Официјална селекција на краткометражни филмови
4/6 (Недела)
21.00
Летно кино „Мирно лето“
бесплатна проекција
РЕВИЈАЛНО: ФОКУС ГОДАР

Во темнината на времето (In the Darkness of Time, 2002)
-
Во темнината на времето (In the Darkness of Time, 2002)
Жан-Лик Годар / Jean-Luc Godard, FR, 10’
2023: ФОКУС ГОДАР ревијално во рамки на првата вечер од ОСК
„Во темнината на времето“ (Dans le noir du temps) на Годар е дел од колективниот филмски проект „Десет минути постар: виолончело“ (Ten Minutes Older: The Cello ) во кој заедно со група истакнати филмски автори креираат единствен колаж на различни визуелни рефлексии за суштината на времето на крајот на милениумот. Со реконстекстуализација и ремикс на слики од некои од неговите најпознати филмови, експерименталната форма на Годар кулминира во една мрачна евокација на историското време и реквием на сето она што сега е осудено да исчезне: младоста, сеќавањето, љубовта, филмот.
Визуелно жесток и шокантен во претставувањето на ексцесите на XX век, овој десетминутен филмско-филозофски трактат на Годар провоцира длабоко промислување на човековата времена егзистенција и дестилира моќна човечка емоција која останува да пламти во темнината на времето.
ПРВА ВЕЧЕР (123’)
КОМПЕТИТИВНА ПРОГРАМА

Сè по старо (Same Old, 2022)

Над површина (Über Wasser, 2021)

Ќебенцето (The Blanket, 2022)

Бездомник (Bergie, 2022)

За мене (About me / Over Mij, 2022)

Семка од авокадо (An Avocado Pit / Um Caroço de Abacate, 2022)

Второ лице (2nd Person, 2022)

