Средношколска видео лектира

Едукативна програма на ФФФ 2017

Средношколската видео лектира прераснува во традиционален сегмент на Едукативната програма на Филозофскиот Филмски Фестивал. Во обидот да бидат вклучени сите коишто имаат допир со филозофијата во Македонија, како и проширувањето на опфатот на помладата публика која ќе може да ги користи придобивките од практикувањето на филозофијата и унапредувањето на филмското образование, ФФФ организира навраќање кон култен филм од филмската историја наменет за средношколците од повеќе гимназии низ цела Македонија.

Оваа година, како и минатата, во рамките на Едукативната програма на Фестивалот се одржа проекција на средношколска видео лектира, „Др. Стрејнџлав“ (Dr. Strangelove, 1964) на Стенли Кјубрик, и Конкурс за најдобар средношколски филмософски есеј на тема Технологијата, моќта и (само)уништувањето: Можеме ли да ги контролираме ефектите од сопствените пронајдоци?. Учениците по гледањето на филмот во текот на три недели, под менторство на своите професори од корпусот филозофски предмети (филозофија, етика, логика) изработуваа есеј на предложена филозофска тема, токму инспириран од видео лектирата.

На конкурсот учествуваа девет гимназии од цела Македонија: СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, СУГС Гимназија „Орце Николов“, СГГУГС „Здравко Цветковски“, СУГС Гимназија „Никола Карев“, СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“  и ПСУ „Јахја Кемал“ (од Скопје), СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ од Велес и СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ од Прилеп.  Пристигнати беа 72 есеи инспирирани од филмот кој беше проектиран на 21-ви февруари во Кино Фросина, Младински Културен Центар. Фотографии: тука.

Комисијата во состав: проф. д-р Ана Димишковска, доц. д-р Трајче Стојанов и д-р Трајче Серафимовски ги разгледа есеите и ги оцени според следниов редослед: трето место доби Филип Бранимир Букшиќ од СУГС Гимназија „Орце Николов“ – Скопје (ментор: Јулијана Јолевска), второто место му припадна на Павел Ѓорѓовски од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје (ментор: Даниела Николова), a првото место го заслужи Илина Димовска од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес (ментор: Бошко Караџов). Наградите беа доделени во рамките на Свеченото доделување на награди кое се одржа на 1-ви април со почеток од 13.00 часот во Кинотеката на Македонија. Учениците беа наградени со едногодишни стипендии од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, парични награди од донаторот г. Бранимир Матевски, филозофска литература од издавачката куќа „Аз-Буки“, филозофски списанија од Филозофското друштво на Македонија, како и ДВД-а со македонски филмови и списанието „Кинопис“ од Кинотеката на Македонија. Победничкиот есеј на Илина Димовска ќе биде објавен во рамките на „Средношколскиот форум“ на списанието „Филозофска трибина“. Сите останати ученици добија сертификати за учество на годинешниот конкурс, а професорите сертификати за менторство на учениците.  Фотографии: тука.

Во соработка со Кинотеката на Македонија, за учениците од гимназиите од Велес и Гевгелија беше организирана мала тура низ Кинотеката и филмскиот архив на Македонија. Фотографии: тука и тука.

Огромни честитки за првонаградените ученици на Конкурсот за најдобар средношколски филмософски есеј и им се заблагодаруваме на сите гимназии, професори и ученици за учеството на 7. Филозофски Филмски Фестивал. Се гледаме догодина!