АНДАЛУЗИСКИ ПЕС (Un chien andalou/ Un perro andaluz/ An Аndalusian Dog, 1929)
ЗЕМЈА БЕЗ ЛЕБ (Las Hurdes: Tierra sin pan/Land without Bread, 1932)
СИМОН ПУСТИНИКОТ (Simon del desierto/Simon of the Desert, 1965)
ВИРИДИЈАНА (Viridianа, 1961)
АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ (El Ángel extreminador/The Exterminating Angel, 1962)
УБАВИЦАТА НА ДЕНОТ (Belle de jour, 1967)
-
АНДАЛУЗИСКИ ПЕС (Un chien andalou/ Un perro andaluz/ An Аndalusian Dog, 1929)
19 мај (четврток) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
Излагање на м-р Ернесто Хередеро дел Кампо / Ernesto Heredero del Campo (Шпанија) „Буњуел и шпанската култура (Buñuel and the Spanish culture)“
реж. Луис Буњуел / Luis Bunuel, FR, 21’
Манифестно остварување на филмскиот надреализам и врвен пример на севкупната француска авангарда од 1920-ите, првиот филм на Луис Буњуел е класик на немиот филм, реализиран во соработка со сликарот Салвадор Дали. Провокативниот филм, чија премиера предизвикала јавен скандал, е инспириран од соништата на авторите и, според зборовите на Буњуел, кореспондира со психоаналитичките теории на Сигмунд Фројд и со естетиката на тогаш актуелното надреалистичко движење кое се интересира за несвесеното, за она што е надвор од контролата на умот, моралноста или естетиката. Заради симболичноста и временско-просторната слобода, филмот се толкува како следење на природата и алогичноста на сонот, меѓутоа може да се толкува и како кореспондентен на книжевната струја на романот на текот на свеста. -
-
ЗЕМЈА БЕЗ ЛЕБ (Las Hurdes: Tierra sin pan/Land without Bread, 1932)
19 мај (четврток) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
Излагање на м-р Ернесто Хередеро дел Кампо / Ernesto Heredero del Campo (Шпанија) „Буњуел и шпанската култура (Buñuel and the Spanish culture)“
реж. Луис Буњуел / Luis Bunuel, ES, 27’
Патописна репортажа со нарација во оф-тон, инспирирана од етнографската студија на францускиот антрополог Морис Лежандр, за планинскиот регион во Шпанија – Лас Урдес (Las Hurdes), чиишто жители се толку изолирани и сиромашни, што не знаат што е леб. Основен извор на егзистенција им е посвојување сирачиња за кои добиваат паричен надомест од Шпанската влада. -
СИМОН ПУСТИНИКОТ (Simon del desierto/Simon of the Desert, 1965)
19 мај (четврток) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
излагање на м-р Ернесто Хередеро дел Кампо / Ernesto Heredero del Campo (Шпанија) „Буњуел и шпанската култура (Buñuel and the Spanish culture)“
реж. Луис Буњуел / Luis Bunuel, ME, 43’
Среднометражен филм со фантастични елементи, реализиран во Мексико во 1965 г., откако Буњуел е принуден повторно да се врати во егзил во оваа земја по скандалот што го предизвикува во Шпанија со ВИРИДИЈАНА (Viridiana, 1961). Сценариото е работено по расказ на Буњуел инспириран од житието на преподобен Симеон Столпник Дивногорец, христијански светител кој живеел во Сирија во VI век. Во ова нагласено контемплативно дело, Буњуел, на нему својствен начин, ги спротивставува испоништвото, молитвеноста и чудотворството на главниот лик кој се подвизува качен на столб, со неверието, лицемерието и користољубието, како на народот, така и на преставниците на официјалната црква. Согласно житието на светецот, и овде главниот лик е подложен на сатански искушенија, со тоа што во завршната сцена ѓаволот го носи во ноќен клуб во Њујорк, во XX век.