Ноќна светлина (Luz Nocturna, 2022)
-
Сè по старо (Same Old, 2022)
Лојд Ли Чои / Lloyd Lee Choi , US/CA, 15’
Лу, кинески имигрант, со својот електричен велосипед доставува храна низ улиците на Менхетен. Една ноќ, неговиот e-велосипед е украден и тој е принуден да тргне на очајно патување за да ја заштити својата кревка егзистенција. Филмот премиерно беше прикажан во официјална конкуренција на Канскиот филмски фестивал во 2022 година, a својата северноамериканска премиера ја имаше на реномираниот Меѓународен филмски фестивал во Торонто, каде што добива специјално признание од жирито за најдобар краток филм.
-
Над површина (Über Wasser, 2021)
Јела Хаслер / Jela Hasler, CH, 12'
Лето е во Цирих. Ели го започнува денот со утринско капење во каналот, но свежината нема да потрае долго. Пладневната горештина го поклопува градот, а секојдневните, тривијални непријатности на урбаниот метеж стануваат сè понеподносливи и раздразливи. Ели се обидува да избега од инвазивниот, динамичен колапс на градот, но постојано наидува на мали чинови на агресија кои во неа акумулираат гнев.
Филмот е прикажуван на повеќе значајни светски фестивали како оние во Кан, Берлин, Локарно и многу други.
-
Ќебенцето (The Blanket, 2022)
Тепо Ајраксинен / Teppo Airaksinen, FI, 15’
Зима, 1939 година, Финска. Од својот дом на малечкиот остров близу Хелсинки десетгодишната Марја поаѓа пеш преку големото езеро покриено со мраз за да донесе млеко за своето братче. Но, тенкиот мраз ни приближно не е најопасното нешто со што таа ќе се соочи на патот.
Трогателна приказна за суровоста на човековата деструктивна природа, но и за изненадувачката сила и топлата солидарност кон другите, раскажана од детска перспектива низ импресивната актерска игра на младата и талентирана Елина Патрака (Elina Patrakka).
-
Бездомник (Bergie, 2022)
Дајан Вејс / Dian Weys, SA, 7’
Терминот „берги“ (bergie) е од јужноафриканско потекло а се однесува на „бездомниците“ кои во минатото барале засолниште на падините на планината Тејбл. Денес, 14.000 бездомници во Кејптаун имаат 11 пати поголеми шанси да бидат уапсени од просечниот Јужноафриканец. Кога во „Бездомник“, полицискиот службеник треба да ги отстрани луѓето кои спијат на тротоарот за да направи место за рекреативна трка на 10 километри, тој ќе мора да се снајде со нормативната, но и со моралната проценка и лична одговорност кога ќе се соочи со достоинството на оние кои се немоќни во очите на општеството. За жал, се чини дека еден од начините на кои ќе сфатите дека бездомник умрел е, кога тој или таа се наоѓа на вашиот пат.
Филмот беше селектиран во официјалната натпреварувачка програма на престижниот Интернационален фестивал на краток филм Клермон-Феран во Франција во 2023 година.
-
За мене (About me / Over Mij, 2022)
Али Асгари / Ali Asgari, NL, 15’
Младата Фатима во себе чува една тајна што може да ја промени нејзината судбина. Кога татко и ја носи на лекарски преглед, таа ќе почувствува дека е принудена да ја соопшти тајната, но и дека тука можеби би можела да побара помош, доверба и трошка разбирање, исправајќи ја докторката пред тешка морална одлука: да се држи до принципите на медицинската етика или да интервенира во културната традиција на нејзиното семејство.
Филмот имаше светска премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Варшава во 2022 година.
-
Семка од авокадо (An Avocado Pit / Um Caroço de Abacate, 2022)
Ари Зара/ Ary Zara, PT, 19'
Една ноќ, на улиците на Лисабон случајно се среќаваат две личности кои доаѓаат од различни социокултурни и родово-идентитетски реалности. Бујната, неодолива и волшебна личност на Лариса го предизвикува Клаудио на едно слободно, бесцелно талкање во ноќта, патување кое осцилира од блага емотивна конфронтација, до изливи на искрена радост и смеа. Моќна и охрабрувачка приказна која ги урива стандардизираните интерперсонални стереотипи, ослободена од насилство и исполнета со нежност, топлина и надеж за едно поблиско и поемпатично меѓучовечко разбирање.
Филмот беше селектиран во официјалната натпреварувачка програма на престижниот Интернационален фестивал на краток филм Клермон-Феран во Франција во 2023 год., и има богата фестивалска промоција ширум светот.
-
Второ лице (2nd Person, 2022)
Рита Барбоса / Rita Barbosa, PT, 16'
Меѓу блоковите од кули кои светат под тивкото сонце, низа странци изгледаат отуѓени и замаглени под сенките на нивните станови. Но, се чини дека сите тие се дел од истата мрежа, како џиновски бетонски колонии од отровни печурки изгубени во големиот безличен град. Меката и хипнотизирачка нарација понира до најдлабоките суптилни и интимни фрагменти на личната меморија, а длабокото дишење и рапавиот глас овозможуваат да го вкусиме секој збор. Помеѓу мрачни и морничави претстави, и рефлексии кои сугерираат надеж, оваа визуелно акустична поема ни нуди отуѓен, но истовремено емпатичен поглед кон нашиот свет.
-
Ноќна светлина (Luz Nocturna, 2022)
Ким Торес / Kim Torres, CR, 14'
Але е седумнаесетгодишна девојка која живее во внатрешноста на рурална Костарика заедно со нејзините двајца помали браќа и сестри. Импресивните натуралистички пејсажи на нивниот крајолик ги прекриваат темни, густи и тешки испарувања на тегобната реалност додека тие се препуштаат на сонливо лебдење натопено со тишина, огорченост и кратки моменти на радост. Топла приказна за браќата и сестрите кои се обидуваат да создадат мало јадро на топлина и светлина коешто ќе ги заштити од премолчаната горлива вистина: нивната мајка ги оставила и нема да се врати.
5/6 (Понеделник)
21.00
Летно кино „Мирно лето“
бесплатна проекција
ВТОРА ВЕЧЕР (122’)
КОМПЕТИТИВНА ПРОГРАМА

Пред потоа (Before After, 2022)

Алба Вулва (Alba Vulva, 2022)

Те молам, потруди се (Please Make It Work, 2022)

Тивкиот свиреж (The Silent Whistle / Feng Zheng, 2022)

Лудило (Craze / Hajszálrepedés, 2022)

Гробишта на коњи (Graveyard of Horses, 2022)

