Презентација на естетичко-филмолошко истражување: „Филмска објектологија (Моќта на невидливото)“ 

2 јуни (четврток)

12.00

Универзитет „Еуропа Прима“

Презентација на истражување од областа на естетиката на филмот: „Естетика на објектот како главен визуелен елемент на филмскиот кадар“ (ментор: доц. д-р Атанас Чупоски)

„Филмска објектологија (Моќта на невидливото)“                                                       

со м-р Васил Михајлов

 

АПСТРАКТ

Целите на ова истражување се: да го докаже постоењето на естетиката на објектот во кадарот како посебна естетска категорија, како и да ја докаже потребата од формирање на нова подгранка на филмологијата за која се предлага да се нарекува филмска објектологија. Секундарната цел на истражувањето е да овозможи сублимирано знаење за објектот во кадарот, од практичен и теоретски аспект, кое понатаму ќе им користи на истражувачите, теоретичарите, критичарите, авторите, професорите и др.
Практичниот дел на трудот го користи методот на студија на случај кој има за резултат режисерска разработка на сценариото „Кујна“, кое е напишано за потребите на ова истражување. Теоретскиот дел на трудот користи методи на анализа, синтеза, како и компаративен и историски метод. Овој дел опфаќа различни аспекти на филмските објекти: епистемиолошки, естетски, онтолошки, стилистички, семиотички и други…

ВАСИЛ МИХАЈЛОВ (Васил Михаил) по завршувањето на студиите во 2001 година ја започнува својата кариера како актер. Набргу почнува да режира, а подоцна и да пишува драмски текстови и сценарија. Паралелно со уметничката кариера интезивно се занимава и со културен менаџмент, продукција и неформално театарско и филмско образование. Во 2020 година магистрира на смерот за филмска и телевизиска режија. Автор е на неколку публикувани критички осврти. Како театарски и филмски уметник е претставен на сите континенти, а некои од неговите режирани претстави и напишани сценарија се носители на меѓународни награди и признанија. Во изминатите четири години живееше во Лондон, а сега е на релација помеѓу живеалиштето во Скопје и работното место во театарот „Антон Панов“ во Струмица.