Ревијална програма

(22.5 / 20:00) ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД МАТЕЈ

(24.5 / 18:00) ИЗГУБЕНИОТ АВТОПАТ

(27.5 / 18:00) СВЕТИТЕ НЕВИНИ

(28.5 / 21:00) ВИТГЕНШТАЈН
-
(22.5 / 20:00) ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД МАТЕЈ
22.5 (четврток) 20:00
Кинотека
Свечено отворање на 15. ФФФ
ЕВАНГЕЛИЕ СПОРЕД МАТЕЈ МАТЕЈ
(Il vangelo secondo Matteo / The Gospel According to St. Matthew, 1964)
реж. Пјер Паоло Пазолини/ Pier Paolo Pasolini, IT, FR, 137’
Населен со непрофесионални актери и снимен на сурови јужноиталијански локации во манирот на италијанскиот неореализам, со впечатлива документаристичка црно-бела фотографија и еклектична музичка предлошка (од Бах до блуз), „Евангелие според Матеј“ е импресивно скромен библиски биопик и зачудувачки топол портрет на еден радикално непокорен Христос – оној што носи меч, а не мир (Мт. 10:34), оној што бескомпромисно ги предизвикува фарисеите и лицемерите со објави за царството на правдата за обесправените.
Во оваа насока се чини длабоко осмислен и случајниот избор на актерот што го толкува Исус – Енрике Ирасоки, деветнаесетгодишен шпански студент со марксистички убедувања, кој бил во посета на Рим токму во времето кога Пазолини го барал својот главен актер. Покрај библискиот, интерпретацијата на Ирасоки го доловува и бунтовниот дух на 1960-тите – Христос кој протестира против војните, материјализмот и класните привилегии.
Нежен, интуитивен и декларирано верен кон новозаветниот текст (чии поетски врвови се негова најнепосредна инспирација), „Евангелие според Матеј“ е израз на особениот „културен католицизам“ на Пазолини, во чија основа лежи сонот за ослободување на историскиот Христос од догматски стеги, за да се истакнат неговата револуционерна етика и безмерна емпатија.
И низ овој преосветувачки чин, „Евангелието според Матеј“ станува не само најдобриот филм за животот на Исус, туку и длабоко хумана, студиозна и искрена медитација за нераскинливата врска меѓу верата, светото и радикалниот бунт. -
(24.5 / 18:00) ИЗГУБЕНИОТ АВТОПАТ
24.5 (сабота) 18:00
Кинотека
ИЗГУБЕНИОТ АВТОПАТ (Lost Highway, 1997)
реж. Дејвид Линч / David Lynch, US, FR, 134’
Гостин-излагач: Озер Озкантар / Özer Özkantar
Излагање: Lost Highways of the Mind: Exploring David Lynch's Cinematic Philosophy АНГ
Филмска фуга од и за мрачните коридори на потсвеста, Линчовиот „Изгубен автопат“ кошмарно хипнотички сопоставува две меѓусебно испреплетени судбини. Првата го следи џез-музичарот Фред Медисон, кој почнува да прима мистериозни видеокасети во кои се снимени тој и неговата сопруга во нивниот дом, по што почнува да се сомнева дека таа има љубовник. Откако ќе биде обвинет за нејзиното убиство, тој необјасниво исчезнува. Втората приказна го вовлекува младиот автомеханичар Пит Дејтон во мрежата на фаталната Алис Вејкфилд (двојничка на Рене и исто така Аркет), која преку него кокетно манипулира со својот брутален љубовник. Надреалистички неоноар, „Изгубен автопат“ е метафизичко истражување на флуидната природа на идентитетот, текстурирано со морничави визуелни секвенци. Како и обично, Линч и овде вешто ја одржува атмосферата на константна мистерија и наративна загадочност, создавајќи дело кое, иако пркоси на конвенционални анализи, длабоко и моќно продира во потсвеста – од каде се чини дека неизбежно и потекнува. -
(27.5 / 18:00) СВЕТИТЕ НЕВИНИ
27.5 (вторник) 18:00
Кинотека
СВЕТИТЕ НЕВИНИ (Los santos inocentes / The Holy Innocents, 1984)
реж. Марио Камус / Mario Camus, ES, 107’
Гостин-излагач: Мартин Ередеро Кампо / Martin Heredero Campo
Излагање: Where Does Evil Lie? Mario Camus’ "Holy Innocents" (1984) АНГ
Дејствието на „Светите невини“ се одвива во рурална Шпанија во 1960-те и го следи животот на семејство селани принудени да слугуваат на имотот на моќни земјопоседници. Нивните обиди да се ослободат од сиромаштијата преку описменување се поткопани од рутинизираната послушност и генерациски наследуваната судбина. И така е сѐ додека еден неочекуван, насилен чин не донесе пресврт во текот на нивните животи...
Низ овој брутален приказ на големиот социјален јаз меѓу бесчувствителната аристократија и потчинетата работничка класа, Марио Камус гради потресна студија за франкоистичка Шпанија. Со наслов кој болно го евоцира масакрот на недолжните витлеемски младенци (Мт. 2:16-18), филмот, и покрај катарзичниот крај, останува да биде горчливо сведоштво на страдањето на цели генерации обесправени луѓе, безмилосно жртвувани на олтарот на моќта и привилегиите.
„Светите невини“ постигна голем домашен и меѓународен успех, освојувајќи ги наградите за најдобри актери на Канскиот филмски фестивал во 1984 година и соборувајќи ги сите рекорди на гледаност во Шпанија. -
(28.5 / 21:00) ВИТГЕНШТАЈН
28.5 (среда) 21:00
Кинотека
ВИТГЕНШТАЈН (Wittgenstein, 1993) реж. Дерек Џарман / Derek Jarman, GB, JP, 72’
Гостин-излагач: Ернесто Ередеро дел Кампо / Ernesto Heredero del Campo
Омаж - снимено видеоизлагање Wittgenstein and Cinema
„Витгенштајн“ е едно од последните дела во исклучително плодниот и повеќеслоен уметнички опус на Дерек Џарман (режисер, сликар, писател, поет, дизајнер, градинар). Врз база на сценарио од литературниот теоретичар Тери Иглтон, филмот стилизирано ги драматизира животот и филозофијата на Лудвиг Витгенштајн (1889-1951) преку неколку епизоди од неговата живописна биографија, визуелизирани со минималистичка, театарска инсценација. Претставени се сцени од детството на Витгенштајн, неговото учество во Првата светска војна, неговите студии и професурата на Кембриџ, па сѐ до неговите пријателства и интимни врски. Токму овие лични превирања и односи на Витгенштајн, поставени во контраст со неговите комплексни филозофски идеи (за природата и границите на јазикот, за парадоксите на логиката и не/можноста за комуникација), на Џарман му служат како подлошка за впечатлива студија на егзистенцијата во модерниот свет, каде меѓусебното разбирање се чини подеднакво мачно и во теориската рефлексија и во практичниот живот.