ВИДЕОЕСЕИ НА МАЈА ДЕРЕН [MAYA DEREN]
![[8.6 / 18:00] МРЕЖИ НА ПОПЛАДНЕТО](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/PP_Meshes-of-the-afternoon_Maya_Deren_14_FFF-1024x690.jpg)
[8.6 / 18:00] МРЕЖИ НА ПОПЛАДНЕТО
![[8.6 / 18:00] НА КОПНО](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/PP_At-Land-Maya-Deren_14_FF_-pix_4-1024x778.jpg)
[8.6 / 18:00] НА КОПНО
![[8.6 / 18:00] СТУДИЈА НА КОРЕОГРАФИЈА ЗА КАМЕРА](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/PP_Keystill_A_Study_in_Coreography_Maya_Deren_14_FFF_4-1024x768.jpg)
[8.6 / 18:00] СТУДИЈА НА КОРЕОГРАФИЈА ЗА КАМЕРА
![[8.6 / 18:00] РИТУАЛ ВО ПРЕОБРАЗЕНО ВРЕМЕ](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/PP_Keystill_Ritual_in_transfigured_timeMaya_Deren_14_FFF_5-1024x768.jpg)
[8.6 / 18:00] РИТУАЛ ВО ПРЕОБРАЗЕНО ВРЕМЕ
![[8.6 / 18:00] РАЗМИСЛИ ЗА НАСИЛСТВОТО](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/PP_Keystill_Meditation-on-Violence_Maya_Deren_14_FFF_3-1024x768.jpg)
[8.6 / 18:00] РАЗМИСЛИ ЗА НАСИЛСТВОТО
![[8.6 / 18:00] ПРОДОРНОТО ОКО НА НОЌТА](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/PP_Keystill_Very_Eye_of_the_Night_Maya_Deren_14_FFF_3-1024x768.jpg)
[8.6 / 18:00] ПРОДОРНОТО ОКО НА НОЌТА
-
[8.6 / 18:00] МРЕЖИ НА ПОПЛАДНЕТО
8.6 (сабота) 18.00 Кинотекa (бесплатна проекција)
МРЕЖИ НА ПОПЛАДНЕТО [Meshes of the Afternoon, 1943]
реж. Маја Дерен / Maya Deren, US, 14’
Несомнено едно од најважните остварувања на американската филмска авангарда, „Мрежи на попладнето“ е првиот експериментален филм на Маја Дерен, снимен во соработка со нејзиниот тогашен сопруг, Александар Хамид [Alexander Hammid].’
Дејствието на филмот (ако воопшто и можеме да го наречеме така) следи една жена (во изведба на Дерен) која постојано се навраќа на истите места и случки во и околу нејзиниот дом, додека неуспешно трага по мистериозна човеколика фигура во црна наметка што има огледало место лице. Цвет, клуч, нож, телефонска слушалка, како и двојници на самата Дерен се дел од повторливите филмски мотиви кои, со секое навраќање, се изложени на различни просторно-временски манипулации.’
„Бев поетеса пред да станам режисерка“ – вели на едно место Дерен – „ама бев лоша поетеса поради тоа што размислував во слики. Поезијата беше обид да го преведам во зборови она што, во суштина, постоеше само како визуелно искуство во мојот ум. Кога првпат фатив камера в рака, чувството беше како да сум си го нашла домот, како да го правам она што отсекогаш сум сакала да го правам. Немаше потреба од превод.“’
Токму таков е и „Мрежи на попладнето“: непреводливо непосреден. Често опишуван како психодрама, дебитантскиот филм на Дерен е уникатна вежба во интроспективна археологија, знаменит обид да се најде визуелниот прааналогон на Џојсовиот „тек на свест“ или надреалистичкиот автоматски запис. Небаре цикличен мозаик од фрагменти на несвесниот ум, тој како да отелотворува низа неповрзани психолошки процеси во насетливо неодгатливи знаци и симболи, во чија сновидна мрежа, трауматично и опсесивно, реалните настани од секојдневието се преобразуваат во она што и вистински се: раскошно и интензивно емотивно искуство. -
[8.6 / 18:00] НА КОПНО
8.6 (сабота) 18.00 Кинотекa (бесплатна проекција)<br НА КОПНО [At Land, 1944]
реж. Маја Дерен / Maya Deren, US, 15’
На една напуштена плажа, разбеснетите бранови и океанската плима исфрлаат женско тело. Набрзо откако ги отвора очите, жената посегнува по еден дрвен трупец и, јазејќи се по неговите гранки, почнува патување кон некои загадочни и надреални висини.
