Работилница за млади: „Естетиката на филмскиот јазик“

Работилницата за млади е еден од пионерските сегменти на фестивалската програма. Долги години неа ја реализираше нашиот професор, колега и соработник, клучен дел од почетниот фестивалски тим, Стефан Сидовски – Сидо. Во последните четири години, во малку изменета форма, работилницата ја спроведува проф. д-р Атанас Чупоски. Како што е веќе општо познато, работилницата е наменета за младите на возраст од 17 до 19 години заинтересирани за запознавање со естетиката на филмскиот јазик.
Цел на работилницата е запознавање на младите филмофили со основите на филмскиот јазик и начините на интерпретација на филмската приказна. Како и другите уметности, и филмската уметност поседува специфичен јазик, но и специфични толкувачки алатки со чија помош може да се толкува филмската приказна.
Работилницата се одржа на 10 и 17 мај, а на неа учествуваа средношколци и студенти кои имаа можност да разговараат за филмската естетика, да напишат есеј за филм и да стекнат нови знаења за теоријата на филмот и филмскиот јазик.
10.5 (сабота) 15:00–18:00 КСП Јадро
Работилница за млади со Атанас Чупоски
Средба со филмска приказна
17.5 (сабота) 15:00–17:00 КСП Јадро
Работилница за млади со Атанас Чупоски
Читање на филмска приказна: критички есеи
Атанас Чупоски
Атанас Чупоски е писател и режисер, доктор на филолошки науки. Вработен е како филмолог-советник во Кинотеката на С. Македонија. Автор е на седум документарни и еден играен филм, десетици ТВ и стотина радио-емисии, четири книги и над сто други публикации. Предава филмска историја и теорија на Универзитетот „Европа Прима“ и е член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), како и на Здружението за компаративна книжевност на Македонија (ЗККМ).