На наша огромна радост, оваа година по четврти пат неофицијално ќе го започнеме 9. издание на Филозофскиот Филмски Фестивал со веќе традиционалната средношколска видео лектира. Средношколската видео лектира, суштински сегмент од Едукативната програма на Фестивалот, на 7-ми март ќе го прикаже култниот филм на Виторио де СикаЧудо во Милано“ (Miracolo а Milano / Miracle in Milan, 1951) како инспирација за учениците од повеќе гимназии низ Македонија кои ќе размислуваат за филмот низ предложената тема: „Homo homini lupus est: Колку чини една насмевка?“. Настанот кој е организиран во соработка со Италијанската амбасада во Скопје / Ambasciata d’Italia in Skopje, а кој ќе се одржи во Младинскиот културен центар, ќе им понуди на учениците една поинаква перспектива на гледање на филмската уметност и еден импулс за филозофска рефлексија токму преку филмот како своевидно огледало.

Нашите верни соработници, спонзори и пријатели и оваа година богато ќе ги наградат учениците: Универзитетот за Аудиовизуелни Уметности ЕФТА со три едногодишни стипендии, парични награди (6.000, 3.000 и 1.500 ден. соодветно за тројцата првонаградени ученици), комплет филозофски списанија „Филозофска трибина“, филозофска литература од издавачката куќа „Аз-Буки“, подароци од Кинотеката на Македонија, а првонаградениот текст ќе биде објавен и во националното списание за филозофија „Филозофска трибина“.

Како и секоја година, со нетрпение ги очекуваме вашите креативни есеи инспирирани од уште еден филмски класик, со надеж дека ќе ве видиме во што поголем број наредниот четврток! (настанот е од затворен карактер, наменет за средношколците од гимназиите кои учествуваат во проектот)

Фестивалот е организиран во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ и е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, Министерството за култура и Градот Скопје.

 

Related Post