Фил(м)ософија со деца

„Фил(м)ософијата со деца“ е редовен сегмент на ФФФ. Оваа година, Фестивалот ќе ги пресели фил(м)ософските доживувања наменети за најмладата публика од Кинотеката во училиштата претворајќи ги во миникиносали. Наши домаќини ќе бидат ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Владо Тасевски“ од Скопје каде што со ученици од петто и шесто одделение ќе се одржат работилници на тема: „Што е тоа добрина?“.

Со прикажување на кратки филозофски провокативни видеа, децата ќе бидат поттикнати да ги споделат своите автентични размислувања и да дискутираат за нив, притоа следејќи ги основните правила на филозофската дискусија во овие работилници:

  1. Не плашете се да го кажете она што го мислите, бидејќи не постои погрешен одговор;
  2. Многу размислувајте, но уште повеќе слушајте го она што другите го велат;
  3. Слободно кажете дали се согласувате со нечије мислење или не, но бидете подготвени да објасните зошто;
  4. Во ред е некогаш да го промените мислењето, бидејќи никогаш не го менуваат своето мислење само оние што не мислат.

Дискусиите инспирирани од кратките филмови, канализирани низ следењето на овие правила, покрај тоа што резултираат со развивање на критичкото и креативно мислење, имагинацијата и љубопитноста, истовремено ги унапредуваат и социјалните вештини, како што се меѓусебното почитување и разбирање, соработката и емпатијата – што ја потврдува улогата на филозофијата како носечки столб на овие вредности и цели на образованието.

Низ прашањата како што се: Што е добрина?; Од што се состои таа?; Дали и зошто треба да бидеме добри?; Дали е лесно да се биде добар?, вклонети во методичко-дидактички активности соодветни за возраста на учениците, тие ќе ја почувствуваат својата изворна способност за автентично филозофско творење, без притоа на ниту еден начин да бидат насочувани или да им бидат наметнувани одредени гледишта или ставови.

 


Мартин Поповски

Мартин Поповски е доктор по филозофија на науката и магистер по методика на наставата по филозофија, сертифициран обучувач за филозофија со деца. Пионер е во оваа област во Македонија и реализатор на бројни работилници, предавања и часови, често во соработка со меѓународни експерти. Поповски бил дел од стручен тим на Еразмус+ проектот SOPHIE, автор е на повеќе научни трудови и е еден од авторите на наставната програма и материјалите за изборниот предмет „Филозофија за деца“ во основното образование.

 


 

 

Related Post