СВЛ: Во длабокотo

Сегментот Средношколска видеолектира (СВЛ) од Едукативната програма и годинава се одржа во предоминантниот формат, односно со организирање на една средишна проекција (овојпат во Културно информативниот центар – Скопје) за учениците од Скопје, додека учениците од другите градови имаа можност да гледаат проекции на селектираниот филм во нивните училишта. Годинава, во соработка со Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, за видеолектира беше избран филмот

 

Во длабокото“
(Mar Adentro / The Sea Inside, 2004),
реж. Алехандро Аменабар / Alejandro Amanábar, ES, IT, 126’

 

Рамон живееше мирен живот со своето семејство на прекрасниот галисиски брег. Кога една несреќа при нуркање го остави квадриплегичар, тој водеше 28-годишна кампања за да го добие правото да си го заврши животот со достоинство. Ова е приказната за Рамон и двете жени кои се обидуваа да го убедат дека животот вреди да се живее.

 

поддржано од:
 

 

Проекцијата на филмот се одржа на 10 април, во присуство на ученици од неколку скопски средношколски училишта: СУГС „Орце Николов“, СУГС „Јосип Броз – Тито“, СГГУГС „Здравко Цветковски“, ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, како и од велешката гимназија СОУ „Кочо Рацин“. По гледањето на филмот, посочување на можните релации на филмот со годинешната тема на Конкурсот за најдобар фил(м)ософски есеј направи нашиот стручен соработник Виктор Јованоски. Темата на којашто учениците, под менторство на своите наставници, годинава ги пишуваа своите есеи гласеше: „Смртта како право, животот како должност: Што значи да се живее/умре достоинствено?“.

 

                

 

Во текот на месец април се одржаа проекции на филмот и во училиштата во дваесетина други градови низ Македонија: Битола, Виница, Гевгелија, Дебар, Делчево, Кавадарци, Крива Планка, Крушево, Куманово, Македонска Каменица, Неготино, Охрид, Пробиштип, Радовиш, Свети Николе, Струга, Струмица и Штип. Нашите проценки се дека во оваа активност учествуваа околу 800 ученици. До предвидениот рок (4 мај) дваесетина ученици ги испратија своите есеи, а трите најдобри меѓу нив, ќе бидат избрани од тричлената стручна комисија во состав: Александар Стаматов, Марија Тодороска и Никола Стојкоски.

Доделувањето на наградите ќе се одржи на специјален настан во Свечената сала на Филозофскиот факултет на 5 јуни, во 12:00 часот.

Тројцата првонаградени ученици ќе добијат:

  • едногодишна стипендија од Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа Прима“,
  • финансиски награди, пригодни награди од Шпанската амбасада во Скопје,
  • комплети филозофска литература и списанија од издавачката куќа „Аз-Буки“ и Филозофското друштво на Македонија,
  • комплет македонски филмови од Кинотеката на С. Македонија.

Победничкиот есеј, како и секоја година, ќе биде објавен во есенскиот број на списанието „Филозофска трибина“.

 

 

Related Post