На тронот на Ксеркс (On Xerxes' Throne, 2022)
-
Пред потоа (Before After, 2022)
Филип Бојарски / Filip Bojarski, PL, 20’
Студентскиот филмски проект на младиот полски режисер, сценарист и филозоф Филип Бојарски (Filip Bojarski) истражува колекција портрети на ликови кои минуваат низ егзистенцијална криза. Обидувајќи се да се соочат со сопственото животно разочарување, тие се препуштаат на интимните разговори на „изморената“ душа самата со себе. Но, динамиката на внатрешниот дијалог со сопствените, добро познати, повторливи мисли, иако честопати се чини како очајно вртење во маѓепсан круг, можеби може да понуди и утешителен, исцелителен излез.
-
Алба Вулва (Alba Vulva, 2022)
Дорка Вермеш / Dorka Vermes, HU, 16'
Базиран на краткиот расказ на канадската писателка Ненси Џо Кален (Nancy Jo Cullen), "Valerie's Bush", „Алба Вулва“ ја раскажува приказната за Едина, средовечна интелектуалка која живее повлечена во себе, сè уште длабоко повредена од неодамнешното раскинување на долгогодишната врска. Во салонот за убавина, за време на болниот козметички третман, принудена да дојде во директен контакт со своето тело, таа се соочува со своите потиснати спомени и со својата внатрешна тага.
Филмот премиерно е прикажан на Сараевскиот филмски фестивал во 2022 год., како и на меѓународниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин.
-
Те молам, потруди се (Please Make It Work, 2022)
Даниел Соариш / Daniel Soares, CH/PT, 14’
Во еден единствен кадар, португалскиот режисер Даниел Соариш (Daniel Soares) го отсликува силниот контраст помеѓу возвишената убавина на швајцарските алпи коишто го одземаат здивот, и дребноста и безначајноста на една малечка човечка драма. Филмот ја раскажува приказната за Клаудија, португалска имигрантка која мора да се справува со тежината на нејзините секојдневни обврски, но и со јазот којшто се создава помеѓу неа и нејзината ќерка тинејџерка.
Филмот премиерно е прикажан на филмскиот фестивал во Локарно во 2022 година.
-
Тивкиот свиреж (The Silent Whistle / Feng Zheng, 2022)
Ли Јинг‘тонг / Yingtong Li, CN, 18’
По доаѓањето во големиот град, далеку од својот роден остров, 19-годишната Минг живее тивко, осамено и дистанцирано во малечкиот стан, работејќи само во ноќна смена како продавачка во блискиот маркет. Еден ден, пред почетокот на пролетниот фестивал, нејзиниот сосед Руи ја кани на „специјална“ вечера и таа се согласува. Присуството на вечерата и разговорите околу трпезата, во неа ќе пробудат една длабоко потисната траума и една неискажлива тага.
Филмот премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2022 година.
-
Лудило (Craze / Hajszálrepedés, 2022)
Бјанка Желештеи / Bianka Szelestey, HU, 22'
Сосема неочекувано, непосредно пред почетокот на семејната вечера, Арон и соопштува на Ленке дека си заминува; после осум години заеднички живот тој повеќе не чувствува ништо кон неа. Иако Ленке е таа која видливо манифестира слабост и очај до граница на себеобезличување, баналноста на расправијата за време на вечерата ја разоткрива взаемната размена на суптилна агресија и потребата од тивка доминација која ги покажува слабостите и на двајцата. Тие веќе одамна не можат го видат она што некогаш го гледале еден во друг.
Филмот премиерно беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2022 година.
-
Гробишта на коњи (Graveyard of Horses, 2022)
Џјанг ‘Шјао‘шјуен / Xiaoxuan Jiang, US, 17’
Студена зима во монголската степа. Ненадејната снежна бура ги отежнува условите за живот на бремената сточарка и нејзината 8-годишна ќерка; исчезнатото стадо овци, нероденото дете, отсутниот сопруг и трагите од волци ги соочуваат со екстремна егзистенцијална неизвесност. Наспроти многубројните приказни за херојството на мажите-воини присутни во монголската културна традиција, младата режисерка Џјанг ‘Шјао‘шјуен во својата топла и трогателна семејна драма „Гробишта на коњи“ ни го покажува женското лице на заедницата и нејзината сила, вешто проткајувајќи го мотивот на женственоста и мајчинството со филозофско-религиските погледи за животот, природата и духовноста присутни во источниот, северноазиски мистицизам.
-
На тронот на Ксеркс (On Xerxes' Throne, 2022)
Еви Калогиропулу / Evi Kalogiropoulou, GR, 15'
Грчкото бродоградилиште Перма во близина на Атина е дистописки пејзаж на строго контролирана и стагнантна репресија. Долготрајната забрана за физички контакт меѓу работниците ги преобликува човечките интеракции во отуѓени симулации на потисната сензуалност; ограничени на оската човек-машина; визуелно-телесното целосно го потиснува емотивното. Доаѓањето на двајца нововработени во бродоградилиштето ја вознемирува групата, но можеби навестува и нова надеж.
Со овој луциден, хипнотично заводлив, поетски и политички есеј, Еви Калогиропулу избира да зборува, преобмислува и критикува важни аспекти на човековата современа егзистенција. Светската премиера филмот ја имаше на Канскиот филмски фестивал во 2022 година.