Промоција на тематот „Филозофија и филм“
ФИЛОЗОФСКА ТРИБИНА, темат: ФИЛОЗОФИЈА И ФИЛМ – мост меѓу мудрата мисла и подвижните слики
Кога ќе легнат импресиите и ќе пробаат да си го најдат местото меѓу бесконечност на значењето на зборовите, како некоја трајна вистина од некој агол на сеќавањето звучат стиховите од Радован Павловски:
„Со гласот да се преиначи атмосферата,
притисокот да се одбегне
да се израсте високо над пустинските предели
само со духот и без ничија помош
изгубен во слободата да се биде квасец за промени…“
Со нескриен ќеф сакаме да ве почестиме со парче импресии „врамени“ во фотографски формат од убавата и позитивна атмосфера од промоцијата на најновото издание на „Филозофска трибина“ од Филозофското друштво на Македонија, чиј тематски број беше посветен на филозофијата и филмот, а финансиски беше поддржан од програмата Цивика мобилитас. Прекрасните луѓе, драгите лица, ведриот дух и убавата енергија во ГЕМ придонесоа за најдостојно одбележување на промоцијата на првата печатена публикација кај нас од областа на „филмософијата“. Иницијациските промисли на Филозофскиот филмски фестивал си го најдоа своето место на страниците, не само да бидат чуени, туку и да бидат трајно забележани и читани. Огромно фала до сите вас кои со бодроста на поддршката, вашата мотивација и инспирација низ овие неколку изминати години, придонесовте за овој значаен исчекор во областа на филозофијата и филмот, градејќи го овој кај нас првичен мост меѓу мудроста и кадрите.
Мераци недоброј и радости триж повеќе. Не застануваме тука, туку со полет продолжуваме понатаму, сите заедно, затоа што, како што мудро и поетски би не посоветувал гореспоменатиот поет:
„Не е време да се преместуваат
во домашната празнина кристали мраз
туку е време за подавање раце во просторот…“
Александар Еленин