Музички перформанс: Букршлиев и Мирческа Свират Coltrane
МУЗИЧКИ ПЕРФОРМАНС
2 јуни (петок)
20.00
Летно кино „Мирно лето“
Букршлиев и Мирческа Свират Coltrane
за Свеченото отворање на 13. ФФФ
Филип Букршлиев и Андреа Мирческа се емисари на Новиот македонски бран на Џез музика, или барем така сакаат да мислат. И двајцата се носители на наградата Најдобар млад џез музичар доделена од Скопскиот џез фестивал. Е ова веќе е факт. Годините се 2019-та и 2021-ва, проверете ако сакате. Меѓусебе имаат повеќе од 30 изданија. Исто: Факт. Членуваат заедно или одвоено во повеќе еминентни македонски џез состави отколку што можете да наброите. Членови се на ЗАМП. Мирческа му има свирено на дипломската на Букршлиев. Веројатно и токму затоа тој на истата доби преодна оценка. Проектот Букршлиев/ Мирческа свират Coltrane е музичко-авантуристички-патеписен перформанс во кој што преку изведбата на музиката од John Coltrane во нетипична дуо формација, гитара и контрабас, публиката има неверојатна можност да дознае како John Coltrane во 1961-ва заминал на музички аџилак во Велес, како секој ден вежбал под мостот Гемиџии и како, пред да замине назад, снимил албум во Радио Велес.