Официјална селекција на долгометражни филмови
![[2&6/6] Некрстени денови (Ballad of Piargy, 2022)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/Ballad-of-Piargy_PIA03-1-1024x615.jpg)
[2&6/6] Некрстени денови (Ballad of Piargy, 2022)
![[3/6] Кралевите на светот (The Kings of the World / Los reyes del mundo, 2022)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/The-Kings-of-the-World_LRDM-FOTO-JUAN-C-COBO-11-1-1024x683.jpg)
[3/6] Кралевите на светот (The Kings of the World / Los reyes del mundo, 2022)
![[4/6] План 75 (Plan 75, 2022)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/OSD_Plan_75_1_PFF2023-1024x576.jpg)
[4/6] План 75 (Plan 75, 2022)
![[6/6] Последниот снег (The Last Snow / Barf-e Akhar, 2022)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/The-Last-Snow_02_bis_Festival-1-1024x684.jpg)
[6/6] Последниот снег (The Last Snow / Barf-e Akhar, 2022)
![[8/6] Совршен број (Perfect Number / Liczba doskonala, 2022)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/OSD_Perfect_Number_1_PFF2023-scaled.jpg)
[8/6] Совршен број (Perfect Number / Liczba doskonala, 2022)
![[8/6] 1976 (Chile '76, 2022)](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/3.1976_FRMA_009-scaled.jpg)
[8/6] 1976 (Chile '76, 2022)
-
[2&6/6] Некрстени денови (Ballad of Piargy, 2022)
Иво Трајков / Ivo Trajkov, SK/MK/CZ, 100’
Во пролетта 1939 г. се пренесува веста дека во малото планинско село Пиарџи (Piargy), затрупано од лавина снег пред само неколку дена, се родил Антихристот. Бискупот бара точно да се истражат изјавите на Јоанка, единствената преживеана од катастрофата, за да дознае што навистина се случило.
Љубов, страст, надеж, грев и казна. Ова се зборовите што најдобро би ја опишале атмосферата во најновиот филм на Иво Трајков, симбол на модерната Содома и Гомора. Визуелно раскошна приказна, базирана на кратка приказна на словачкиот писател Франтишек Швантнер (František Švantner), филмот импресионира со својата оригиналност и раритетност во пристапот на темата. Преку брилијантната црно-бела фотографија тој суптилно и нетенденциозно ни доловува атмосфера на историска драма и претставува огледало на хипокризијата на моралот, религијата и патријархалната традиција во општеството – подеднакво релевантна денес, како и во периодот непосредно пред Втората светска војна.
Филмот „Некрстени денови“ во словачко-македонско-чешка копродукција има учествувано на голем број меѓународни филмски фестивали и е добитник на повеќе награди, меѓу другите и на фестивалите во Буенос Аирес, Брисел, Фестивалот на независен филм во Монтреал итн.
-
[3/6] Кралевите на светот (The Kings of the World / Los reyes del mundo, 2022)
Лаура Мора / Laura Mora, CO/LU/MX/FR/NO, 104'
Пет момчиња од улиците на Меделин тргнуваат на патување во внатрешноста на Колумбија со надеж дека ќе дојдат до имот кој е во наследство на едниот од нив, а кој треба да го добие со програмата за враќањето на земјиштето. Бегајќи од насилството на оружјето (паравоени групи, трговци со дрога, мафијата со злато...), овие „кралеви без кралство“ влегуваат во опасна авантура генерирана од маргинализацијата и дискриминацијата на малиот човек. Во обидот да дојдат до парче живот, тие се борат за парченце простор и засолниште на своите желби и надежи, пренесувајќи ни ја идејата за свет без граници во кој сите луѓе се рамноправни.
Снимен во road movie манирот, „Кралевите на светот“ на колумбиската режисерка Лаура Мора Ортега е филм за непослушноста, пријателството и достоинството, за трагичното растење и за себепознавањето на младиот човек во еден свет преполн со убавина, но и насилство. Субверзивна приказна која транзитира помеѓу суровата стварност и мечтаената надреалност, низ едно поетично патување во потрагата по Ветената земја во која конечно ќе владеат слободата, еднаквоста и праведноста.
Филмот е добитник на наградата „Златна школка“ на Филмскиот фестивал во Сан Себастијан, „Сребрен Хуго“ во Чикаго, а зема учество и на фестивалите во Варшава, Цирих, Сао Пауло, Торонто, Солун итн.
-
[4/6] План 75 (Plan 75, 2022)
Чие Хајакава / Chie Hayakawa, JP, 112'
Што е она што го чини животот вреден за живеење е основното прашање што го отвора филмот на Чие Хајакава, снимен според нејзиниот истоимен краток филм од 2017-та година, дел од антологијата „10 години Јапонија“ чијшто извршен продуцент е Хироказу Кореда.
Во не толку далечна иднина, владата на Јапонија донесува посебна програма, промовирана како „хумано решение“, со која ги охрабрува луѓето повозрасни од 75 години самоволно да бидат еутаназирани за да го решат проблемот со „општеството кое старее“ и да им овозможат посветла иднина на своите деца.
