Специјални проекции на победничките филмови
9. Филозофски Филмски Фестивал (ФФФ) трета година по ред традиционално ќе заврши со Специјалните проекции на филмовите добитници на „Златен був“ од жирито и публиката во селекцијата на долгометражни филмови. Настаните ќе се одржат во вечерва и утре (10-11 јуни), во Кинотеката на С. Македонија со почеток во 21 часот.
Вечерва (10 јуни, понеделник) ќе биде прикажан добитникот на „Златен був“ од жирито, турскиот филм КРАДЦИ НА ГУЛАБИ. Жирито во состав: Милчо Манчевски (светски признат македонски режисер), Дејвид Сорфа (професор по филмски студии од Универзитетот во Единбург и истражувач во областа на филм-философијата) и Бошко Караџов (професор по филозофија и научен истражувач), високо вреднувајќи ги сите шест филмови во официјална конкуренција, оцени дека КРАДЦИ НА ГУЛАБИ е филм во кој „контактот со животните и луѓето (…) ни покажува дека комуникацијата е секогаш возможна“ и „Како што вели младиот крадец: ‘Претставува уметност и самото тоа да се држи еден гулаб’“. На настанот ќе присуствува и режисерот Осман Наил Доган од Турција, при што ќе му биде врачена наградата, а публиката ќе има можност да стапи во дијалог со лауреатот на Q&A по прикажувањето на филмот модерирано од страна на Слаѓан Пенев.
Животот на 16-годишниот Махмут се состои од хранењето на гулабите и заработување од крадењето туѓи гулаби. Најголемиот сон му е да ги има најдобрите гулаби. Еден ден, еден од гулабите ќе избега и не се враќа повеќе. Кога Махмут наоѓа гулаб вгнезден на еден покрив, го запознава Исмаил, 8-годишно детенце кое живее во куќата. Оваа средба станува една од најважните пресвртници којашто ќе влијае на животите на двете деца. КРАДЦИ НА ГУЛАБИ, кој беше дел од Официјалната селекција на 24. Сараевски филмски фестивал, е филм за растењето, за созревањето и за вивнувањето во животот. Топла приказна за пријателството и младешките страсти, погледната низ специфичната призма на културата на живеење во Анадолија. Зборувајќи за филмот, режисерот Доган вели дилемата е пред нас: „Што е добро, a што лошо? Дали можеш да бидеш добар со лошо однесување?“ Или, пак, како може еден човек да биде добар ако животот е беспоштеден и суров, луѓето се немилосрдни и себични, а светот е студен и туѓ?
Утре (11 јуни, вторник) ќе се одржи проекција на бугарскиот омнибус-филм 8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ, во кој режијата е потпишана од шест автори: Петaр Валчанов, Љубомир Младенов, Теодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Љуцканов и Кристина Грозева. Добитникот на годинешниот „Златен був“ за најдобар долгометражен филм според публиката е базиран на расказите и по сценарио на најпреведуваниот современ бугарски писател, Георги Господинов. Насловот на филмот доаѓа токму од збирката кратки раскази „И сè стана месечина“ на Господинов преведена на македонски јазик од издавачката куќа „Или-Или“.
Во оној момент кога ќе почнете да го гледате овој филм, сонцето можеби веќе згаснало, но вие сè уште нема да го знаете тоа бидејќи 8 минути и 19 секунди е времето за кое ќе пристигне веста за неговата смрт. Тоа е времето што ѝ е потребно на светлината да стигне дотука, а потоа ќе настапи темнината… Темата на апокалипсата не мора да биде прикажана преку глобална катаклизма, коњаници на апокалипсата, ангели на смртта, оган и деструкција. Крајот на светот може да биде многу лична работа, интимно и безмалку нечујно човечко искуство.
Наративниот мозаик на 8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ ќе ги постави стожерните точки на овој исклучителен омнибус филм: чувството на смртноста, миговите пред самиот крај, нашето неизвесно постоење и стравот што доаѓа од сознанието за сето тоа.
Со овие два настана, дефинитивно се затвора деветтото, досега најамбициозно издание на Филозофскиот Филмски Фестивал организиран од Филозофското друштво на Македонија. Фестивалот понуди мноштво настани и донесе реномирани гости; прикажа богата филмска програма придружена со квалитетни излагања, предавања и дискусии, музички настани; организира специфична ретроспектива на филмови на Вим Вендерс. 9. ФФФ ја продлабочи Едукативната програма, делувајќи на подрачјето на развојот на филмската писменост и критичкото мислење, почнувајќи од основното образование (ученици на возраст од 8-10 години), па преку средношколско образовно ниво (16-18 години) до студентската популација и останатите млади. Преку својот Караван, ФФФ и оваа година пренесе дел од фестивалската магија во четири други градови низ републиката (Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола).
Сето ова го потврди реномето на Филозофскиот Филмски Фестивал како единствен во светот што во ваков организиран и систематски обем делува на просторот на синергијата меѓу филмот и филозофијата.
И конечно, со нетрпение го очекуваме 10-тото јубилејно издание!