Движењето по вертикала одеднаш преоѓа во хоризонтално ползење долж една долга маса на која вечераат група буржуи, несвесни за присуството на жената. На крајот од масата, таа здогледува шаховска табла, на која фигурите почнуваат да се движат без притоа некој да ги поместува. Еден од пионите паѓа на подот и таа почнува да трага по него, но некаде далеку од масата, покрај широки реки и мали водопади...
Ова се првите неколку сцени од „На копно“, нема, краткометражна кинопоема од 1944 година. По успехот на „Мрежи на попладнето“, Дерен – повторно во улога на протагонистка – се впушта во уште едно чудно патување, на кое одново среќава умножени верзии од самата себеси, но и неколку машки фигури – Филип Ламантија [Philip Lamantia], Џон Кејџ [John Cage], Паркер Тајлер [Parker Tyler], Хамид – додека пејзажите зад неа се видоизменуваат, станувајќи сѐ посновидни и сѐ понестварни.
Крајот нѐ враќа одново на напуштената плажа. Две девојки – во сцена која толку потсетува на култниот почеток на Бергмановиот „Седми печат“ – ја преигруваат бесмртната партија на Андерсен и Кизерицки. Еден потег пред неизбежниот мат, токму во мигот кога коњот треба да ја земе белата кралица, Дерен незабележано ја краде фигурата и триумфално отрчува со неа некаде кон безграничноста на хоризонтот, некаде кон можната слобода на постанувањето, некаде далеку од своите претходни, фиксирани „јаства“. -
[8.6 / 18:00] СТУДИЈА НА КОРЕОГРАФИЈА ЗА КАМЕРА
8.6 (сабота) 18.00 Кинотекa (бесплатна проекција)
СТУДИЈА НА КОРЕОГРАФИЈА ЗА КАМЕРА
[A Study in Choreography for Camera, 1945]
реж. Маја Дерен / Maya Deren, US, 3’
„Студија на кореографија за камера“, најкраткиот филм на Маја Дерен, го следи лесниот и неуморен чекор на Тали Бити [Talley Beatty] додека тој танцува во три различни средини: шума, дневна соба и музејска галерија. И секој пат кога Бити прескокнува од една во друга средина – кревајќи ја ногата меѓу дрвја за да ја спушти меѓу столчиња – долж филмското време се исцртува нова географска реалност па, во рок од само три минути, Дерен и нејзината камера покриваат големи просторни растојанија, на начин кој неизбежно потсетува на нејасните и рески транзиции што се присутни во сништата.
Во филмот, движењата на Бити и оние на филмската камера делуваат како танцувачки партнери чија синхронизација овозможува флуидно сообразување меѓу филмскиот и телесниот медиум. Повеќе етида отколку самостојно дело, „Студија на кореографија за камера“ може да се гледа и како своевидна подготовка на Дерен за нејзините наредни неколку филмови. Во секој од нив – исто како и овде – таа пионерски се обидува да ги донесе во созвучје танцовите движења и оние на камерата и ножиците, на тој начин воведувајќи ја кореографијата како нова филмска операција. -
[8.6 / 18:00] РИТУАЛ ВО ПРЕОБРАЗЕНО ВРЕМЕ
8.6 (сабота) 18.00 Кинотекa (бесплатна проекција)
РИТУАЛ ВО ПРЕОБРАЗЕНО ВРЕМЕ [Ritual in Transfigured Time, 1946]
реж. Маја Дерен / Maya Deren, US, 15’
„Ритуал во преобразено време“ е експериментален нем филм од првата повоена година кој, истражувајќи го меѓуодносот на танцовите движења и оние на филмската камера, изнесува коментари за природата на ритуалот и општествените норми.
