Краткометражна вечер 2
Ревијално: ОБРАЗ (2011)
КОГА АНДРОГИНОТО ДЕТЕ (Cuando el niño andrógino, 2019)
ОСЛО (Oslo, 2019)
МЕЛАНХОЛИЈА (Un sorbo de azul, 2019)
БОЈЕ (Boje, 2019)
БИЛЕТ (Ticket, 2019)
ПОГЛЕДНИ МЕ (Mírame, 2019)
2. КЛАС/А (2:a klass, 2018)
ГРАНИЧЕН ПРЕМИН (Przejście graniczne, 2019)
ПОСТОЈАНОСТ (Permanencia, 2020)
ВОЗЕЊЕ, ПОЕМА ЗА МОЈОТ ТАТКО (Vožnja, pesem za očeta, 2018)
Ревијално: БИТИЕ И НИШТОСТ (Das Sein und das Nichts / L’Être et le Néant 2007)
-
Ревијално: ОБРАЗ (2011)
Македонија, 13 мин.
Режија: Стефан Сидовски (Stefan Sidovski)
https://cinesquare.net/#/movie/1508/-face
Ветка е четириесетгодишна жена, самохрана мајка и без постојана работа. Нејзиниот сопруг починал, а таа заедно со нејзиниот 14-годишен син Симчо живее во суб-стандардна барака. Тие мијат прозорци на автомобили, собираат стари работи и едвај успеваат да се прехранат. Но, една вечер, Симчо одбира да појде по деликвентниот пат кон социјалната правда...
„Образ“ е ода за моралната вистина и човековата издржливост на една само навидум кревка жена. Снимен во црно бела техника и во неореалистички манир, филмот со една документаристичка уверливост го отсликува животот на маргинализираните, социјално загрозени луѓе кои, за наш срам, живеат покрај нас без вистинска шанса да се интегрираат во општеството.
Со „Образ“, проф. д-р. Стефан Сидовски, „Мајстор на аматерскиот филм“ и првиот човек кој академски ја истражува областа на филм-философијата во Македонија, во 2011 година се појавува како дебитант режисер на својот прв професионален филм, во продукција на Арка Медиа и со поддршка на Филмски фонд на Република Македонија. -
КОГА АНДРОГИНОТО ДЕТЕ (Cuando el niño andrógino, 2019)
Германија / Аргентина, 9 мин.
Режија: Мелина Пафунди (Melina Pafundi)
https://cinesquare.net/#/movie/1509/-when-the-androgynous-child
Од длабочините на една егзистенцијална криза, се јавува гласот на андрогиното дете. Кога детето зборува од неговата или нејзината андрогиност - којашто ниту е вистина ниту пак е лага, ниту е машка, а ниту пак е женска, туку е се одеднаш - ќе се врати на местата каде што некогаш припаѓало. Визуелно импресивна антрополошка поема која трага по човековата природа длабоко во митолoшкото, до примордијалното располовување на андрогинот и креирањето бинарни модели на однесување на исклучивост. -
ОСЛО (Oslo, 2019)
Израел / Германија / Палестински територии, 15 мин.
Режија: Шејди Сроу (Shady Srour)
https://cinesquare.net/#/movie/1510/_oslo
На палестинецот Зијад му е забранет влезот во Израел за работа тој ден. Но како да се врати дома со празни раце, откако и има ветено на својата ќерка месо за вечера? Патот до неговата куќа е долг, а она што го пресретнува меѓу сушните планини ќе го стави на тест неговото достоинство. Поетична и трагична рефлексија на секојдневната борба на палестинските работници да го сочуваат сопственото достоинство во услови на перманентна деградација.
Филмот беше кандидат за европски краткометражен филм на Европските филмски награди во 2019 година и беше дел од официјалната селекција на Интернационалниот фестивал на краток филм Клермон-Феран 2020. -
МЕЛАНХОЛИЈА (Un sorbo de azul, 2019)
САД, 13 мин., боја
Режија: Дејжа Гордон (Deja Gordon)
https://cinesquare.net/#/movie/1511/-seeping-blue
Младата Клои работи во кол центар на телефонската СОС-линија за превенција на самоубиства. Но, кој да и помогне да се соочи со своите сопствени стравови и со сопствената депресија? Еден ден, неочекувано, таа добива помош од другиот крај на линијата. Краток филмски аларм до молчеливиот дел на општеството за проблемите со менталното здравје, проблемот на самоубиството и растечката депресија. -
БОЈЕ (Boje, 2019)
Германија, 10 мин.
Режија: Андреас Кордес (Andreas Cordes) и Роберт Келер (Robert Köhler)
https://cinesquare.net/#/movie/1512/-boje
„Како знам дека сакам некого? Каде бев пред да се родам? Како знам дека не сонувам?“
Боје и неговиот татко Холке живеат во осамена куќа покрај морето. Момчето копнее по одговори на некои од големите прашања, а неговиот молчалив и повлечен татко се бори да ги најде вистинските зборови. Не сакајќи да го остави Боје сам со своите прашања, Холке се свртува кон морето за помош. Одговорите магично го наоѓаат патот до Боје, а таткото и синот наоѓаат начин да разговараат. Топла семејна приказна која покажува дека не постои единствен начин да се покаже љубовта. -
БИЛЕТ (Ticket, 2019)
Полска, 15 мин.
