Краткометражна вечер 1
Ревијално: ЧЕТВРТОК (2013)
ЕДЕН (One / Uno, 2018)
ДА СЕ БИДЕ КАКО БАГЗИ (Being more like Bagsy, 2018)
КРАДЦИ (Thieves, 2018)
ПОТ.СЕТИ.МЕ (Re.Mind.Me, 2019)
СИВЕ ОВИЕ СУШТЕСТВА (All these Creatures, 2018)
БЕСМРТНИТЕ ЈАСТОЗИ (Les Homards Immortels, 2017)
РОЗЕВО ВЕТУВАЊЕ (Das Mensch, 2019)
АСМИНА (Ashmina, 2018)
КОЈ ЗБОРУВА (Ingen lyssnar, 2019)
ВИКЕНД (Weekend, 2019)
-
Ревијално: ЧЕТВРТОК (2013)
САД, 1:30 мин.
Режија: Милчо Манчевски (Milcho Manchevski)
https://cinesquare.net/#/movie/1497/-thursday
Животот е некаде на друго место. Толпа од луѓе се движи по вжештениот бетон, кон стаклените кули и во устите на подземните железници, со очи залепени на малите екрани. Жедни ги апсорбираат сликите кои надоаѓаат од секој крај на планетата, несвесни за животот пред сопствените очи. Кога нашата стварност е мегалополисот, реалниот или виртуелниот (интернет) амбиент на хиперсензации, ЧЕТВРТОК не навраќа на важноста на тоа да ги фокусираме нашите „отсутни перцепции“ кон вистинските, животно суштински значења.
Овој краток експериментален филм на Манчевски, кој ја продолжува неговата фасцинација со оваа филмска форма уште од студентските денови, беше снимен во Њујорк во 2013 година и премиерно беше прикажан на Венецискиот филмски фестивал во програмата „Venice 70 – Future Reloaded”, во рамките на одбележувањето на неговото 70-то издание. -
ЕДЕН (One / Uno, 2018)
Шпанија, 10 мин.
Режија: Хавиер Марко Рико (Javier Marco Rico)
https://cinesquare.net/#/movie/1498/-one
Некаде среде морската широчина, мобилен телефон кој плови во вакумирана пластична кеса, почнува да ѕвони. Повикот што ќе го добие Емилио кулминира во чувство на нелагодност и страв, а она што започнува како невина мала мистерија се разоткрива како нешто длабоко, човечно и сочувствително.
Филмот е добитник на наградите за најдобар краток филм на Крaткометражниот филмски фестивал во Брисел и Рио де Жанеиро - Curta Cinema. -
ДА СЕ БИДЕ КАКО БАГЗИ (Being more like Bagsy, 2018)
Норвешка, 16 мин.
Режија: Микел Сторм Гломштајн (Mikkel Storm Glomstein)
https://cinesquare.net/#/movie/1499/-being-more-like-bagsy
ДА СЕ БИДЕ КАКО БАГЗИ - именуван по роботот за сортирање на отпад „Багзи“ на Центарот за рециклирање отпад во Осло - е краток филм за една невработена жена, која повеќе не чувствува дека има некаква функција во надворешниот свет, се до контактот со Центарот за сортирање отпад кој и нуди неочекуван начин повторно да биде корисна. Вознемирувачки саркастичен, по малку бизарен поглед на актуелните социјални, технолошки и еколошки проблеми на една автоматизирана и дехуманизирана стварност.
ДА СЕ БИДЕ КАКО БАГЗИ е дебитански филм на Микел Сторм Гломштајн кој од активист и политичар се свртува кон филмот. Неговата црна комедија го освојува Бронзеното јајце на Фестивалот во Кустендорф. -
КРАДЦИ (Thieves, 2018)
Данска / САД, 14 мин.
Режија: Јулиус Кристијан Телмер (Julius Christian Telmer)
https://cinesquare.net/#/movie/1500/_thieves
Очајна фигура се движи по темната патека на својот живот, а во моментот кога среќава џепчија кој краде од бремена жена, ќе биде повикан да си ја преиспита совеста. Приказна за едно трагично откупување раскажана преку чиста визуелна нарација и суптилна, натуралистичка актерска игра. -
ПОТ.СЕТИ.МЕ (Re.Mind.Me, 2019)
Полска, 4 мин.
Режија: Филип Твардовски (Filip Twardowski)
https://cinesquare.net/#/movie/1501/_remindme
Дали (и колку) нашата имагинација, соништата и сеќавањата се тие коишто ги чинат стварни нештата? Во потрага по загубената среќа, Симон патува во светот на свoите спомени и имагинација. Кога детето ќе загуби суштински дел од својата детска душа, во каква алхемија животот и сеќавањата ќе ја сочинат стварноста? Поетика на еден болен напор на сновиденијата да ја епитомизираат сликата на сеќавањето. -
СИВЕ ОВИЕ СУШТЕСТВА (All these Creatures, 2018)
Австралија, 13 мин.
