Официјална селекција на долгометражни филмови

(23.5 / 21:00) ПОСЛЕДЕН ЗДИВ

(24.5 / 21:00) УНИВЕРЗАЛЕН ЈАЗИК

(25.5 / 21:00) НОВАТА ГОДИНА ШТО НЕ ДОЈДЕ НИКОГАШ

(26.5 / 21:00) ШАМБАЛА

(27.5 / 21:00) ПАНОПТИКОН
-
(23.5 / 21:00) ПОСЛЕДЕН ЗДИВ
23.5 (петок) 21:00
Кинотека
ПОСЛЕДЕН ЗДИВ (Le dernier souffle / Last Breath, 2024)
реж. Коста-Гаврас / Costa-Gavras, FR, 99’
Топол и нежен со призвуци на тестаментарност, „Последен здив“ на легендарниот Коста-Гаврас – веќе две години во десеттата деценија – храбро отстапува од неговиот препознатлив политички ракопис и, адаптирајќи ја интимната „Le dernier souffle: Accompagner la fin de vie“ (Последен здив: Придружувајќи го крајот на животот) на Клод Гранж и Режис Дебре, ни нуди длабока филозофско-интелектуална медитација за животот, смртта и човечката кршливост.
Фабрис Тусан, етаблиран но контроверзен париски автор, дознава за мал, неактивен тумор во абдоменот. Во отсуство на итност, биопсијата е заменета со редовни контроли, а во отсуство на јасност, мирот во животот на Фабрис е заменет со егзистенцијална тегобност. Во потрага по своевидна терапија, Фабрис се зближува со Огистен Масе, шеф на одделот за палијативна нега, кој на своите пациенти им нуди грижа место лекови, достоинство место лажна надеж и сегашност место неизвесна иднина – сè на сè, суштинска хуманост и продолжен живот место инвазивни процедури и одложена смрт.
Структуриран како низа од фрагментирани вињети, „Последен здив“ дава панорамски преглед на нашиот заеднички крај, нагласувајќи ја потребата тој да биде достоинствен. Не стремејќи се да ја реши загатката на смртта, Коста-Гаврас ни ја портретира како интимно, лично искуство, вешто оркестрирајќи ѝ своевидна филозофска симфонија, во која тишината и паузите се исто онолку артикулирани и резонантни колку и самите зборови.
Фестивали
Селекции: Сан Себастијан • Ротердам • Стокхолм • Ваљадолид • Рио -
(24.5 / 21:00) УНИВЕРЗАЛЕН ЈАЗИК
24.5 (сабота) 21:00
Кинотека
УНИВЕРЗАЛЕН ЈАЗИК (Une langue universelle / Universal Language, 2024)
реж. Метју Ренкин / Matthew Rankin, CA, 89’
Комбинирајќи уникатен визуелен стил со специфичен хумор, „Универзален јазик“ е шармантна комедија која топло ги слави човечката поврзаност и емпатијата. Второ долгометражно остварување на Метју Ренкин, филмот ги надминува културните граници, потсетувајќи дека и во отсуство на заеднички зборови, човечкиот дух наоѓа разбирање, дури и во нашиов сè постуден и сè поподелен свет.
Дејствието се одвива во мистериозна, надреална интерзона меѓу Техеран и Винипег – една алтернативна Канада каде фарси и францускиот се главни јазици. Во овој ухроничен, културно декласиран свет, животите на неколку ликови се преплетуваат на изненадувачки начини, а просторот, времето и идентитетите стануваат живи и флуидни.
Со зачудувачка имагинација и хумор што произлегува од апсурдни ситуации и културни недоразбирања, Ренкин нè води на разиграно патување од другата срана на секојдневните поделби, каде невидливите нишки меѓу диспарагните традиции и индивидуи обединуваат, а очигледните разлики се надминуваат во споделени искуства и свест за заедницата.
Евидентно повлијаен од иранската филмска школа, за Ренкин, „Универзален јазик“ е „Венов дијаграм меѓу Винипег, Техеран и Монтреал“. Но исто така е и филм полн со надеж, кој длабоко трогнува со поканата да погледнеме подалеку од поделбите.
Фестивали
Награди: Quinzaine, TIFF, Виена (FIPRESCI), Солун, Женева, Мелбурн
Селекции: Кан (Directors' Fortnight) • Торонто • Њујорк • Лондон • Монтреал • Рио • Ротердам • Гент • Хамбург • Валдивија • Маракеш -
(25.5 / 21:00) НОВАТА ГОДИНА ШТО НЕ ДОЈДЕ НИКОГАШ
25.5 (недела) 21:00
Кинотека
НОВАТА ГОДИНА ШТО НЕ ДОЈДЕ НИКОГАШ
(Anul nou care n-a fost / The New Year That Never Came, 2024)
реж. Богдан Мурешану / Bogdan Muresanu, RO, RS, 138’
И токму кога се чини дека романската кинематографија ја исцрпила темата за злогласната диктатура, дебито на Богдан Мурешану, „Новата година што никогаш не дојде“, нуди моќна нова перспектива. Проширување на неговиот краток филм, „Новогодишен подарок“ (2018), филмот е потресна, духовита студија на психологијата на шест лика чии судбини се вкрстуваат во предвечерјето на падот на Чаушеску.
