Ретроспектива Буњуел (19-27/5, Кинотека)

19 мај (четврток), 21.00, Летно кино „Мирно лето“ 

излагање на Ернесто Хередеро дел Кампо / Ernesto Heredero del Campo (Шпанија)

АНДАЛУЗИСКИ ПЕС (Un chien andalou/ Un perro andaluz/ An Аndalusian Dog, 1929), FR, 21’

реж. Луис Буњуел / Luis Buñuel       

Манифестно остварување на филмскиот надреализам и врвен пример на севкупната француска авангарда од 1920-ите, првиот филм на Луис Буњуел е класик на немиот филм, реализиран во соработка со сликарот Салвадор Дали. Провокативниот филм, чија премиера предизвикала јавен скандал, е инспириран од соништата на авторите и, според зборовите на Буњуел, кореспондира со психоаналитичките теории на Сигмунд Фројд и со естетиката на тогаш актуелното надреалистичко движење кое се интересира за несвесеното, за она што е надвор од контролата на умот, моралноста или естетиката. Заради симболичноста и временско-просторната слобода, филмот се толкува како следење на природата и алогичноста на сонот, меѓутоа може да се толкува и како кореспондентен на книжевната струја на романот на текот на свеста.              

 

ЗЕМЈА БЕЗ ЛЕБ (Las Hurdes: Tierra sin pan/Land without Bread, 1932), ES, 27’

реж. Луис Буњуел / Luis Buñuel     

Патописна репортажа со нарација во оф-тон, инспирирана од етнографската студија на францускиот антрополог Морис Лежандр, за планинскиот регион во Шпанија – Лас Урдес (Las Hurdes), чиишто жители се толку изолирани и сиромашни, што не знаат што е леб. Основен извор на егзистенција им е посвојување сирачиња за кои добиваат паричен надомест од Шпанската влада.

 

 

СИМОН ПУСТИНИКОТ  (Simon del desierto/Simon of the Desert, 1965), ME, 43’

реж. Луис Буњуел / Luis Buñuel     

Среднометражен филм со фантастични елементи, реализиран во Мексико во 1965 г., откако Буњуел е принуден повторно да се врати во егзил во оваа земја по скандалот што го предизвикува во Шпанија со „Виридијана“ (Viridiana, 1961). Сценариото е работено по расказ на Буњуел инспириран од житието на преподобен Симеон Столпник Дивногорец, христијански светител кој живеел во Сирија во VI век. Во ова нагласено контемплативно дело, Буњуел, на нему својствен начин, ги спротивставува испоништвото, молитвеноста и чудотворството на главниот лик кој се подвизува качен на столб, со неверието, лицемерието и користољубието, како на народот, така и на преставниците на официјалната црква. Согласно житието на светецот, и овде главниот лик е подложен на сатански искушенија, со тоа што во завршната сцена ѓаволот го носи во ноќен клуб во Њујорк, во XX век.

Првично било планирано филмот, кој е награден од жирито во Венеција, да биде долгометражен омнибус, со учество на Федерико Фелини и Џулс Дасен, но само Буњуел го реализирал својот дел.

20 мај (петок), 21.00, Летно кино „Мирно лето“ 

ВИРИДИЈАНА (Viridianа, 1961), ES/МЕ, 90’                                                                                                                  

реж. Луис Буњуел / Luis Buñuel

излагање на Стојан Синадинов

наслов на излагање: „ВИРИДИЈАНА: НЕВИНОСТ БЕЗ ЗАШТИТА“

 

Прв филм на Буњуел снимен во Шпанија по долготрајното, дваесетинештогодишно прогонство. Иако владата на десничарскиот генерал Франко ги одобрува средствата за снимање, подоцна се обидува да ги заплени и уништи сите копии, а филмот е забранет во Шпанија сѐ до смртта на Франко во 1977 година. И покрај тоа што официјален Ватикан филмот го прогласува за навреда на христијанството, тој во 1961 г. е награден со „Златна палма“ во Кан.

