СВЛ: НАГРАДЕНИ ЕСЕИ

На 3 јуни во Кинотеката на С. Македонија се одржа свечено доделување на наградите од циклусот натпревари (2024) за средношколците, односно: Државниот натпревар по филозофија, македонскиот натпревар за Филозофската олимпијада и за Најдобар фил(м)ософски есеј во рамките на сегментот Средношколска видеолектира, дел од Едукативната програма на 14. Филозофски филмски фестивал. 

Ги соопштуваме наградените ученици на Конкурсот за најдобар фил(м)ософски есеј. Есеите оваа година за подлошка го имаа германскиот филмски класик „Али: Стравот ја јаде душата“ (Angst essen Seele auf / Ali: Fear Eats the Soul, 1974) од Рајнер Вернер Фасбиндер (Rainer Werner Fassbinder), а темата за есејот гласеше: „СТРАВОТ, ПРЕДРАСУДИТЕ И СЛИКАТА ЗА ДРУГИОТ: КАКО ДА ГО ПРОНАЈДЕМЕ ЧОВЕЧКОТО ВО СЕБЕСИ?“. 

Филмот го погледнаа околу 700 ученици од дваесетина градови, а на Конкурсот пристигнаа 20 есеи. Трочлената Стручна комисија во состав проф. д-р Јасмина Поповска, д-р Марија Тодороска и дипл. проф. по филозофија Никола Стојкоска, ги награди следните ученици:

 

Трето место: СИМОНА ЧАВКОСКА

(ментор: Дијана Милеска – Чуркоска), СОУ „Д-р Ибрахим Темо“ – Струга

Второ место: ЕЛЕНА ЈОРДАНОВА

(ментор: Даниела Гражданлиева), СОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Неготино 

Прво место: МЕТОДИЈ СТОЈАНОВ

(ментор: Данка Јовева), СОУ „Славчо Стојменски“ – Штип 

 

Учениците победници на Конкурсот за најдобар фил(м)ософски есеј ги добија следните награди од нашите поддржувачи во овој програмски сегмент: едногодишни стипендии од Универзитетот „Еуропа Прима“, македонски филмови од македонската Кинотека, филозофска литература од издавачката куќа „Аз-Буки“ и од Филозофскиот факултет во Скопје, книги и списанија од областа на филозофијата и филмот од Филозофското друштво на Македонија, пригодни награди од Гете-институтот Скопје, и ваучери во финансиска вредност од 6.000, 3.000 и 1.500 ден., од нашите институционални поддржувачи, Агенцијата за филм. Победничкиот есеј, ќе биде објавен и во националното филозофско списание „Филозофска трибина“. 

Им посакуваме многу идни успеси на сите учесници во Конкурсот и нивните ментори, и со радост гледаме на нивните идни истражувања во областа на филозофијата и филмот!

Подолу ви ги пренесуваме образложенијата (од Одлуката) по секој поединечен есеј на Стручната комисија.

 

Трето место: Симона Чавкоска

„Во есејот бр 13, од призмата на егзистенцијалистичките перспективи на Сартр и Кјеркегор, низ вешто декодираните сцени на филмот, авторот/ката ги анализира концептите на стравот, предрасудите, слободата и изборот. Во поврзувањето на врската на единката и другиот, покрај егзистенцијалистичката нота, авторот/ката ја додава и стоичката, низ која ја потенцира нужната свртеност на човекот кон другиот, но и повторно назад, кон себеси. Користејќи ја филозофската приказна за потрагата на Диоген, авторот/ката ја констатира ништожната фактуалност на светот и човекот во него, но проблесокот на надежта сепак го пронаоѓа во индивидуалната потрага по автентичното човечко постоење. 

Во есејот вешто и концизно се комбинирани аргументативните, документарните, реторичките и илустративните компоненти за јасно да ги изразат тезите на авторот/ката.“

 

Второ место: Елена Јорданова

„Со опсежна анализа и високостручна елаборација, есејот по број 4 ја концептуализира филмската тематика низ три перспективи: политичкиот контекст на приказната, социолингвистичкото оформување на идентитетите, како и анализа на стравот, поконкретно стравот од отуѓувањето повикувајќи се на концептот за егзистенцијално отуѓување на Габриел Марсел. Потрагата по човечноста, авторот/ката ја гледа во потрагата по „автентичноста на нашите сопствени убедувања“, а не во слепо следење на менталитетот на толпата, силно афирмирајќи ја тезата за големата моќ на зборовите. 

Јасно изложената теза, обидите за дефинирање на основните поими кои се користат во текстот, како и комплексноста на пристапот кон проблемот, се елементите кои го одликуваат овој есеј.“

 

Прво место: МЕТОДИЈ СТОЈАНОВ

„Стравот, како политички, социјален и, најпосле, антрополошки феномен, е категоријалната нишка која есејот број 12 ја зема како водилка во „читањето“ на филмската приказна. Без да потпадне под долги филозофски рефлексии без рефенција на филмот, ниту пак да се завлече кон просто раскажување на филмските сцени, авторот/ката проникливо ги толкува филмските симболи вешто дофаќајќи ги сферите на јас и другиот, ирационалното и рационалното, објективното и субјективното, иманентното и трансцендентното. Клучот за надминувањето на ограничувањата за препознавање на другиот и различното, авторот/ката го гледа во љубовта. 

Првонаградениот есеј ги следи основните методолошки правила, структурата е разиграна, без да биде конфузна, аргументацијата е на високо ниво, со ненаметлива филозофска продлабоченост.“ 

 

Related Post