Ревијална програма: филм-философија
![[2&6/6] НЕКРСТЕНИ ДЕНОВИ (Ballad of Piargy, 2022)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/Ballad-of-Piargy_PIA03-1-1024x615.jpg)
[2&6/6] НЕКРСТЕНИ ДЕНОВИ (Ballad of Piargy, 2022)
![[3/3] ТУКИ БУКИ (Touki Bouki / Journey of the Hyena, 1973)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/Touki-Bouki-01-1-1024x838.jpg)
[3/3] ТУКИ БУКИ (Touki Bouki / Journey of the Hyena, 1973)
![[6/6] ГОЛИ ВО СЕДЛО (Easy Rider, 1969)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/RP_Easy_Rider_1_PFF2023-1-1024x562.jpeg)
[6/6] ГОЛИ ВО СЕДЛО (Easy Rider, 1969)
![[7/6] СТАНАРОТ (The Tenant / Le Locataire, 1976)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/RP_The_Tenant_PFF2023-1-scaled.jpg)
[7/6] СТАНАРОТ (The Tenant / Le Locataire, 1976)
![[9/6] ЗМИЈА ВО ПАЗУВИТЕ (Raise Ravens / Cría Cuervos, 1976)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/Cria-Cuervos.jpg)
[9/6] ЗМИЈА ВО ПАЗУВИТЕ (Raise Ravens / Cría Cuervos, 1976)
-
[2&6/6] НЕКРСТЕНИ ДЕНОВИ (Ballad of Piargy, 2022)
Иво Трајков / Ivo Trajkov, SK/MK/CZ, 100’
Q&A со режисерот Трајков
Во пролетта 1939 г. се пренесува веста дека во малото планинско село Пиарџи (Piargy), затрупано од лавина снег пред само неколку дена, се родил Антихристот. Бискупот бара точно да се истражат изјавите на Јоанка, единствената преживеана од катастрофата, за да дознае што навистина се случило.
Љубов, страст, надеж, грев и казна. Ова се зборовите што најдобро би ја опишале атмосферата во најновиот филм на Иво Трајков, симбол на модерната Содома и Гомора. Визуелно раскошна приказна, базирана на кратка приказна на словачкиот писател Франтишек Швантнер (František Švantner), филмот импресионира со својата оригиналност и раритетност во пристапот на темата. Преку брилијантната црно-бела фотографија тој суптилно и нетенденциозно ни доловува атмосфера на историска драма и претставува огледало на хипокризијата на моралот, религијата и патријархалната традиција во општеството – подеднакво релевантна денес, како и во периодот непосредно пред Втората светска војна.
Филмот „Некрстени денови“ во словачко-македонско-чешка копродукција има учествувано на голем број меѓународни филмски фестивали и е добитник на повеќе награди, меѓу другите и на фестивалите во Буенос Аирес, Брисел, Фестивалот на независен филм во Монтреал итн.
-
[3/3] ТУКИ БУКИ (Touki Bouki / Journey of the Hyena, 1973)
Џибрил Диоп Мамбети / Djibril Diop Mambéty, SN, 90’
Излагање на Нил Кенеди
Излагање на д-р Нил Кенеди: „Џибрил Диоп Мамбети: Од трикстер филмаџија до постколонијален уметник“Излагање на Нил Кенеди: Џибрил Диоп Мамбети: Од трикстер филмаџија до постколонијален уметник
Мори, чувар на крави, кој вози мотоцикл украсен со череп од крава, и Анта, студентка на универзитет, се сретнуваат во Дакар. Отуѓени и незадоволни од животот во Сенегал и Африка, копнеат да заминат во Париз и смислуваат разни измамнички шеми за да добијат пари. Со необична мешавина на надреалистички и натуралистички елементи, Џибрил Диоп Мамбети ја отсликува разочараноста во Сенегал во раните 1970-ти, периодот кратко по добивањето на независноста.
Иако е направен под влијание на францускиот Нов бран, Туки Буки има авангарден сензибилитет карактеризиран со динамичен ритам, богата сликовитост, мрачен хумор, неконвенционална монтажа, дисонантна звучна слика, што ја покажува намерата на Мамбети да раскажува африкански приказни на нови начини.
