Доделени наградите на 14. ФФФ: Двоен „Златен був“ за „Прозаични стихови“ на иранскиот режисерски двоец Али Асгари и Алиреза Катами

На синоќешното Затворање на 14. Филозофски филмски фестивал беа прогласени добитниците на наградите „Зладен був“ за најдобар долгометражен и краткометражен филм според жири-комисијата, специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за краткометражен филм и плакетите „Златен був“ за најдобар долгометражен и краткометражен филм според гласовите на публиката.

Жири комисијата на 14. Филозофски филмски фестивал беше во состав на проф. д-р Славица Србиновска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“; филозофот д-р Иван Миленковиќ од Србија и македонскиот режисер Јане Спасиќ.

🦉🏆ЗЛАТЕН БУВ за најдобар долгометражен филм според жири-комисија на 14. Филозофски филмски фестивал: ПРОЗАИЧНИ СТИХОВИ на Али Асгари и Алиреза Катами

🦉🏆ЗЛАТЕН БУВ за најдобар краткометражен филм според жири-комисија на 14. Филозофски филмски фестивал: ГОЛЕМАТА ЕКСПЛОЗИЈА на Карлос Сегундо

🦉🏆Специјално признание СТЕФАН СИДОВСКИ – СИДО за краткометражен филм: МОНТАНЕА на Шарлот Луј

🦉🏆ЗЛАТЕН БУВ за најдобар долгометражен филм според публиката на 14. Филозофски филмски фестивал: ПРОЗАИЧНИ СТИХОВИ на Али Асгари и Алиреза Катами

🦉🏆ЗЛАТЕН БУВ за најдобар краткометражен филм според публиката на 14. Филозофски филмски фестивал: МОЈАТА ДЕВОЈКА на Кавтар Јунис

ОДЛУКА

„Златен був“ за најдобар долгометражен филм на 14. ФФФ: Прозаични стихови

Долгометражниот филм под наслов Прозаични стихови на режисерите Али Асгари и Алиреза Катами од 2023 е филм со кафкијанска структура, во кој низ девет вињети се развиваат девет апсурдни ситуации кои колку што се хумористични, толку се и слики за бирократските системи воопшто, и во кои односот на надредениот и моќниот и подредениот се надоврзуваат по линија на градација на конфликтот и негова транформација во бесмисла која треба да биде надмината. Ситуациите на комуницирање со различните ликови се фокусираат врз позицијата на подредениот, но и врз позицијата на бирократот или надредениот кој ја има моќта да ги вреднува, а кој во сцените е визуелно невидлив, меѓутоа доминира со својот глас, со своите прашања, барања и конечно со одлуката која може единствено тој да ја донесе. 

Приказните за различните ликови колку што се локални, толку во себе апсорбираат и универзални прашања за различни аспекти на опресија кои го деградираат и отфрлаат индивидуалецот со очекување тој да биде скршен и поразен, а не да се поставува во улога на оној кој е способен да одговара, да разговара и на крајот да го отфрли притисокот и да си замине. 

Смелата одлука сите вињети да бидат снимени во еден кадар, во кој камерата е вперена кон „жртвите“ на системот без воопшто да се појават ликовите на „опресорите“ кои се преставници на радикалниот иранскиот систем, сублиминално работи на неколку нивоа. Едното е поистоветување на гледачот со жртвите, поради постојаниот фокус на неа. Втората важна работа што се постигнува со израз на камерата е никогаш не ги запознаваме лицата на „опресорите“, единствено нешто кое што го слушаме е строгиот, прекорен глас, кој доаѓа некаде од зад камерата и кој никогаш не го покажува свеото лице. Со ова некако интиутивно кај гледачот го буди чувството на „орвелијанска“ присутност на системот, во овој случај радикалниот ислам во Иран, кој се „изживува“ врз обичниот човек и неговите основни општествени потреби. 

Во вињетите доминира опресијата врз женските ликови. Ликовите се менуваат од девојче во рана возраст, неколку млади жени, маж со тетовирано тело и се откриваат, низ вешто структурираните дијалози. Тие се, примарно, подготвени да учествуваат во системот и се обидуваат во него да се вклопат, меѓутоа системот преку претставникот кој е надреден и донесува одлука за нив, а тоа може да биде родител, службеник или работодавец кој апсурдно ги наметнува своите правила, а прикажаните ликови со подреден статус рационално и моќно ги разоткриваат своите способности за реакција на правилата сведувајќи ги преку нови прашања на бесмисла. Реакцијата на ликовите кои се портретирани соодветствува на наивно влегување во сериозен дијалог и истата секогаш завршува со разобличување на моќниот и на неговите опресивни механизми на злоупотреба, како и со пораз на системот од правила.