Филмот, инспириран од романот „Алма“ на Бенито Перез Галдос, е приказна за младата Виридијана која се обидува практично да ги примени католичките религиозни норми, но, откако не успева во тоа, разочарана, ги прифаќа правилата на општествениот конформизам и стапува во своевиден љубовен триаголник. Филмот ја деконструира нефункционалноста на религиозните практики во современото општество, но и моралната деградација, лицемерието и духовната празнина што владеат во него. Низ моќна визуелна нарација, која ги иронизира делата на Гоја и Да Винчи, во филмот, кој од критиката е перцепиран како ремек-дело, се присутни сите елементи на надреалистичката поетика на Буњуел: слободни асоцијации, повеќезначни симболи и сновиденија.

21 мај (сабота), 21.00, Кинотекa  

АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ (El Ángel extreminador/The Exterminating Angel, 1962), ME, 93’                   

реж. Луис Буњуел / реж. Луис Буњуел / Luis Buñuel     

излагање на Серхио Фернандез / Sergio Fernandez (Шпанија)

 

 

Покрај „Виридијана“ (1961) и подоцна „Симон Пустиникот“ (1965), „Ангелот истребувач“ е третиот филм на Буњуел со мексиканската актерка Силвија Пинал во главната ролја и заедно со овие два филма прави своевидна трилогија критички насочена кон општествените авторитети: богатата граѓанска класа и католичката црква. Со едноставен стил, со зачестена употреба на средни планови и со мали движења на камерата, Буњуел, низ зачестените повторувања претставени преку повеќекратните влегувања во иста соба и повторните запознавања на протагонистите, како и ироничните реплики и неповрзаните дијалози, ги исмејува ритуалите на високото општество, а истовремено гo анлизира и низ призмата на ирационалното, востановено преку фантастичниот елемент на неможноста протагонистите да ја поминат невидливата физичка бариера и да излезат од богаташката куќа во која се повикани на вечера.

Самиот режисер го опишал филмот како вознемирувачка рефлексија за животот на совремниот човек, а филмот е прво дело во опусот на режисерот во кое фантастиката е сосема во функција на развојот на фабулата. Дел од критиката филмот го толкува и како метафора за режимот на генералот Франко во Шпанија, при што на видело излегува сета немоќ и злоба на изолираната владејачка класа. Филмот ја добива наградата на критиката „Фипресци“ на фестивалот во Кан во 1962 г.

23 мај (понеделник), 21.00, Кинотека

ДНЕВНИКОТ НА ЕДНА СОБАРКА (Le journal d’une femme de chambre/ Il diario di una cameriera/ Diary of a Chambermaid, 1964), FR/IT, 97’                  

реж. Луис Буњуел / Luis Buñuel

излагање на Златко Ѓелески 

Криминалистички филм, прв во низата филмови во кои Буњуел до крајот на кариерата соработува со продуцентот Серж Силберман и сценаристот Жан-Клод Кариер, а работен e според истоимениот роман на францускиот писател Октав Мирбо. Критиката го смета за едно од најреалистичните остварувања на режисерот, во кое отсуствуваат надреалистичните и фантастичните елементи од претходните, но и од следните филмови. Централен лик во приказната е атрактивната Селестин, која ја игра француската актерка Жана Моро, која од Париз доаѓа да работи како слугинка во замок на богат брачен пар во внатрешноста и таму се запознава со низа впечатливи ликови. Повторно сатиричен и критички настроен кон богатата граѓанска класа и кон екстремните политички ставови, Буњуел во филмот ги проблематизира и корупцијата, насилството, сексуалните опсесии и перверзии, како и чинот на силување и убиство.

25 мај (среда), 21.00, Кинотека

УБАВИЦАТА НА ДЕНОТ (Belle de jour, 1967), FR/IT, 101’                                                                            

реж. Луис Буњуел / Luis Buñuel

излагање на Даријан Пејовски 

 

Ремек-дело со надреалистичка поетика, кое ја брише границата меѓу замисленото и стварноста, повторно реализирано во соработка со сценаристот Жан-Клод Кариер. Филмот е направен според истоимениот роман на Жозеф Кесел и ја раскажува приказната за младата парижанка што води двоен живот, Северин, а која извонредно ја толкува Катрин Денев. Имено, таа е невработена сопруга на лекар, но кога тој е отсутен поради работата, таа, незадоволна од стерилниот граѓански живот, при што доживува визии проникнати со садистички еротизам, бара утеха во светот на фантазијата на борделот и станува проститутка, а во неа опсесивно се вљубува еден од посетителите – криминалецот Марсел. Буњуел филмот го оформува преку нераскинливата меѓусебна поврзаност на сцените на сонот и јавето, преку мешање на раскажувачките нивоа без конвенционални сигнали, што гледачите, но и протагонистката, постојано ги упатува на нужноста, а истовремено и неможноста на разликувањето на имагинарното од реалното. Филмот е награден со „Златен лав“ во Венеција.

