Специјална проекција на „Сè за луѓето“
Специјална проекција на Најдобриот долгометражен филм на ФФФ 2017 СЀ ЗА ЛУЃЕТО (ALL ABOUT PEOPLE) на грузискиот режисер Гиорги Абашишвили (Giorgi Abashishvili). Оваа грузиско-германска копродукција ги освои срцата и на публиката и на жирито на 7. Филозофски Филмски Фестивал и режисерот Абашишвили и сценаристката Миријам Штен (Miriam Steen) ќе бидат наши гости во Скопје на 5 јуни (понеделник) во Кинотеката на Македонија со почеток од 20.00 чaсот. Настанот е поддржан од програмата Цивика мобилитас, Германската амбасада во Скопје и BEST WESTERN Hotel Turist. Влезот ќе биде бесплатен. По проекцијата на филмот ќе бидат доделени наградите „Златен був“ на режисерот, а ќе следува и дискусија со публиката во салата.
СЕ ЗА ЛУЃЕТО (All About People, 2016)
Игран филм, Грузија, 72 мин., колор
Режија: Giorgi Abashishvili
Девет приказни од Грузија и Германија раскажуваат за убавината и трагичноста на човекувањето. Едно момченце го очекува изненадување на патот до училиштето. Млад молер ја открива магичната моќ на поезијата. Загубениот човек на железничката станица е во залудна потрага по времето, додека еден старец го губи својот внук во големиот град, а еден човек талка по гробиштата. Една двојка е заслепена од сончевиот сјај, а еден старец се збогува со сонцето и со светот на луѓето. Полни со надеж, девственост, нежност и возвишеност овие приказни базирани на делата на грузискиот писател Нодар Думбадзе (Nodar Dumbadze) зборуваат за човечката состојба во сите нејзини бои.