 

 „Златен був“ за најдобар краткометражен филм на 14. ФФФ: Големата експлозија

Големата експлозија е краткометражен филм на режисерот Карлос Сегундо снимен со бразилско-француска копродукција и прв пат прикажан на 75. Меѓународен филмски фестивал во Локарно 2022 г. Тој ја раскажува приказната за Чико или „малиот човек“ кој во конкретниов наратив е буквално „човек со џуџест раст“ чија професија е поправање печки во Уберландија, во Бразил. Со алегориски пристап, авторот успева да ја актуелизира позицијата на индивидуа од маргините на општествениот систем искористувајќи го и визуелно и актерски физичкиот изглед на овој човек и неговата професија, но и неговиот талент поврзан со работа во огнените тела на печките. 

Низ втемелен и мотивиран наратив во кој во почетокот го запознаваме ликот преку статусот и професијата, потоа кулминативен дел во кој тој го разбира и го освестува значењето на фразата “big bаng“ или „големата експлозија“ и крајот во кој низ буквална примена на значењето за експлозијата пристапува кон акција, е претставен начин на кој луѓето од маргините исчекоруваат свртувајќи го вниманието на светот кон себе и го активираат својот навидум непостоечки потенцијал и моќ за реакција. 

Остроумната изразност на камерата, ја потврдува и пресвртниот момент во филмот, каде што првиот и единствен пријателски, „човечен“ разговор кој Чико го води со некој од другите споредни ликови во филмот се случува со Марта, жена која „слегува“ на негово ниво и со тоа и симболично пристапува со разбирање и прифаќање кон Чико. Важно е да се напомене дека лицето (ликот) на Марта е единствено друго лице кое го гледаме во филмот. Ова говори за одлично познавање и примена на филмските алатки – во овој случај камерата – чиј јазик е воедно суптилен и ненаметлив, но смел, што говори многу за умешноста на филмските автори.

Филмскиот пристап е заснован на исклучително вешта примена на гледната точка на ликот; таа се користи со доследно придржување на приказите на висината соодветна на перспективата на човек со низок раст. Жанрот е хибриден и оперира колку со сериозни и ангажирани прашања, толку вешто кокетира со хумор и постапки на ликот кои покажуваат како тој ја прифаќа, ја живее и има моќ да ја трансформира својата позиција од онаа на потчинет во позиција на човек кој освестено делува преку предизвикување „потрес“ или „голема експлозија“. 

 

Специјално признание „Стефан Сидовски-Сидо“: Монтанеа

Краткометражниот филм Монтанеа на режисерката Шарлот Луј кој припаѓа на жанрот филм-есеј има поетика која сосема соодветствува на начинот на кој за филозофијата и за филмот размислува Стефан Сидовски – Сидо. Филмскиот формат, филм есеј, еден од позастапените формати во творештвото на Стефан Сидовски – Сидо, особено кога преку своите филмови имаше намера да ги третира комплексните философските теми поврзани со смислата на постоењето и значењето или поентата на животот и наближувањето на смртта, теми кои беа особено присутни во неговото творештво.

„Монтанеа“ веројатно, би бил филм, кој особено би му се допаднал на Стефан Сидовски – Сидо и чија авторка, Шарлот Луј, би ја сметал за своја филмска соборчничка.Филмот е рефлексија низ визуелни слики и вербални фрагменти за промените на животните етапи осмислени како однос меѓу доаѓањето на светот и во животот, промените низ кои тече животот одразени во фазите детство, младост, зрелост и старост, а доведени во однос и со напуштањето на светот и животот, со смртта. Со слободни визуелни алузии за времето и промените одразени преку човекот кој се раѓа, живее и умира, овој филм ја развива вечната тема за тоа дека настанокот нужно го подразбира и исчезнувањето. 

Низ серија од пејзажни и портретни кадри и содржини кои алудираат на состојби на промени, човек и време, филмската нарација ги актуализира универзалните фази на незапирливото течење на времето безусловно одразено преку човекот, неговото раѓање, животот и смртта.

Related Post