Рита Кристиани [Rita Christiani], тринидадска танчарка, влегува во една соба во која Маја Дерен е занесена и вдлабочена во ритуалот на одмотување волна од разбој. Додека Анаис Нин [Anaïs Nin] со презир ја набљудува безмалку телепатската интеракција меѓу двете, одеднаш, од внатрешноста на домот, Кристиани е преместена во средиштето на една коктел-забава. Додека се движи меѓу посетителите на забавата, запознава млад човек [Френк Вестбрук / Frank Westbrook].
„Ритуал во преобразено време“ е резултат на интересот на Дерен за танцот, играта и ритуалот како општествени и колективни процеси кои имаат потенцијал да ги изместат поимите на егото, личноста и идентитетот. Филмот ја воспоставува својата кинематографска целовитост преку интегритетот на движењето меѓу различните поединци и сцени, чин низ кој се продуцира ефект на издолжена кореографија и општествен ритуал. -
[8.6 / 18:00] РАЗМИСЛИ ЗА НАСИЛСТВОТО
8.6 (сабота) 18.00 Кинотекa (бесплатна проекција)
РАЗМИСЛИ ЗА НАСИЛСТВОТО [Meditation on Violence, 1948]
реж. Маја Дерен / Maya Deren, US, 13’
Замислен како коментар на недовршеноста на уметничкото дело – и инспириран од заемодејството на позитивниот и негативниот принцип кај Конфуциј – „Размисли за насилството“ е првиот звучен филм на Дерен, структуриран, според нејзините белешки, околу суштественото начело: „баланс во константен флукс“.
Филмот го прикажува танчарот Чао-Ли Чи [Chao-Li Chi] додека изведува традиционални, ритуализирани движења базирани на две древни кинески боречки вештини: Ву-танг [Wŭdāngquán / Wu-tang] и Шаолин [Shăolín / Shao-Lin]. Започнувајќи од бавни медитативни потези кои хипнотички градираат кон брзи и агресивни, филмското дејство ги заматува разликите меѓу потенцијалното насилство својствено за боречката форма и елеганцијата присутна во изведбата на танчарот.
Експериментирајќи со филмското време, некаде кон средина на делото, Дерен го пресекува линеарниот тек на филмот и тој почнува да се одмотува наназад, кон почетокот, креирајќи структура на „параболичен лак што се протега кон бесконечност“ и ефект на вечна отвореност. Тоа што гестот може да остане и незабележан е резултат на умешното користење на човековото тело како простор во кој и буквално може да се отелотвори убавината и хармонијата на постојаното флуидно движење. -
[8.6 / 18:00] ПРОДОРНОТО ОКО НА НОЌТА
8.6 (сабота) 18.00 Кинотекa (бесплатна проекција)
ПРОДОРНОТО ОКО НА НОЌТА [The Very Eye of Night, 1955]
реж. Маја Дерен / Maya Deren, US, 15’
Треперливо соѕвездие e позадината врз која неколку танчари и танчарки – снимени на фотографски негатив – изведуваат серија балетски движења: соло, па pas de deux, па други поголеми формации. Танчарите, неоптоварени од гравитацијата, делуваат како да лебдат низ ноќното небо, оддавајќи впечаток не толку на сон, колку на трансцендентално вонтелесно искуство, на некоја чудесна меѓуѕвездена проекција на која може да се проследи танцот на античките богови.
„Темнината на ноќта ја збришува хоризонталната рамнина на земјината површина, па движењата на танчарите и на камерата – ослободени од оваа референтна точка – стануваат исто онолку четиридимензионални и ориентирани како тие на птиците во воздухот или рибите во водата,“ пишува Дерен во своите белешки.
Последниот нејзин завршен филм, „Продорното око на ноќта“ е ненаративно дело кое ги користи негативот и ноќта за да внесе етеричност во танцовите движења, за да ги преобрази ѕвездите во танчари и потоа да ги апотеозира танчарите во ѕвезди. Како и во претходните „кореографии за камера“ на Дерен, филмот се занимава со ритам, репетитивност и ритуал – три нешта инхерентни на природата на танцот.