ЗАКЛЕТВАТА НА ХАСАН (Commitment Hasan / Baglilik Hasan, 2021)
ПО ЉУБОВТА (After Love, 2020)
ПРЕТПОСЛЕДНИОТ (The Penultimate / Den Næstsidste, 2020)
КОСТА БРАВА, ЛИБАН (Costa Brava, Lebanon, 2021)
КЛАРА СОЛА (Clara Sola, 2021)
-
ЗАКЛЕТВАТА НА ХАСАН (Commitment Hasan / Baglilik Hasan, 2021)
2 јуни (четврток) 18.30 Кинотекa
4 јуни (сабота) 16.30 Кинотекa
реж. Семих Капланоглу / Semih Kaplanoğlu, TR, 147'
Кога Хасан ќе ја прими веста дека на неговиот имот наследен од татко му треба да се постави електричен столб, станува загрижен за својата животна иднина.
Морална приказна која го осуетува лицемерието на семејствата на селските земјоделци и која покажува како гордоста може да надвладее над лицето на понижувањето. Претстоечкиот аџилак на Хасан, всушност е пригода за согледување на грешките од минатото и можност за патување до покајанието, пред сè, преку барањето прошка од сите оние на коишто им згрешил, а особено земањето благослов од човекот пред кого тој чувствува најголема вина – неговиот брат.
Филмот на Капланоглу беше прикажан во селекцијата „Извесен поглед“ на Канскиот филмски фестивал 2021, потоа на фестивалите во Чикаго и Карлови Вари, а добива и Награда за најдобар странски филм во Сао Паоло од филмските критичари. -
ПО ЉУБОВТА (After Love, 2020)
3 јуни (петок) 17.00 Кинотекa
6 јуни (понеделник) 19.00 Кинотекa
реж. Алем Кан / Aleem Khan, UK, 90'
Што би направиле ако останете сами и откриете дека партнерот со кој живеете ви е само делумно познат, а неговиот влог е само ситен дел од вашата комплетна и предадена жртва?
ПО ЉУБОВТА нè води на трогателно патување низ загубата, тагата и потрагата по идентитетот. Тајните, лагите, жртвите и измамите кои се провлекуваат низ животот на една двојка одекнувааат како ехо на љубовта во овој дебитантски филм на Алим Кан.
Филмот ја тематизира љубовта меѓу другото и како ултимативен чин на неверство и измама и се обидува да ја демистифицира прикажувајки ја (и) како должност. Од една страна на овој љубовен заплет е (веќе покојниот сопруг) Ахмед кој водел двоен живот и имал паралелна врска со друга жена, а од другата е Мери која целосно му била предадена и нему и на заедничкиот живот во брачната заедница..
Филмот бил прикажан на Канскиот филмски фестивал во селекцијата „Недела на критиката“ во 2020, а бил прикажан и на филмските фестивсли во Телуриде, Торонто и BFI Лондонскиот филмски фестивал. Јоана Сканлан (Joanna Scanlan) ја добива Наградата за најдобра актерка на филмските фестивали во Солун, Даблин и на БАФТА наградите 2022. -
ПРЕТПОСЛЕДНИОТ (The Penultimate / Den Næstsidste, 2020)
3 јуни (петок) 18.30 Кинотекa
8 јуни (среда) 18.30 Кинотекa
реж. Јонас Керуп Хјорт / Jonas Kærup Hjort, DK/NO, 120'
Сместен во мрачна дистописка и клаустрофобична атмосфера, овој филм со елементи на драма на апсурдот се наоѓа на линијата меѓу делата на Франц Кафка и Луис Керол. Дезориентацијата, збунетоста и изгубеноста на антихеројот од филмот во непознатиот и чуден свет се само дел од клучните елементи на долгометражниот филмски првенец на Јонас Керуп Хјорт. Преку специфичен хумор и алегорија, и притоа користејки минималистичка сценографија, данскиот режисер ни нуди едно гротескно патување во еден простор (објект) кој наликува на лавиринт.
Во самиот филм е непознато како времето тече. Но смртта е симбол на времето. Затоа смртта е толку далеку колку што е и близу. Филмот нè упатува на фактот дека никогаш целосно не сме сами, а истовремено и на човековата потреба за трансенденција во самиот животен лавиринт.
Филмот бил премиерно прикажан во долгометражната селекција на дебитантки филмови на Фестивалот „Црни Ноќи“ (Black Nights) во Талин. -
КОСТА БРАВА, ЛИБАН (Costa Brava, Lebanon, 2021)
4 јуни (сабота) 19.00 Кинотекa
реж. Мунија Акл / Mounia Akl, LB/FR/ES/SE/DK/NO/QA, 107'
Дебитантскиот филм на либанската режисерка Мунија Акл, КОСТА БРАВА, ЛИБАН, со Надин Лaбаки (Хаос/Caperrnaum, 2018) во една од главните улоги, ги истражува проблемите на заштитата на животната средина низ призмата на едно либанско семејство. Семејството се населува во дом изолиран од урбаниот метеж во главниот град Бејрут, сакајќи да создаде една мала утописка заедница. Меѓутоа долго посакуваниот мир се чини нема да трае долго… Филмот на Акл претставува елегантна политичка алегорија и парабола за личната слобода и компромисите со животот во заедницата, но истовремено тој претставува и суптилна критика на отсуството на колективна морална одговорност пред несомерливите опасности од уништувањето на животната средина. КОСТА БРАВА, ЛИБАН премиерно беше прикажан во селекцијата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал 2021, а потоа патуваше и на фестивалите во Торонто, Чикаго, Сиднеј и ја доби наградата за Најдобар филм според публиката на BFI Лондонскиот филмски фестивал. -
КЛАРА СОЛА (Clara Sola, 2021)
7 јуни (вторник) 18.30 Кинотекa
реж. Натали Алварез Месен / Nathalie Álvarez Mesén, SE/CR/BE/DE, 106'
Главната хероина Клара е вклештена во вкрстен оган помеѓу патерналистичкото однесување на семејството и инхибицијата на природните страсти и нагони. Обвиен во едно дискретно руво на магичниот реализам, филмот на Натали Алварез Месен ни пренесува една интимна приказна за духовното будење и експлозијата на скриената и поттиснувана женска сексуалност на дистанцираната и помалку необична Клара.
Провокативна филмска медитација за дискрепанцата меѓу конзервативноста на фолклорната традиција и религиозните стеги и ограничувања од една страна, и откривањето на интимната природа на жената ситуирана во едно секојдневие со крајно ограничувачки услови.
КЛАРА СОЛА премиерно беше прикажан во програмата „Кензен“ на Канскиот филмски фестивал во 2021 година, беше дел од селекциите и на BFI Лондонскиот филмски фестивал и Солунскиот филмски фестивал (Специјална награда од жирито) и е добитник на Наградата за најдобар игран филм и Најдобра актерка (Венди Чинчила Араја / Wendy Chinchilla Araya) на меѓународниот фестивал во Сао Паоло.