Филмот беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 1973 г. каде што ја освои Наградата на меѓународната критика и на Меѓународниот филмски фестивал во Москва истата година, каде ја освои Специјалната награда на жирито.
-
[6/6] ГОЛИ ВО СЕДЛО (Easy Rider, 1969)
Денис Хопер / Dennis Hopper, US, 96’
Воведно излагање на Елизабета Шелева
Воведно излагање на проф. д-р Елизабета Шелева: „Митот за Западот и on the road жанрот“
Откако ќе заработат пари со продажба на кокаин, Вајат и Били тргнуваат на долг пат со мотоцикл од Лос Анџелес кон Њу Орлеанс. Во текот на патувањата среќаваат различни луѓе, од благонаклонети хипици до конзервативци кои своето непријателство кон нивниот неконформистички стил на живот ќе го искажат на начин кој ќе предизвика трагични последици.
Овој филм се наведува како врв на контракултурата во американската кинематографија и клучно остварување на т.н. Нов Холивуд, како и еден од најпопуларните филмови кој стекна култен статус. Музичката подлога за филмот ја сочинуваат дела на во тоа време популарни бендови, како што се The Band, The Byrds и Steppenwolf, чија песна Born to Be Wild стана голем хит.
Филмот е прикажан на Канскиот фестивал, а потоа беше номиниран за Оскар за најдобро оригинално сценарио и најдобар актер во споредна улога (Џек Николсон), а во 1998 г. филмот е доделен за презервација на Конгресната библиотека како културолошко, историско или естетско значајно дело.
-
[7/6] СТАНАРОТ (The Tenant / Le Locataire, 1976)
Роман Полански / Roman Polanski, FR, 126’
Излагање на Златко Ѓелески
Излагање на Златко Ѓелески: „Будење насреде кошмар, составување на сложувалката на идентитетот во Станарот на Роман Полански“
„Станарот“ е психолошки трилер, работен според истоимениот роман на Роланд Топор и претставува последен дел од трилогијата „Апартман“ на Роман Полански, во која спаѓаат „Одвратност“ (1965) и „Розмариното бебе“ (1968).
Режисерот Роман Полански ја толкува главната улога, односно француски граѓанин со полско потекло што се вселува во стан во стара зграда, каде што соседите гледаат на него со сомнеж и презир. Откако открива дека претходната станарка во истиот апартман скокнала низ прозорец, Трелковски станува опседнат со мртвата жена. Станува параноиден, убеден е дека соседите планираат да му наштетат и се идентификува себеси со жената која се самоубила.
Режисерот Полански и во овој филм ги портретира манифестациите на злото во општеството и човештвото, а постојат тврдења дека со „Станарот“ дури и бил премногу агресивен кон публиката.
Филмот е прикажан на Канскиот филмски фестивал, но не предизвикува голем интерес, бидејќи критичарите тврдат дека Полански се повторува и дека прави пародија со себе.
-
[9/6] ЗМИЈА ВО ПАЗУВИТЕ (Raise Ravens / Cría Cuervos, 1976)
Карлос Саура / Carlos Saura, ES, 109’
Излагање на Луис Мартин Ариас
Излагање на проф. д-р Луис Мартин Ариас: „Змија во пазувите: приказна за духови“
Во времето на залезот на диктатурата на Франциско Франко во Шпанија, осумгодишната Ана и нејзините две сестри наоѓаат засолниште во куќата на нивната тетка и се обидуваат да живеат со загубата на мајката и таткото. Ана се бунтува против авторитаризмот на нејзината тетка, а истовремено ги оживува сеќавањата на животот со нејзината мајка и замислува дека таа е присутна.
Филмот доби Специјална награда на жирито на Канскиот филмски фестивал во 1976 г., каде што беше премиерно прикажан, по што забележа голем успех во Шпанија и во светот, а беше номиниран за Цезар и за Златен глобус за најдобар странски филм. Ана Торент, која ја толкува улогата на Ана, во тоа време е веќе позната по улогата во филмот „Духот на улиштето“ (1973), кој го снимила кога имала 7 години.