СРЕДНОШКОЛСКА ВИДЕО ЛЕКТИРА, 12. ФФФ

6-11 април

12 ГНЕВНИ ЛУЃЕ (12 Angry Men, САД, 1957), реж. Сидни Ламет 

МКЦ (Кино Фросина), Скопје; Штип, Гевгелија, Охрид,  Неготино, Битола

 

 

Оваа година по едногодишна пауза, како дел од Едукативната програма, повторно се одржа Средношколската видео лектира. На 6 април во Младинскиот културен центар во Скопје за учениците од Скопје (СУГС „Никола Карев“, СУГС „Георги Димитров“, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, ПСУ „Јахја Кемал“), Велес (СОУ „Кочо Рацин“) и Куманово (СОУ „Гоце Делчев) се одржа проекција на филмот 12 ГНЕВНИ ЛУЃЕ (Twelve Аngry Man, 1957) на Сидни Ламет, а потоа во периодот од 6 до 11 април проекции се одржаа уште во 5 градови за учениците од Штип (СОУ „Славчо Стојменски“), Неготино (СОУ „Св. Кирил и Методиј), Битола (СОУ „Таки Даскало“ и СОУ „Јосип Броз – Тито“, Битола и СОУ „Наум Наумовски Борче“, Крушево), Гевгелија (СОУ „Јосиф Јосифовски“, Гевгелија, СОУ „Гоце Делчев, Валандово и СОУ „Јане Сандански“, Струмица) и Охрид (СОУ „Св. Климент Охридски“). 

Во рамки на настанот во Скопје свое излагање имаше проф. д-р Ана Димишковска која ги воведе учениците во годинешната тема за есејот „Правдата, гневот и предрасудите: Како да се суди непристрасно?“. Вклучени беа 15 професори од средните училишта, учество земаа околу 350 ученици од 16 училишта, пристагнати 36 есеи на конкурсот, а од сите од нив, трочлената стручна комисија во состав: проф. д-р Слободанка Марковска, Стефан Видиков и Марко Касапов, ќе ги одберат трите најдобри филмософски есеи за ова издание на СВЛ.  

Тројцата наградени  ќе добијат три едногодишни стипендии од Универзитетот ЕУРОПА ПРИМА, парични награди (6000, 3000 и 15000 ден. соодветно за тројцата наградени), комплет филозофски списанија Филозофска трибина, филозофска литература од издавачката куќа „Аз-буки“, подароци од Кинотека на С. Македонија, а првонаградениот текст ќе биде објавен во националното списание за филозофија Филозофска трибина. Свеченото доделување на наградите од Едукативната програма ќе се одржи на 6 јуни 2022 во 17:30 часот во Кинотеката на С. Македонија.