
ДОДЕКА ТРАЕ ВОЈНАТА (Mientras dure la guerra / While at War, 2019)

БЕЗГЛАСЕН (Voice of Silence / 소리도 없이, 2020)

МЛИНОТ И КРСТОТ (The Mill and The Cross/Mlyn i Krzyz, 2011)

ФРАНКЕНШТАЈН (Frankenstein, 1931)

ХИРОШИМА, ЉУБОВ МОЈА (Hiroshima, My Love / Hiroshima, mon amour, 1959)

НЕШТО КОРИСНО (Something useful /İşe yarar bir şey, 2017)
-
ДОДЕКА ТРАЕ ВОЈНАТА (Mientras dure la guerra / While at War, 2019)
1 јуни (среда) 21.00 Летно кино „Мирно лето“ Свечено oтворање на 12. Филозофски филмски фестивал
реж. Алехандро Аменабар / Alejandro Amenábar, ЕS/AR, 107’
Oнлајн воведно излагање на проф. д-р Алисиа Вилар Ескудеро (Alicia Villar Escudero) / СЕРХИО ФЕРНАНДЕЗ (Sergio Fernández), Шпанија
Оваа историска драма во режија на Алехандро Аменабар е базирана на вистински настани кои се случуваат во првите месеци од Шпанската граѓанска војна, во летото 1936 година, кога националистите излегуваат на улиците на Саламанка за да се спротистават на новата левичарска влада. Мигуел де Унамуно, филозоф, писател и ректор на Универзитетот на Саламанка јавно ја поддржува воената интервенција на генералот Франциско Франко верувајќи дека тоа ќе му стави крај на хаосот во Шпанија. Откако еден по еден неговите колеги се обвинети и затворени, Унамуно верува дека може да го употреби своето влијание за да влијае за ослободување на колегите. Иако е мудар и искусен, доцна сфаќа дека неговата земја влегува во фашистичкото мочуриште од кое нема да може да излезе следните неколку децении.
Иако е историска драма, ова е филм кој предупредува и за потенцијалите на актуелните политички конфликти во многу западни држави, во кои се’ погласни стануваат силите кои поддржуваат диктаторски, исклучувачки/дискриминаторски, па и фашистички политики, а интелигенцијата, почитуваните луѓе со својата неутралност се обидуваат да не си ја загрозат зоната на комфорот. Филмот беше прикажан на Меѓународните филмски фестивали во Торонто, Сан Себастијан, Стокхолм, Токио, Солун и Москва и доби неколку награди Гоја (главни годишни национални филмски награди во Шпанија), како и повеќе други награди. -
БЕЗГЛАСЕН (Voice of Silence / 소리도 없이, 2020)
2 јуни (четврток) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Хонг Ви-џонг / Hong Eui-jeong, KR, 99’
Излагање на м-р Снежана Младеновска Анѓелков:„Многугласие во Безгласен“
Тае-ин, млад човек кој не зборува, и Чанг-бок, постар религиозен човек, работат како „чистачи“ за криминална организација во некој рурален дел од Јужна Кореја. Иако се дискретни и солидно ги завршуваат задачите, тие воопшто не се убијци, ниту пак насилници. Еден ден добиваат нарачка од надредените да се погрижат за киднапираната 11-годишна девојка, која треба да биде ослободена по два дена. Но, работите се усложнуваат и немиот Тае-ин ќе биде принуден да се грижи за киднапираната девојка подолго од планираните два дена.
Овој трилер со многу примеси на црна комедија е еден од поистакнатите нови филмови од се’ поатрактивната корејска кинематографија. Сценариото за овој дебитантски долгометражен филм за режисерката Хонг Ви-џонг беше избрано како еден од најдобрите 12 проекти на венециското биенале Колаж-Синема, а влезе и во најтесен избор за сценаристичката лабораторија во Санденс.
Беше прикажан на неколку меѓународни филмски фестивали, меѓу кои и оние во Глазгов, Фрибург и Брисел. На доделувањето на азиските филмски награди во 2021 година овој филм доби награди за најдобар актер и нов режисер, а актерот Јоо Ах-ин и режисерката Хонг Ви-џонг добија уште по десетина награди од истакнати корејски и азиски фестивали и филмски здруженија. -
МЛИНОТ И КРСТОТ (The Mill and The Cross/Mlyn i Krzyz, 2011)
3 јуни (петок) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Лех Мајевски/Leh Majewski (PL/SE), 96’
Излагање на проф. д-р Владимир Мартиновски: „Едно платно - илјада приказни: меѓу ликовното дело и подвижните слики во филмот Млинот и крстот од Лех Мајевски”
Филмот прикажува дел од ликовите претставени во делото „Искачување на Голгота“ ("The Procession to Calvary"), создадено во 1564 година од фламанскиот сликар Питер Бројгел Постариот. Во оваа „оживеана слика“ темата за страдањето на Христос е соочена со историските настани во Фландрија во 1564 година, кога се случуваат големи религиозни насилства од страна на шпанските католици врз протестантите. Филмот има исклучителна визуелизација, со иновативни визуелни решенија, потпишани лично од режисерот Лех Мајевски, кој е истовремено и директор на фотографијата.
