Издаваштво „Фил(м)ософија“ 2024

 

 

Замислување на мирот: дијалог за перцепцијата
Вим Вендерс и Мери Зурнази
Скопје: Филозофско друштво на Македонија, 2019

„Замислување на мирот“ е книга напишана во два гласа, филмски режисер и професор по филозофија, кои преку нивниот дијалог за мирот го канат читателот на замислување и [ре]осмислување на мирот, давајќи му слика и глас, во свет преполн со насилни и дехуманизирачки слики во и вон екраните. Низ овој дијалог помеѓу филозофијата и филмот, меѓу двајца луѓе од две различни земји и два континента, меѓу две човечки суштества кои се грижат за една заедничка и хумана иднина на светот, почнуваме да ја разбираме важноста на тоа како гледаме на светот, и за улогата која филмската уметност [може да] ја има тука, истовремено инспирирајќи ги режисерите да се навратат на филмот како на нешто што ја зацврстува, а не избегнува стварноста [reality-enhancing vs. reality-avoiding], токму низ зборовите на Вендерс.

„Замислување на мирот“ е инаугурална книга во Eдицијата „Филмософија“. Едицијата претставува важен дел од издавачките напори на Фестивалот и ФДМ за приопштување дела од областа на филозофијата и естетиката на филмот, интердисциплинарни студии (како оваа книга), но и отворање простор за македонските автори да творат во оваа област и да ја истражуваат синергијата меѓу филмот и филозофијата.
Книгата може да се најде во книжарниците Или Или, Култура и во кинотечната медијатека.

 

 

Манчевски: Пет есеи / Manchevski: Five essay
Милчо Манчевски / Milcho Manchevski
Скопје: Филозофско друштво на Македонија, 2023

Двојазичната публикација „Манчевски: Пет есеи“, произлезена од перото на реномираниот македонски режисер Милчо Манчевски, е трето издание во eдицијата „Филмософија“ на Филозофското друштво на Македонија и Филозофскиот филмски фестивал. Книгата содржи пет есеи (и нивни соодветни преводи на англиски јазик) пишувани во различен период (почнувајќи од 1994 па сè до 2022 година), коишто егземпларно кореспондираат со интенцијата на „Филмософија“ да истражува во флуидните простори меѓу филмот и промислувањето за него. Манчевски во есеите промислува за односите меѓу уметноста, насилството и општеството (неговата ритуалност); пластично ја предочува врската режисер – сценарист (особено примерот кога се работи за иста личност – самиот тој); сочно тематизира за вистината во филмската прикаска, погледнато во и вон призмата на уметничката и „стварната“ уверливост итн…

Автор на предговорот е проф. д-р Иван Џепароски, додека дизајнот на корицата е на Катерина Тери Николовска. Публикацијата може да се најде во книжарниците Или-Или, Култура, Буква и во кинотечната медијатека, а текстот со англиската верзија е слободно достапен на веб-страницата на ФФФ и на режисерот Манчевски.

 

 

Philosophy and Film
Conference proceedings from the 1. International “Filosophy & Film” Conference held at the 11. PFF

Интернационалниот зборник “Philosophy and Film” ѝ ги претставува на македонската и на меѓународната јавност најголем број од истражувањата на учесниците на меѓународната конференција „Филозофија и филм“, прва научна конференција од овој тип одржана во Македонија и во регионот, организирана во рамките на 11. Филозофски филмски фестивал [25-ти мај 2021 година]. Целта на зборникот, второ издание на едицијата „Филмософија“ на ФДМ и ФФФ, е да овозможи простор за интеркултурен дијалог во областа на филм-философијата и во пишана форма, вмрежувајќи домашни автори кои истражуваат во оваа област со афирмирани автори од регионот и Европа коишто работат во дисциплината. Во зборникот се поместени 12 излагања од областа на естетиката, филозофијата и теоријата на филмот, како и анализи на филмски дела, меѓу кои и на двата македонски филмови со номинации за Оскар: „Пред дождот“ на Милчо Манчевски (текст на проф. д-р Доминик Шато од Франција, емеритус професор на Сорбона), и „Медена земја“ (текст на вонр. проф. м-р Сашо Кокаланов од ФДУ).

Зборникот може да се најде во книжарниците Или-Или, Култура, Буквa и во Кинотеката на С. Македонија.

 

 

Related Post