Режија: Никита Танаџи (Nikita Tanadzhy)
https://cinesquare.net/#/movie/1513/_ticket
Јура, млад украински актер, живее во изнајмен автомобил и мора да работи како такси возач за да преживее во главниот град. По ненадејната вест за семејната трагедија, тој има една ноќ да ги собере потребните пари за да купи авионски билет за дома. Но, што кога парите ги нема, а ја нема ни храброста да се признае поразот и да се победи гордоста? Егзистенцијална драма која ги допира темите за интеграцијата, дискриминацијата и идентитетот. -
ПОГЛЕДНИ МЕ (Mírame, 2019)
Шпанија, 5 мин.
Режија: Ана Торес (Ana Torres)
https://cinesquare.net/#/movie/1514/-look-at-me
Дебитантскиот филм ПОГЛЕДНИ МЕ на Ана Торес, снимен единствено на мобилен телефон, е експериментален проект кој се раѓа низ еден спонтан, импровизиран креативен процес низ кој авторката остварува двоен дијалог, оној на уметникот (креаторот) со публиката, но и оној на жената со мажот. Кратка филмска авторефлексија која доаѓа од индивидуалното искуство, вкоренето во родовата перспектива на авторката. -
2. КЛАС/А (2:a klass, 2018)
Шведска, 13 мин.
Режија: Џими Олсoн (Jimmy Olsson)
https://cinesquare.net/#/movie/1515/2_2nd_class
Една ноќ, младата, грижлива наставничка Шарлот брутално се соочува со сиот ужас на човековите предрасуди. Откако се враќа од болница во својот клас, ја пресретнува поразителното сознание дека еден од нејзините ученици е син на човекот којшто ја повреди. Но, Шарлот не е тука за да покажува со прст и да обвинува, туку да воспитува. Филм за стравот и омразата, расизмот и подемот на екстремната десница. -
ГРАНИЧЕН ПРЕМИН (Przejście graniczne, 2019)
Полска, 15 мин.
Режија: Агњешка Хмура (Agnieszka Chmura)
https://cinesquare.net/#/movie/1516/-border-crossing
Мрзеливо, спарно летно попладне во 1989 година, последната година пред падот на железната завеса во Источна Европа. Авотомобил сo приколка пристигнува на Чехословачко-Полската граница и застанува во долгата редица. Пчелите зујат во тревата. Затворено во мал простор, семејството се расправа како што нараснувa тензијата. На задното седиште, малечко девојче е впиено во инстинктивниот свет на природата. Заедно со неа, низ нејзината прекрасна актерска игра, ние влегуваме во несфатливиот свет на возрасните, гледајќи во стравот што расте како што се доближува границата. -
ПОСТОЈАНОСТ (Permanencia, 2020)
Колумбија, 13 мин.
Режија: Камило Паласиос (Camilo Palacios)
https://cinesquare.net/#/movie/1517/-permanence
Леонардо оди на патување со семејството. Тој не сака да умре и открива дека криогенизацијата е вистинска опција. Ана Марија експериментира со својот мобилен телефон за да направи видео за својот брат. Нивната мајка Сандра прегазува куче на патот. Приватноста на нивната викенд куќа ги пречекува со слики од минатото и иднината.
ПОСТОЈАНОСТ е топла филмска приказна која суптилно нијансира една трогателна семејна атмосфера во која секој од ликовите се обидува да се соочи со сопствената збунетост, гнев и тага пред страшната загуба која прерано, но сосема сигурно доаѓа. -
ВОЗЕЊЕ, ПОЕМА ЗА МОЈОТ ТАТКО (Vožnja, pesem za očeta, 2018)
Словенија, 13 мин.
Режија: Ирена Гатеј (Irena Gatej)
https://cinesquare.net/#/movie/1518/_drive_a_poem_for_my_father
Еден млад човек управува со својот автомобил и размислува за смртта на неговиот татко. Ова хипнотичко, сомнабуличко патување низ пределите на неподносливата болка, обрабено со тивкото, молчеливо присуство на најблиските покрај патот, говори за тоа како се чувствува тагата од загубата на родителот и што значат присуството и отсуството во нечиј живот.
Филмот е добитник на наградата за Најдобар студентски филм на Cinedays 2018. -
Ревијално: БИТИЕ И НИШТОСТ (Das Sein und das Nichts / L’Être et le Néant 2007)
Луксембург / Австрија, 10 мин., боја
Режија: Бади Минк (Bady Minck)
https://cinesquare.net/#/movie/1519/-being-and-nothingness
Во една мала антикварница, Бит Фурер (Beat Furrer), композитор и диригент, ќе пронајде музичка партитура од Роберт Шуман која ќе се обиде да ја реинтерпретира. Неговата инвентивната камерна кореографија, претставува експериментално патување кое го проширува чувството за интензивен визуелен ритам крерирајќи алхемиска синестезија на сликата и зукот. Музичарите на ансамблот „Клангоформ Виен“ во филмот на режисерката Бади Минк се појавуваат и исчезнуваат во ритамот на нотите и звуците покорувајќи се на волјата на семоќниот диригент илустрирајќи ги и двете, и минливоста на музиката и нестабилноста на битието.
Филмот премиерно беше прикажан на Биеналето во Венеција во 2007 год., а потоа и на низа други фестивали меѓу кои и на Филмскиот фестивал во Ротердам.