ОФИЦИЈАЛНА СЕЛЕКЦИЈА НА ДОЛГОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ 14. ФФФ
![[7.6 / 21:00] ЗАТВОРИ ГИ ОЧИТЕ](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/OSD_Zatvori_gi_ocite_Viktor_Erice_14_FFF_20221020_CLO_@ManoloPavon_DSC1535-okok-VICTOR-CANNES_KEY_STILL-scaled.jpg)
[7.6 / 21:00] ЗАТВОРИ ГИ ОЧИТЕ
![[8.6 / 21:00] НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/OSD_Keystil_Do-Not-Expect-Too-Much_from_the_End_of_the_World_Radu_Jude_14_FFF_-9_Ilinca-Manolache_photo-credit-4-Proof-Film_KEY_STILL-scaled.jpg)
[8.6 / 21:00] НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ
![[9.6 / 21:00] ВО ЛУШПАТА НА ЗЛАТНИОТ КОЖУРЕЦ](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/OSD_Keystill_Inside_The_Yellow_Cocoon_Shell_Thien_An_Pham_14_FFF_2023_04_13-ITYCS-PRINT_01_KEY_STILL-scaled.jpg)
[9.6 / 21:00] ВО ЛУШПАТА НА ЗЛАТНИОТ КОЖУРЕЦ
![[10.6 / 21:00] ПРОЗАИЧНИ СТИХОВИ](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/OSD_Keystill_Terresterial_Verses_Ali-Asgari_Alireza-Khatami_14_FFF_2-1024x741.jpg)
[10.6 / 21:00] ПРОЗАИЧНИ СТИХОВИ
![[11.6 / 21:00] ГРАЃАНИНОТ СВЕТЕЦ](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/OSD_KeyStill_CITIZEN_SAINT_Tinatin_Kajrishvili_14_FFF_STILL-CS9_KEY_STILL-scaled.jpg)
[11.6 / 21:00] ГРАЃАНИНОТ СВЕТЕЦ
-
[7.6 / 21:00] ЗАТВОРИ ГИ ОЧИТЕ
7.6 (петок) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
ЗАТВОРИ ГИ ОЧИТЕ [Cerrar los ojos / Close Your Eyes, 2023]
реж. Виктор Ерисе / Victor Erice, ES/AR, 169’
Познатиот шпански актер Хулио Аренас исчезнува за време на снимањето на „Поглед за збогум“, вториот и никогаш завршен филм на неговиот добар пријател од младоста, режисерот Мигел Гарај. Иако неговото тело никогаш не е пронајдено, полицијата заклучува дека се работи за несреќен случај на море. Неколку децении подоцна, благодарејќи на сензационалистичко телевизиско шоу, мистеријата околу исчезнувањето на Аренас одново е во фокусот на вниманието на јавноста и, далеку поинтимно, во она на одамна пензионираниот Гарај. Повикан за интервју и опседнат од спомени и старост, Гарај помирено одлучува да им се наврати на три нешта кои како да се трудел дотогаш да ги остави зад себе: заминувањето на Аренас, луѓето од нивното заедничко минато, како и неколкуте сцени од почетокот и крајот на „Поглед за збогум“, немарно тестаментарни за двајцата некогашни пријатели...
„Затвори ги очите“ е богат и вдахновено поетски филм кој, според зборовите на самиот режисер, е нежна ода за идентитетот и сеќавањето. Едноставната елеганција на филмскиот ракопис и препознатливо одмерениот, многуслоен наратив се уште една потврда на фактот дека Ерисе одамна си има резервирано место во вишите редови на европскиот режисерски пантеон: и на 83 години, 31 година по неговиот последен филм, демонстрира вештина на стар мајстор и свежина на талентиран дебитант. Првото му дава за право да сними длабок филм за загубата и минатото; второто, пак, храброст да експериментира со структурата за да избегне фетишизација на тагата и да се фокусира на она што следува по неа – реакцијата, справувањето, спомените.
