Официјална селекција на краткометражни филмови
ПРВА ВЕЧЕР (122′)

Сидерал (Sideral, 2021)

Бранка (Branka, 2021)

Див, див Веслос (Wild Wild Vesløs, 2021),

Ноќна посета (Nachtbesuch, 2020)

Сведок (Witness, 2020)

Низ маглата (Through the Haze, 2020)

Тивкиот човек (L’homme silencieux / A Quiet Man, 2021)

Северен пол (North Pole, 2021)
-
Сидерал (Sideral, 2021)
6 јуни (понеделник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Карлос Сегундо / Carlos Segundo, BR/FR, 15'
Во Натал, на северниот брег на Бразил, земјата се подготвува да ја лансира својата прва вселенска ракета со екипаж во вселената. Брачен пар живее со своите две деца во близина на вселенскиот центар; мајката Марсела е чистачка во центарот, а таткото е механичар. Во градот сите се возбудени пред необичниот настан, а еуфоричната атмосфера ја разбива тежината на социјално скудната, летаргично застоена реалност и ја потхранува имагинацијата за освојување на нова надеж. Изморена од улогата што и е доделена, потоната во мачнината на безбојното секојдневие и Марсела погледнува кон небото со копнеж. И таа има право да сонува за други хоризонти.
Филмот премиерно е прикажан како дел од официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал во 2021 година. -
Бранка (Branka, 2021)
6 јуни (понеделник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Акош К. Ковач / Ákos K. Kovács, HU, 20’
Југославија, 1991. Некаде во близина на унгарската граница, далеку од воените зони, Бранка, медицинска сестра од Сараево, се вработува во акушерскиот оддел во државната болница. Додека се обидува да се вклопи во новата работна средина и да го совлада чувството на осаменост, таа ја запознава младата бремена унгарка Анџела, која сама го чека своето прво дете и, за кратко време, заемната ранливост ги зближува. Но, наскоро станува јасно дека осаменоста не е најголемиот товар со кој треба да се соочи Бранка. Новороденчињата исчезнуваат од болницата, а ова шокантно откритие ја исправа Бранка пред сериозна морална дилема. -
Див, див Веслос (Wild Wild Vesløs, 2021),
6 јуни (понеделник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Есбен Персон / Esben Persson, DK, 15'
По смртта на неговиот татко, синот ја расчистува татковата куќа во Северен Јитланд на периферијата на Веслос, Данска. Сè треба да се спакува и одвлече. Треба да се подредат и сеќавањата. Пробивајќи се низ собите со кутии тој постепено се губи во спомените на заедничкото минато, летните викенди и совршената љубов далеку во провинцијата. Патувајќи низ засилени сензорни и емоционални контрасти, интимниот и лирски тек на свеста доловува нешто препознатливо за тагата и за загубата, за комплицираната, но нераскинлива врска на таткото и синот.
Филмот беше премиерно прикажан на фестивалот за краток филм во Копенхаген во 2021, каде што доби специјално признание во категоријата најдобар дански краток филм. -
Ноќна посета (Nachtbesuch, 2020)
6 јуни (понеделник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Јоана Фогт / Joana Vogdt, DE, 14’
По пропуштениот авионски лет, Лена, германско-швајцарска студентка, останува да преноќи во станот на нејзиниот стар пријател и неговиот цимер. Пријатната, опуштена вечерна атмосфера, со бавно темпо, меки тонови и ненаметлив наративен стил, спонтано се подигнува до благо возбудлива еуфорија која длабоко во ноќта доведува до неочекуван пресврт. Зошто Лена веднаш не забележува што се случува? Филмот ги преиспитува нормативно востановените поими и претстави за тоа што претставува силувањето, начинот на кој е извршено и како некој (ќе) се однесува, наспроти околностите коишто честопати се многу посуптилни и подифузни.
