Жртвопринесување на Тарковски

Во соработка со Амбасадата на Шведска во Скопје

19 јуни (сабота), 20.00
Летно кино „Мирно лето“ (Кинотека)
воведно излагање на доц. д-р отец Милан Ѓорѓевиќ
ЖРТВОПРИНЕСУВАЊЕ (Sacrifice / Offret, 1986)
реж. Андреј Тарковски / Andrei Tarkovsky (SE/UK/FR), 142’

 

20 јуни (недела), 17.00
„Киноверзум“, МСУ Державин / Свети Николе
ЖРТВОПРИНЕСУВАЊЕ (Sacrifice / Offret, 1986)
реж. Андреј Тарковски / Andrei Tarkovsky (SE/UK/FR), 142’

 

Aлександар, новинар, естетичар и пензиониран актер му кажува на „Малиот човек“, неговиот нем син, колку е загрижен за недостатокот од духовност кај современиот човек. Истата вечер, кога го слави својот роденден со семејството и пријателите, тие дознаваат дека на светот му се заканува нуклеарен холокауст – вест којашто ќе го претвори празничното расположение во атмосфера на страв и очај. На прагот на Трета светска војна, Александар бара начин да го врати мирот во светот, но открива дека мора и да понуди нешто за возврат…
ЖРТВОПРИНЕСУВАЊЕ e последното филмско остварување на Тарковски коешто го создава во периодот кога боледува од рак пред крајот на својот живот, а за коешто го добива своето второ Гранд При на Канскиот филмски фестивал по СОЛАРИС. Снимен во скандинавската идила (на шведскиот остров Готланд, близу островот на Бергман), тој рефлектира за распадот на цивилизацијата, како и за вечниот јаз помеѓу тоа какви се работите и тоа какви посакуваме да бидат. Маестралната кинематогафија во филмот е на Свен Никвист (Sven Nykvist), долгогодишниот соработник на Ингмар Бергман. За филмот TIME Magazine ќе рече: „[…] криптичниот стил на Тарковски помага да се создаде возвишена кaтедрала“.

 

 

Милан Ѓорѓевиќ (Скопје, 1981) е православен свештеник и вонреден професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. По завршувањето на додипломските богословски студии во Скопје и магистерските студии по философија во Софија, во 2011 докторира средновековна философија на „Томас Институтот“ при Философскиот факултет на Универзитетот во Келн. Дисертацијата насловена како Nikolas Kabasilas – ein Weg tu einer Synthese der Traditionen е објавена под истиот наслов за издавачката куќа Peeters во 2015 година. Истата година излегува од печат и неговата прва книга на македонски јазик Византија во дијалог, а четири години подоцна и втората И на небо и на земја. Од 2019 год. е и преводот на монографијата Византиска философија на Георги Каприев. Организатор е на научни собири и дискусии од областа на теологијата и философијата.

 

 

 

Related Post