Поставен во дистописка атмосфера, а низ призмата на конфликтни морални дилеми дебитантскиот „План 75“, меѓу другото, проговара и за проблемот на стареењето и достоинството на човековиот живот, како и за третманот на повозрасниот човек во денешното општество со појавата на ејџизмот и со маргинализирањето на луѓето од третата доба.
Главната протагонистка во филмот, 78-годишната Мичи, е во дилема: дали да го продолжи својот живот, или едноставно да биде послушна кон општеството преку нејзината саможртва...
„План 75“ учествува на повеќе филмски фестивали, а се закитува со награди на филмските фестивали во Кан (Специјално признание во програмата „Извесен поглед“) и Солун (награда на критичарите „Фипресци“).
-
[6/6] Последниот снег (The Last Snow / Barf-e Akhar, 2022)
Амирхосеин Асгари / Amirhossein Asgari, IR, 119'
Јусуф е успешен и посветен ветеринар во изолиран, питорескен планински предел кој се има здобиено со тешки изгореници во пожар предизвикан од глутница волци. Овој настан целосно му го менува животот, а неговата омраза кон волците прераснува во вистинска опсесија сè додека еден ден во неговиот живот не влезе жена екологист и почнува сè да се менува. Во меѓувреме, Халил, пријателот и колега на Јусуф е во потрага по неодамна исчезнатата ќерка. Сите селани ја бараат сè додека не почне пополека да се разоткрива енигмата...
Зимското студенило и сеприсутноста на тишината се провлекуваат скоро низ сите кадри во филмот на Амирхосеин Асгари кој изобилува со прекрасна кинематографија. „Последниот снег“ претставува реалистичен филмски наратив во духот на иранската филмска традиција, приказна за осамениот средовечен човек во срцето на природата, но и за неговата средба со љубовта и страдањето преку континуираното морално преиспитување и разрешување на дилемите.
Станува збор за второ филмско остварување на Асгари, по успешниот Без граници (Borderless, 2014), прикажан и во Ревијалната програма на ФФФ во 2018 год., филм кој ја имаше добиено Наградата за Најдобар азиски долгометражен филм на 27. Филмски фестивал во Токио. Неговиот втор филм, „Последниот снег“, е учесник на повеќе фестивали и добитник на неколку награди на еден од најзначајните филмски фестивали во Иран, Меѓународниот филмски фестивал Фаџр во Техеран.
-
[8/6] Совршен број (Perfect Number / Liczba doskonala, 2022)
Кшиштоф Зануси / Krzystof Zanussi, PL/IL/IT, 87’
Што да се избере помеѓу разумот, љубовта и верата? Со оваа дилема се соочуваат главните ликови во најновиот филм на светски познатиот и признат полски режисер Кшиштоф Зануси („Структура на кристалот“, „Илуминација“, „Животот како фатална сексуално пренослива болест“, „Година на тивкото сонце“, „Постојан фактор“, „Камуфлажа“ итн.). Јоаким (Andrzej Seweryn) е богат човек во години кој не мора повеќе никому ништо да докажува, и кому му се приближува крајот на животот. Од другата страна, се наоѓа младиот математички гениј, Давид, кој ја напушта ветувачката деловна кариера во странство и бара можност да го покаже својот талент во Полска.
Дали животот е последица на свесен избор, случајност или судбина? Дали Бог се меша во нашите животи? И доколку е така, чуму толку многу зло во светот? Дали Создателот остава сè за Последниот суд...?
Во „Совршен број“ Зануси се навраќа на дел од најзначајните теми од неговото досегашно филмско творештво, врските помеѓу науката, животот и вербата, овој пат презентирајќи ги во неочекуваната форма на интелектуален трилер. Самиот режисер го опишува својот филм како филм „за математиката и за Бога“.
„Совршен број“ досега бил учесник на Филмскиот фестивал Камеримиџ во Торун (Полска) и Меѓународниот филмски фестивал во Индија, а Зануси кој, покрај режијата, има завршено и филозофија и физика, по втор пат ќе биде гостин во Македонија, токму на 13. Филозофски филмски фестивал.
Гостување на режисерот Кшиштоф Зануси -
[8/6] 1976 (Chile '76, 2022)
Мануела Мартели / Manuela Martelli, CL/AR, 95'
Кармен, сопруга на лекар од повисоките општествени кругови и поранешна активистка на Црвениот крст, е повикана од страна на еден свештеник да се погрижи за млад борец на отпорот. Кармен храбро и несебично ја презема грижата и се обидува да му понуди медицинска помош на ранетото момче, но истовремено во неа се случува граѓанско и политичко будење согледувајќи го својот привилегиран, но истовремено и алиениран статус во чилеанското општество...
Инспириран од семејната историја на режисерката Мануела Мартели, дебитантското филмско остварување „1976“ е студија за паранојата во текот на раната фаза на режимот на Пиноче во Чиле којашто прави повторен обид за документирање на диктатурата како форма на владеење. Сите авторитарни режими упатуваат на уништувањето на поединецот во едно општество, а во нив, зачувувањето на душата и автентичното јас само по себе значат дрзок чин на политички отпор.
Филмот е учесник на филмските фестивали во Кан, Сан Себастијан и Токио, номиниран е за престижните Гоја награди, а извонредната Алин Купенхајм (Aline Kuppenheim), за главната улога во „1976“, се здобива со наградата Најдобра актерка на ИФФ Токио 2022.