Со Рутгер Хауер, Шарлот Ремплинг и Мајкл Јорк во главните улоги, филмот премиерно беше прикажан на Санденс во 2011 година, а покрај многуте гостувања на светските фестивали и награди, добитник е на награда за најдобар филм на Европскиот филмски фестивал во Севиља. -
ФРАНКЕНШТАЈН (Frankenstein, 1931)
4 јуни (сабота) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Џејмс Вејл/ James Whale (US), 70’
Излагање на м-р Тијана Петковска: „It's alive!”: Хорор, човек и хоророт на човекот”
Филмската класика од 1931 година, ФРАНКЕНШТАЈН на режисерот Џејмс Вејл, е еден од првите позначајни научно-фантастични филмови. Тој е адаптација на драмата напишана од Пеги Веблинг во 1927 година, која, пак, е направена врз основа на романот „Франкенштајн, Модерниот Прометеј“ на Мери Шели од 1818 година, кој раскажува за опседнат научник што собира делови од лешовите со намера да состави ново живо суштество. Ова суштество има потреба од нежност и приврзаност, но од најголем дел од луѓето добива само суровост и одбивност.
Незаборавната интерпретација на Борис Карлоф, во ликот на чудовиштето создадено од опседнатиот научник Хенри Франкенштајн, како и извонредната маска создадена од еден од врвните уметници на филмската шминка Џек Пирс, влијаеле овој филм да постигне голем комерцијален успех, предизвикувајќи бројни продолженија и нови верзии, како и огромно влијание врз популарната култура. Иако неколку сцени од оригиналната верзија се цензурирани, а во многу држави долго време овој филм бил забранет за прикажување, сепак неговата вредност и влијание се признаени со неговото вбројување во многу важни листи на најдобри филмови на сите времиња, вклучително и во изборот на Американскиот филмски институт и на Њујорк тајмс.
Во 1991 година, Конгесната библиотека на САД го избра овој филм за заштита во Националниот филмски регистар, како „културно, историски и естетски значајно дело“. -
ХИРОШИМА, ЉУБОВ МОЈА (Hiroshima, My Love / Hiroshima, mon amour, 1959)
8 јуни (среда) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Ален Рене/Alain Resnais, FR/JP, 90’
Излагање на д-р Кица Колбе, Македонија/Германија: „Љубовта и паметењето на траумата од војните“
Француска актерка и јапонски архитект се вљубуваат за време на снимањето на антивоен филм во Хирошима. Нивната интензивна љубовна врска во поствоената Хирошима се прекршува низ нивните сеќавања за љубовта и страдањето. Мажот, кој ги загубил членовите на семејството за време на бомбардирањето на градот, и жената, која го загубила својот љубовник од младоста, германски војник, разговараат за личните и националните трауми предизвикани од големата војна.
Во овој прв игран филм за режисерот Алан Рене се чувствува неговиот маестрален документаристички стил, а филмот е почитуван и поради иновативната употреба на кратките флешбекови кои како да претставуваат искри од сеќавањата.
Филмот беше прикажан на Канскиот Фестивал во 1959 година, каде доби ФИПРЕСЦИ награда, ја доби и Наградата на Обединетите Нации на доделувањето на БАФТА наградите во 1961 година, а писателката Маргерит Дирас за овој филм беше номинирана за Оскар во 1961 година за најдобро сценарио. -
НЕШТО КОРИСНО (Something useful /İşe yarar bir şey, 2017)
9 јуни (четврток) 21.00 Доделување на награди и затворање на Фестивалот Летно кино „Мирно лето“
реж. Пелин Есмер/ Pelin Esmer, TR/FR/NL/DE, 107’
ФФФ дијалози: Пелин Есмер и проф. д-р Сердар Озтурк (Serdar Ozturk), Турција
Лејла, адвокатка и поетеса, оди на средба со пријателите од средното училиште по долгогодишно игнорирање на поканите за вакви дружби. Во возот кон Измир Лејла ја запознава Канан, млада студентка по медицина, која сонува да стане актерка, и покрај поинаквите желби на нејзиното семејство. Нивното познанство ќе ги одведе во интересно патешествие за важноста на сопствениот избор, за радоста и грижата во поврзувањето со нова личност во животот, за важноста на уметноста во тешките моменти од животот.
Филмот доби награда за најдобро сценарио на Фестивалот Црни Ноќи (Black Nights) во Талин во 2017 година и многу награди за најдобар филм, режија, камера, актерки на меѓународните и националните фестивали во Турција.