Филмот имаше светска премиера на Интернационалниот фестивал за краток филм во Палм Спрингс во 2020 година. -
Сведок (Witness, 2020)
6 јуни (понеделник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Али Асгари / Ali Asgari (2020), FR/IR, 15’
По кратка семејна дискусија мајката се враќа во трговскиот центар да го замени фустанчето, оставајќи ја својата малечка ќерка да ја чека во автомобилот. Попатно, таа застанува да и помогне на една постара жена да застане на ескалаторот. Нејзината интервенција, сосема изненадувачки, ќе придвижи една низа на несакани настани кои брутално ја соочуваат со влијанието на нејзините постапки. Густината на нејзината емотивна резонанца бара миговна разрешница. Ќе може ли својата конфузна реакција морално да ја оправда во очите на несаканиот сведок?
Филмот е прикажуван на повеќе значајни фестивали како оние во Стокхолм, Хелсинки, Лондон, Варшава и многу други. -
Низ маглата (Through the Haze, 2020)
6 јуни (понеделник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Диого Салгадо / Diogo Salgado, PT, 14’
Две деца си играат во шумата околу езерото. На самрак, едното од нив ќе побегне. Додека некој талка низ темната шума барајќи го својот изгубен пријател, целата атмосфера станува тактилна, мрачна и претчувствителна, а ноќните силуети, текстури и звуци со својот мистериозен стисок полека ја обвиткуваат детската душа. Хипнотичко патување „низ маглата“ на непроѕирната меморија; поетичка реминисценција на некои фрагментирни искуства и сеќавања уникатни за секое детство: мали, навидум тривијални конфликти коишто во детската душа се отсликале како ужасни инциденти и како сопствени мистерии останале во нас да тлеат вечно.
Филмот премиерно е прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2021 година. -
Тивкиот човек (L’homme silencieux / A Quiet Man, 2021)
6 јуни (понеделник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Нима Карти / Nyima Cartier, FR, 14’
Во парискиот финансиски кварт La Défense, од 17-тиот кат на една деловна зграда, Пјер гледа низ прозорецот: долу, колегата Винсент Бланшо којшто беше отпуштен од работа тоа утро седи на клупа со часови, сам на студот. Зошто не си оди дома? Од височините на неговата канцеларија, Пјер се прашува што да прави. Инспириран од расказот на американскиот писател Херман Мелвил: „Bartleby, the Scrivener: A Story of Wall Street.“ (Бартлби, службеникот: Приказна за Вол Стрит), „тивкиот човек“ Винсент на француската режисерка Нима Карти со самата своја појавност дразни, интригира, ја вознемирува социјално аутистичната совест. -
Северен пол (North Pole, 2021)
6 јуни (понеделник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Марија Апчевска / Marija Apchevska, MK/RS, 15’
Среде приградското сивило и полињата прекриени со магла, Марго доживува суптилна внатрешна промена; чувствува како во неа зрее, придоаѓа, надира една нова сензуалност. Ова ново себесознание целосно го преплавува нејзиниот темперамент и ја одредува динамиката на нејзините расположенија: од целосно дистанцирање до радикален пркос. Интимната драма која Марго не успева јасно да ја артикулира и да ја вкалапи во рамките на социјалните очекувања, спонтано се разрешува низ една детска игра. Возрасноста сепак може да почека.
Филмот учествува на повеќе од 40 меѓународни фестивали, меѓу кои и на Канскиот филмски фестивал, како дел од официјалната селекција, освојува повеќе награди, како и номинација за Европските филмски награди (ЕФА) и квалификација за Оскар. Својата американска премиера филмот ја имаше на 25 април 2022 год., на 51-то издание на фестивалот „Нови режисери / нови филмови“ во Музејот на модерната уметност (MoMA) во Њујорк.
ВТОРА ВЕЧЕР (122′)

