Средношколска видеолектира – Прогласување на наградените учесници

🎊СВЛ 2025 – ПРОГЛАСУВАЊЕ НА НАГРАДЕНИТЕ УЧЕНИЦИ
Информираме за победниците од сегментот Средношколска видеолектира од Едукативната програма на 15. Филозофски филмски фестивал. Како што е веќе познато овој сегмент од програмата се одвива во периодот април-мај и, со него, вообичаено стартува секое ново фестивалско издание. Годинава тој започна со проекцијата на филмот „Во длабокото“ (2004) од Алехандро Аменабар, во Културно информативниот центар – Скопје. Прикажувањето на филмот (следеа уште дваесеттина проекции во училиштата ширум Македонија) е дел од поддршката на Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје. Годинешната тема на Конкурсот (поврзан со филмот) за Најдобар фил(м)ософски есеј гласеше: „Смртта како право, животот како должност: Што значи да се живее/умре достоинствено?“. До предвидениот рок (4 мај) дваесет и еден ученик ги испратија своите есеи, а за нив (добиени во анонимна форма) одлучуваше тричлена стручна комисија во состав: доц. д-р Александар Стаматов, д-р Марија Тодороска и Никола Стојкоски.
Според нивната одлука и по утврдувањето/потврдувањето на нивниот идентитет од наша страна, наградени се есеите на следните три ученици:
• Трето место: ИВАНА МИЛЕСКА (ментор: Дијана Милеска – Чуркоска), СОУ „Д-р Ибрахим Темо“ – Струга;
• Второ место: ИГОР ХРИСТОВСКИ (ментор: Данка Јовева), СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип;
• Прво место: МИЛА КРАЛЕВА (ментор: Данка Јовева), СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип.
Наградените ученици ќе добијат:
• едногодишна стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“;
• едногодишна стипендија за изучување на шпанскиот јазик во „Casta Diva“ (Скопје) од Шпанската амбасада во Скопје (за првопласираната ученичка);
• финансиски награди;
• комплети филозофска литература и списанија од издавачката куќа „Аз-Буки“ и Филозофското друштво на Македонија;
• македонски филмови од Кинотеката на С. Македонија.
Победничкиот есеј, како и секоја година, ќе биде објавен во есенскиот број на списанието „Филозофска трибина“.
Доделувањето на наградите ќе се одржи на специјален настан во Свечената сала на Филозофскиот факултет на 5 јуни (четврток), во 12:00 часот.
Им честитаме на учениците!

Related Post