Режија: Чарлс Вилијамс (Charles Williams)
https://cinesquare.net/#/movie/1502/-all-these-creatures
Младо момче во својата адолесценција се обидува да ги разбистри своите сеќавања од мистериозната наезда, растројството на неговиот татко и малите суштества во сите нас. Сурова, длабоко трогателна егзистенцијална драма за интимното понирање во мистичните предели на детството до слоевите што го формираат внатрешното јас, како и за нашиот однос кон родителите и она од нив што (потенцијално) живее во самите нас.
Филмот има освоено повеќе од 60 меѓународни награди, меѓу кои и Златната Палма за најдобар краток филм на Канскиот филмски фестивал во 2018 и „Мала златна камера 300“ на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во 2018 година. -
БЕСМРТНИТЕ ЈАСТОЗИ (Les Homards Immortels, 2017)
Белгија, 13 мин.
Режија: Кејт Воет (Kate Voet)
https://cinesquare.net/#/movie/1503/-night-song
Во текот на една долга ноќ, Алба и Макс се среќаваат по кратка и болна разделба, преоткривајќи се еден со друг и преиспитувајќи ги своите мотиви и желби во еден анонимен, туѓ град. Тие се наоѓаат себеси како балансираат на тенката линија помеѓу осаменоста и обидот да се воспостави врска, исправени пред несигурноста на своите сеќавања. Интуитивна, визуелно заводлива љубовна поема исткаена од оние несвесни, таинствени, ирационални мотиви кои честопати ги детерминираат амбивалентните моменти на нашата интима. -
РОЗЕВО ВЕТУВАЊЕ (Das Mensch, 2019)
Германија, 15 мин.
Режија: Софи Линенбаум (Sophie Linnenbaum)
https://cinesquare.net/#/movie/1504/-pinky-promise
Никогаш не е погрешно да се направи вистинската работа. Впрочем, дали?
Јастози, торти и прекршени ветувања. Сара и нејзините родители прославуваат во ресторан. Не сакајќи да го јаде јастогот на нејзината чинија, Сара го сокрива под масата. Но, секоја акција има свои последици, па кога ќе открие татко и, сметката може да биде бизарна и ужасна.
Немилосрдна сатира за тенката линија помеѓу правилното и погрешното (и како тие можат да видат вистинити во исто време), како и за парадоксалноста на моралната ригидност. -
АСМИНА (Ashmina, 2018)
Непал / Израел / Велика Британија, 15 мин.
Режија: Декел Беренсон (Dekel Berenson)
https://cinesquare.net/#/movie/1505/_ashmina
Вгнездена помеѓу едно прекрасно езеро и Хималаите, Асмина (13 години), живее со нејзиното семејство во предградието на Покара Непал, параглајдерскиот центар на светот. Принудена да го напушти училиштето, таа му помага на своето семејство да преживее работејќи на полето за слетување во замена за неколку парички. Ова тивко, (со)чувствително филмско раскажување разоткрива моќен глас кој покренува рефлексија за актуелната општествена, социјална и родова нерамнотежа на односите во глобализираниот свет.
Филмот е добитник на повеќе награди, вклучително и Наградата за Најдобар краток филм на 50. Краковски филмски фестивал и на 36. Филмски фестивал во Ерусалим. -
КОЈ ЗБОРУВА (Ingen lyssnar, 2019)
Шведска, 15 мин.
Режија: Елин Евергард (Elin Övergaard)
https://cinesquare.net/#/movie/1506/-who-talks
Во еден мал шведски град се планира отварање на нов бегалски дом за деца. Градскиот совет ги кани жителите на јавна средба и дискусија. Но чиј глас треба да се слушне? Кој има право да зборува? Чие мислење е важно? И што се случува кога никој не слуша? Филмот ги покренува прашањата за тивката поларизација во шведското општество во екот на големиот имиграциски бран, како и за отсуството на дијалог и за вистинската потреба да се слушне другиот.
Филмот е добитник на „Змеј“ за Најдобар шведски краток филм на Филмскиот фестивал во Гетеборг каде беше и премиерно прикажан, а потоа беше номиниран за „Златна палма“ за Најдобар краткометражен филм на Канскиот филмски фестивал во 2019. -
ВИКЕНД (Weekend, 2019)
Иран, 7 мин.
Режија: Арио Мотеваге (Ario Motevaghe)
https://cinesquare.net/#/movie/1507/-weekend
Семејството Монири и Херадманд се во паркот на пикник. Но, по завршувањето на оброкот, откриваме дека се дојдени за нешто друго.
Луѓето сакаат да гледаат, особено ако наидат на спектакуларна сцена. Уште повеќе кога набљудувањето на одредени форми на насилство е традиционално втемелена практика, стимулирна под закрила на законот или религиозните убедувања. ВИКЕНД е филм кој прикажува дел од иранското „општество на спектакл“ (но и бројни други општества низ светот, во минатото и денес) коешто смета дека набљудувањето на одредени форми на насилство е забавно, пожелно, па дури и неопходно – вклучително и за децата.