Едиторијал: Гостинот, по 15. пат

…и ете го, една телеграма подоцна, ете го и Гостинот, онострано синоок, со вилица вајана во вар и време, ете го Еремија Хелкиин, старозаветниот демон што лелека во пустината, одроден Емануил што може да ги разѕида храмовите со крик на нежност, што иде како срцева претеча, што иде како црна ноќ, што иде одмаглен од песокта и развенчаните сништа…

Ете го, неумоливо тука, вципен меѓу четирите ѕида на твојот најневин сон додека злокобно ти зјапа во преплашеното лице илјада педи подалеку од твојот предавнички удвоен живот. Ете го Гостинот, под далечните неба, каде што недолжните ги чека крв и катарза, каде што спасените ќе одгребат солзи што нема да се извор на болка и ојазичат зборови кои засекогаш ќе бидат само тоа. О, ете го Гостинот, ете го одново, но овојпат не наметнат туку посакуван, не неканет туку очекуван, не странец како судбина туку близок како бакнеж – ете го Гостинот како уморен молк во твоите претпоставки за светот, како бездна, како ѕвезда, како крв, како нејасен насет на незаслуженоста на твојата ништожна малограѓанска удобност. Ама… што ќе правиш кога ќе си замине?

Зашто ете нѐ и нас, по петнаесетти пат, безоок Теренс Стамп за проколнати и бедни, залутан во земја истоветно пуста и неправедна како тоталитарна Руританија или предмодерно ибериско кортихо. И ние носиме немир и процепи, и ние носиме секира за мразот во вашите срца; и доаѓаме со меч, за да ве соочиме со она што сте го заташкале под наслагите на секојдневната удобност, со прашањата што сте ги заѕидале во страв и срам. Неколку дена, можеби, ќе ви изгледа посетава само како оддишка и нема да сфатите зошто исто така сме тука. Ама… што кога ќе си заминеме?

 

Related Post