26 мај (четврток), 21.00, Кинотекa 

ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА (Le charme discret de la bourgeoisie/ Тhe discreet Charm of the Bourgeoise, 1972), FR/IT/ES, 101’          

реж. Луис Буњуел / Luis Buñuel

излагање на Мариглен Демири 

Уште едно ремек-дело на Буњуел со надреалистичка поетика, реализирано во соработка со сценаристот Жан-Клод Кариер и наградено со „Оскар“ за најдобар филм на странски јазик и „БАФТА“ за најдобро сценарио. Филмот претежно е визуелизација на кошмарните соништа на протагонистите, неколкумина пријатели кои постојано неуспешно се обидуваат да се сретнат на заедничка вечера. Беспрекорниот изглед и однесувањето на ликовите коишто ги претставуваат основите на буржоаскиот поредок, во контрапункт со сцените што ги прикажуваат нивните кошмарни соништа, незадоволените желби и потиснатите нагони, се претвора во клаустрофобично резиме на општествените ритуали, при што единствен излез преостанува енергичната прошетка по патот што не води никаде.

Филмот мајсторски поврзува многу централни интереси од опусот на Буњуел, од амбивалентноста на идентитетот и незабележливото преминување на раскажувачките нивоа до неразделната испреплетеност на стварноста и фантазијата, како и неизбежната суптилна критика на општествените авторитети: богатата граѓанска класа, католичката црква и војската. Клучната сцена во која протагонистите одненадеж ќе се најдат на сцена, принудени да изведат дел од драмскиот текст „Дон Хуан Тенорио“ на Хозе Зориља, врамена со сон во рамките на сонот, во прв план го доведува повеќекратното играње улоги како основен начин на постоење во општеството, а гледачите постојано ги наведува на преиспитување на сопствениот перцепциски и идеолошки конформизам.

По објавата за номинациите за „Оскар“, Буњуел предизвикал скандал со шеговитата изјава дека сигурно ќе го добие затоа што ги платил побараните 25000 долари. Филмот е награден, Буњуел не присуствувал на свечената церемонија, а во својата автобиографија ја повторил поранешната изјава: „Американците имаат недостатоци, но се луѓе од збор“.

27 мај (петок), 21.00, Кинотекa 

ТОЈ МРАЧЕН ПРЕДМЕТ НА ЖЕЛБАТА  (Cet obscur objet du desir/ Ese oscuro objeto del deseo/ That Obscure Object of Desire, 1977), FR/ES, 102’                   

реж. Луис Буњуел / Luis Buñuel

излагање на Јасна Котеска 

 

Последниот филм на Буњуел, реализиран според романот на Пјер Луи, во соработка со сценаристот Жан-Клод Кариер и продуцентот Серж Силберман, раскажан во форма на ретроспекција, повторно е дело што дистрибуира значења на повеќе нивоа. Така, врската меѓу двата главни лика – богатиот средовечен Французин Матје, кого извонредно го интерпретира Фернандо Реј, и младата собарка, сиромашната Шпанка Кончита, има класни карактеристики затоа што тој е богат буржуј, а таа девојка од народот, и ним соодветни психолошки карактеристики претставени преку садомазохистичката врска во која Матје никако не може да оствари задоволување на своите сексуални и романтични страсти кон девојката што постојано го предизвикува. Истовремено, во конфронтација се и моралната и половата поставеност на ликовите – Матје настапува од позиција на машка и богаташка привилегираност, додека Кончита постојано се одмаздува. Тие некомпатибилности ги симболизираат атентатите на анархистите, а разликите меѓу поранешниот и денешниот свет ги нагласуваат многу функционални ретроспекции, како и иронискиот поглед на авторот.

Во филмот речиси целосно отсуствува музика, а куриозитет е тоа што ликот на Кончита го толкуваат две актерки, Анхела Молина и Карол Буке, откако Марија Шнајдер го напушта снимањето, но тоа само уште повеќе ја засилува филмската нарација. Филмот бил номиниран за „Оскар“ за странски филм, но не го добил, иако бил извонредно прифатен од филмските критичари.