Труби на небото (Trumpets in the Sky, 2021)

Кукла (Dummy, 2020)

Трамвај (Tramway, 2021)

Џони (25, машко), во радиус од 3 км, сака да плива (Joni (25, Male), 3km away, likes to swim, 2021)

Варша (Warsha, 2020)

Последниот ден од патријархатот (The Last Day of Patriarchy, 2021)

Не ми се допаѓа 17 часот (I don’t like 5 pm, 2020)

Адријан и Натали (Hadrien Еt Nathalie / Hadrien & Nathalie, 2021)
-
Труби на небото (Trumpets in the Sky, 2021)
7 јуни (вторник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Ракан Мајаси / Rakan Mayasi, LB, 15’
Бушра, 14 годишно сириско девојче, го минува денот собирајќи компири по полињата во живописната долина Бека, во северен Либан. По долгиот работен ден, таа се враќа кај својата мајка во кампот и дознава дека таа ноќ нејзиното детство ќе заврши. Визуелно контемплативен и метафоричен, „Трубите на небото“ е мрачна социо-општествена драма за комплексноста на традиционалните културни релации, патријархатот, последиците од војната и митот за жртвувањето.
Филмот беше селектиран во официјалната натпреварувачка програма на престижниот Интернационален фестивал на краток филм Клермон-Феран во Франција во 2022 год. и има богата фестивалска промоција ширум светот. -
Кукла (Dummy, 2020)
7 јуни (вторник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Лауринас Бареиса / Laurynas Bareisa, LT, 12’
Група литвански истражители тивко се пробива низ шумата водејќи го обвинетиот Томас до местото на злосторство заради реконструкција на настанот. Деталниот приказ на бруталност, презентиран со студена интонација и перверзна ладнокрвност, не вознемирува никого. Изненадувачки лежерно па дури и малку здодевно, останатите во групата го слушаат мачниот опис дури и кога неговата демонстрација на куклата станува одвратна. Наместо презир и осуда, Томас добива нешто што повеќе наликува на солидарност и толеранција од групата. Инспекторката Мигле, која ја води истрагата, ја чувствува оваа бизарна динамика на групата, со прилично јасно оцртани родови улоги, суптилна игра на моќ која ја притиска, потценува, омаловажува.
Филмот премиерно е прикажан на Берлинскиот филмски фестивал во 2020 год, по што следува богата фестивалска промоција. -
Трамвај (Tramway, 2021)
7 јуни (вторник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Бартош Рец / Bartosz Reetz, PL, 22’
Секое утро трамвајот го напушта депото и по однапред утврден возен ред се упатува на својата редовна обиколка на градот. Во него секое утро е и Марта, професорка по географија во основно училиште, во средината на триесеттите години. Трамвајот е видллива метафора на нејзиниот живот: еднолиниски, врамен во две шини, репетитивен. Еден ден, една неочекувана средба ќе ја вознемири нејзината секојдневна рутина и ќе пробуди една подзаспана животна радост. Ќе има ли Марта смелост да го напушти „возниот ред“, да се препушти на инстинктите и да живее длабок, значаен и исполнет живот? -
Џони (25, машко), во радиус од 3 км, сака да плива (Joni (25, Male), 3km away, likes to swim, 2021)
7 јуни (вторник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Луис Шуберт / Luis Schubert, DE, 12'
Џони бега од динамиката на големиот урбан центар, градот, без да излезе од него. Со чувство на егзистенцијална празнина и отсуство на вистинска поврзаност со некого или со нешто, тој талка, шета низ паркот, крај споменикот и редовните туристички групи, покрај езерото, во обид повторно да му пристапи на градот, да пронајде нова блискост со другите, и она што најмногу му недостига: љубов. -
Варша (Warsha, 2020)
7 јуни (вторник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Донија Бадир / Dania Bdeir, FR/LB, 16’
Краткометражниот филм „Варша“ на либанско-канадската режисерка Донија Бадир ни ја раскажува приказната за Мохамад, сириски мигрант без документи, кој работи напорна и слабо платена работа на градилиште во Бејрут. Едно утро, тој доброволно ќе се пријави за работа како оператор на еден од највисоките и најопасните кранови во Либан, работа која се избегнува поради честите трагични инциденти. Во неговата мала кабина, таму горе во височините, во тој мал приватен меур на слободата, Мохамад пронаоѓа доволно простор за опуштање од физичкиот и емоционалниот напор, притисоците и маргинализацијата, и можност својата најдлабока суштина спектакуларно да ја манифестира.
Соето деби во САД филмот го имаше на Филмскиот фестивал Санденс, каде ја освои наградата на жирито за најдобар краток филм. -
Последниот ден од патријархатот (The Last Day of Patriarchy, 2021)
7 јуни (вторник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Олмо Омерцу / Olmo Omerzu, CZ, 16’
Оваа вечер најверојатно ќе биде последна за Иво и тој тоа го знае. Зад вратите на болничката соба чекаат членовите на неговото семејство и пријателите. Доаѓа и неговиот внук Јакуб со неговата нова, млада, бремена девојка Нина. Кога ја запознава со старецот, Нина се соочува со изненадувачки непристојна реакција на роднината што умира. Семејството е шокирано. По почетниот срам, семејниот трибунал поведува јавна, апсурдна и бизарна дебата во ходникот, на која Нина не е поканета. Како да се реши ваквата деликатна ситуација? Дали треба да се исполни последната желба на главата на семејството? -
Не ми се допаѓа 17 часот (I don’t like 5 pm, 2020)
7 јуни (вторник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Франциско Дијас / Francisco Dias, PT, 9’
Експерименталниот филм „Не ми се допаѓа 17 часот“ на младиот португалски режисер Франциско Дијас претставува интимно поетско портретирање на првата љубов. Приказната се гради како документаристичко-естетски колаж составен од лични фотографии и видеа снимени во природата на Норвешка, Португалија и Полска. Поделен во четири поглавја, филмот ја прикажува потрагата, љубовта, разделбата и сеќавањето. Неможноста да се премостат растојанијата ги стивнува првите интензивни емотивни доживувања, а во шумата покриена со мов останува да лежи една млада Полјачка која пее за невозможната љубов. -
Адријан и Натали (Hadrien Еt Nathalie / Hadrien & Nathalie, 2021)
7 јуни (вторник) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
реж. Филиберт Го / Philibert Gau, FR, 20’
Пролет е, а Адријан е повторно дома, во својот роден крај, меѓу своите другари од детството. Тука е и Натали, неговата љубов од младоста, a радосната дружба повторно ги буди подзаборавените сензации. Играта на сликите на поделениот екран (split-screen) споделува една меланхолична, копнежлива носталгија која постепено ги преплавува нивните лица. Метафизичка тага предизвикана од нешто што е толку блиску, тука, а веќе е одамна одминато.