Првично било планирано филмот, кој е награден од жирито во Венеција, да биде долгометражен омнибус, со учество на Федерико Фелини и Џулс Дасен, но само Буњуел го реализирал својот дел. -
ВИРИДИЈАНА (Viridianа, 1961)
20 мај (петок) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Луис Буњуел / Luis Bunuel, ES/МЕ, 90’
Излагање на Стојан Синадинов: „Виридијана: невиност без заштита“
Прв филм на Буњуел снимен во Шпанија по долготрајното, дваесетинештогодишно прогонство. Иако владата на десничарскиот генерал Франко ги одобрува средствата за снимање, подоцна се обидува да ги заплени и уништи сите копии, а филмот е забранет во Шпанија сѐ до смртта на Франко во 1977 година. И покрај тоа што официјален Ватикан филмот го прогласува за навреда на христијанството, тој во 1961 г. е награден со „Златна палма“ во Кан.
Филмот, инспириран од романот „Алма“ на Бенито Перез Галдос, е приказна за младата Виридијана која се обидува практично да ги примени католичките религиозни норми, но, откако не успева во тоа, разочарана, ги прифаќа правилата на општествениот конформизам и стапува во своевиден љубовен триаголник. Филмот ја деконструира нефункционалноста на религиозните практики во современото општество, но и моралната деградација, лицемерието и духовната празнина што владеат во него. Низ моќна визуелна нарација, која ги иронизира делата на Гоја и Да Винчи, во филмот, кој од критиката е перцепиран како ремек-дело, се присутни сите елементи на надреалистичката поетика на Буњуел: слободни асоцијации, повеќезначни симболи и сновиденија. -
АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ (El Ángel extreminador/The Exterminating Angel, 1962)
21 мај (сабота) 20.30 Кинотекa
реж. Луис Буњуел / Luis Bunuel, ME, 93’
излагање на Luis Martin Arias / Луис Мартин Ариас (Шпанија): „Философска анализа на филмот Ангелот истребувач“ (Philosophical analysis of the film Exterminating Angel)
Покрај ВИРИДИЈАНА (1961) и подоцна СИМОН ПУСТИНИКОТ (1965), АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ е третиот филм на Буњуел со мексиканската актерка Силвија Пинал во главната ролја и заедно со овие два филма прави своевидна трилогија критички насочена кон општествените авторитети: богатата граѓанска класа и католичката црква. Со едноставен стил, со зачестена употреба на средни планови и со мали движења на камерата, Буњуел, низ зачестените повторувања претставени преку повеќекратните влегувања во иста соба и повторните запознавања на протагонистите, како и ироничните реплики и неповрзаните дијалози, ги исмејува ритуалите на високото општество, а истовремено гo анализира и низ призмата на ирационалното, востановено преку фантастичниот елемент на неможноста протагонистите да ја поминат невидливата физичка бариера и да излезат од богаташката куќа во која се повикани на вечера.
Самиот режисер го опишал филмот како вознемирувачка рефлексија за животот на совремниот човек, а филмот е прво дело во опусот на режисерот во кое фантастиката е сосема во функција на развојот на фабулата. Дел од критиката филмот го толкува и како метафора за режимот на генералот Франко во Шпанија, при што на видело излегува сета немоќ и злоба на изолираната владејачка класа. Филмот ја добива наградата на критиката „Фипресци“ на фестивалот во Кан во 1962 г. -
УБАВИЦАТА НА ДЕНОТ (Belle de jour, 1967)
25 мај (среда) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Луис Буњуел / Luis Bunuel, FR/IT, 101’
Излагање на Даријан Пејовски „Убавицата на денот: Надреализам во конвенционално филмско раскажување“
Ремек-дело со надреалистичка поетика, кое ја брише границата меѓу замисленото и стварноста, повторно реализирано во соработка со сценаристот Жан-Клод Кариер. Филмот е направен според истоимениот роман на Жозеф Кесел и ја раскажува приказната за младата парижанка што води двоен живот, Северин, а која извонредно ја толкува Катрин Денев. Имено, таа е невработена сопруга на лекар, но кога тој е отсутен поради работата, таа, незадоволна од стерилниот граѓански живот, при што доживува визии проникнати со садистички еротизам, бара утеха во светот на фантазијата на борделот и станува проститутка, а во неа опсесивно се вљубува еден од посетителите – криминалецот Марсел. Буњуел филмот го оформува преку нераскинливата меѓусебна поврзаност на сцените на сонот и јавето, преку мешање на раскажувачките нивоа без конвенционални сигнали, што гледачите, но и протагонистката, постојано ги упатува на нужноста, а истовремено и неможноста на разликувањето на имагинарното од реалното. Филмот е награден со „Златен лав“ во Венеција. -
-