Набиен со напнатост и неизвесност, филмот на Мурешану портретира едно општество веќе завеано од револуционерните ветришта некаде на запад. И додека вестите од бунтовниот Темишвар се тетерават на пат за Букурешт, жителите на главниот град стануваат жртви на параноја, осаменост и изолација. Нивните реакции варираат – од стоицизам преку адаптација до провокација – но сите се обединети од една иста, нескротлива желба за промена.
Трогателна медитација за репресијата, режимските трауми и стравот, „Новата година што никогаш не дојде“ е сатирично-трагикомичен мозаик на фрагменти од еден романски ден (20 декември 1989 година), но и сведоштво за индивидуалната издржливост, колективната волја, како и неуништливата надеж за секогаш подобра иднина.
Фестивали
Награди: Венеција (Orizzonti, FIPRESCI) • Каиро • Букурешт • Палм Спрингс
Селекции: Гоа • Цирих • B3 Biennale • Котбус • Гетеборг • Талин • Лисабон • Солун • Сиетл • Барселона • Вилнус • Истанбул • Лајден -
(26.5 / 21:00) ШАМБАЛА
26.5 (понеделник) 21:00
Кинотека
ШАМБАЛА (शम्भल / Shambhala, 2024)
реж. Мин Бахадур Бхам / Min Bahadur Bham, NP, FR, NO, HK, TR, TW, US, QA, 150’
Во едно зафрлено хималајско село во Непал, устроено според начелата на полиандријата, тукушто омажената и бремена Пема се обидува да го извлече најдоброто од својот нов живот. Но наскоро нејзиниот сопруг Таши исчезнува на трговскиот пат за Лхаса. Придружувана од монахот Карма, брат на исчезнатиот, таа тргнува на исцрпувачко патување низ суровата дивина – патешествие што, со секој чекор, сѐ повеќе прераснува во потрага по лична слобода и себеспознание.
Мајсторски испреплетувајќи ги традицијата и современоста, „Шамбала“ портретира една помалку позната и ретка култура врз платно скроено од здивоодземачки и маѓепсувачки хималајски пејзажи. Но, низ сета таа уникатна визуелна раскошност, филмот истражува безвремени и универзални теми, како љубовта, доблеста и потрагата по среќата во животот.
Очигледно е дека за Мин Бахадур Бхам, духовната слобода не произлегува од слепо прифаќање на конвенциите, туку од интроспекција и внимателно исцртување на сопствениот пат – филозофија што проникнува низ целото остварување. И навистина, можеби оваа непалска одисеја, со своето лежерно темпо и тивка сосредоточеност, изискува значителна доза трпение од современиот гледач, но наградата што ја нуди далеку го надминува вложениот напор – клуч за некои неистражени хоризонти и суштински согледби за човековата потрага по слобода и внатрешен мир.
Фестивали
Награди: Мумбај (Special Mention) • APSA (Cultural Diversity Award)
Селекции: Берлин • Локарно • Лондон • Карлови Вари • Мелбурн • Торино • Палм Спрингс • Ванкувер • Сиднеј • Рио • Хаифа -
(27.5 / 21:00) ПАНОПТИКОН
27.5 (вторник) 21:00
Кинотека
ПАНОПТИКОН (Panoptikoni / Panopticon,2024)
реж. Џорџ Сихарулидзе / George Sikharulidze, GE, FR, 95’
Кога таткото на интровертниот Сандро решава да се посвети на Бога, тинејџерот останува сам, затечен пред лавиринтите на созревањето. Обременет со будењето на сексуалноста – проткаена со воајеризам и егзибиционизам – младичот стапнува на трнливиот пат кон себеспознанието, во многу нешта потсетувајќи на младешката потрага и отуѓеност на еден друг познат бунтовник: Антоан Доанел од Трифоовите „400 удари“. Овој внатрешен немир и постојаното чувство на изложеност го добиваат своето концептуално јадро токму во насловот на филмот, кој директно алудира на добро познатиот концепт на Мишел Фуко: идејата за сеприсутниот надзор што не само што го претвора протагонистот во набљудувач, туку и го товари со параноичното чувство дека е непрестајно набљудуван – како од Бога, така и од репресивното општество.
Во својот долгометражен првенец, грузискиот режисер Гиорги Сихарулиѕе маестрално ја истражува оваа тенка, често замаглена линија меѓу позицијата на набљудувач и набљудуван, како и комплексната психологија на поединецот во репресивен амбиент. Длабоко вкотвен во специфична грузиска социокултура, „Паноптикон“ нуди комплексен портрет на индивидуа во клинч со сопствените демони и стегите на конзервативната средина.
И низ сето тоа, филмот дава остроумен осврт врз макрокризите на современото грузиско општество, растргнато меѓу верскиот фундаментализам, националниот идентитет и стремежот кон модернизација и европски вредности.
Фестивали
Награди: Карлови Вари (Commendation – Ecumenical Jury)
Селекции: Карлови Вари • Талин • Стокхолм • Гоа • Тромсо • Софија