Едновремено јасен и енигматичен во разврската, „Затвори ги очите“ комуницира и на метасинематичко ниво. Постапката „филм во филм“ овде не е искористена само како декоративно наративно средство, туку и како суштински коментар на актот на снимање. Меѓу идентитетот и сеќавањата – ни предочува Ерисе – веќе стотина години стои и еден нивен чудесен посредник: филмот, неуморниот чувар на неповратното. „Личноста е повеќе од сеќавање за самата личност,“ забележува на едно место еден од протагонистите во „Затвори ги очите“. И филмот, се чини, е повеќе од сеќавање за филмот: често тој знае и повеќе од оној кој го снимил. Минатото како да е секогаш тука: особено она што е заборавено; не само што тоа не е мртво (би рекол Фокнер) туку – не е ниту минато.
„Затвори ги очите“ годинава беше учесник на многу фестивали ширум светот, а својата долго најавувана и нетрпеливо исчекувана премиера ја имаше лани, на Канскиот филмски фестивал. во соработка со: Амбасада на Шпанија во Скопје -
[8.6 / 21:00] НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ
8.6 (сабота) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
НЕ ОЧЕКУВАЈ ПРЕМНОГУ ОД КРАЈОТ НА СВЕТОТ
[Nu aștepta prea mult de la sfârșitul lumiiѕ / Do Not Expect Too Much from the End of the World, 2023]
Раду Жуде / Radu Jude, RO/LU/FR/HR, 164’
„Не очекувај премногу од крајот на светот“ е експериментална црна комедија – или и подобро, абразивна општествено-политичка сатира – со препознатливо жудеански субверзивни елементи, која не ја крие својата раскошна метафикционалност уште од првата сцена: филмот почнува со коментар дека треба да се гледа како разговор (а не само дијалог!) со „Ангела продолжува напред“ [Angela merge mai departe / Angela Goes On, 1982] на Лучијан Брату [Lucian Bratu], романски филм од залезните години на чаушевизмот.
И двата филма следат дел од монотоното секојдневие на две Ангели. Таксистката од филмот на Брату [Дорина Лазар / Dorina Lazar] кај Раду ѝ го отстапува местото на преангажирана и недоволно платена продукциска асистентка – ѓаволесто шармантната Илинка Манолаке [Ilinca Manolache] – која е задолжена за кастингот на краток рекламен филм за безбедност на работното место, нарачан од австриска мултинационална компанија. Нејзината задача е да најде некој кој бил трајно онеспособен додека ги извршувал своите работни ангажмани, а кој за €1.000 би се согласил да каже пред камера дека повредата била последица на неносење заштитна опрема; со други зборови, дека сето тоа било негова вина, а не на компанијата.
Низ средбите на Ангела со неколку намачени работници-инвалиди – сопоставени на сцени од филмот на Брату и вулгарни тиради кои Ангела ги споделува на ТикТок под своето ултрамажествено алтер его Бобита (наводен другар на Ендрју Тејт!) – Жуде вешто и пластично ни ја пренесува атмосферата на неправедност, нехуманост и апсурдност што го дефинира современиот капитализам. А преку двојниот наратив, тој воопшто и не е суптилен во оцената дека Ангелите од нашето неолиберално секојдневие не се премногу различни од оние истажени Ангели од 80-тите години на минатиот век. Не само што политичката патологија на комунистичка Романија не била надмината по падот на Чаушеску – таа како да хипертрофирала!
Горчливо зајадлив и годаровски ангажиран, „Не очекувај премногу од крајот на светот“ премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал во Локарно (каде и доби Специјално признание од жирито), а потоа и во Торонто, Истанбул, Њујорк, Чикаго, Хихон и на многу други значајни фестивали низ светот. -
[9.6 / 21:00] ВО ЛУШПАТА НА ЗЛАТНИОТ КОЖУРЕЦ
21.00 Летно кино „Мирно лето“
ВО ЛУШПАТА НА ЗЛАТНИОТ КОЖУРЕЦ
[Bên trong vỏ kén vàng / Inside the Yellow Cocoon Shell, 2023]
Тjен Ан Фам / Thiên Ân Phạm, VN / SG / FR / ES, 178’
Постои некоја свежина во овој свет – како да сте излегле од вратата од вашиот дом и веќе со наредниот чекор да сте влегле на некое неочекувано место.“ Така вели една рецензија за виетнамскиот филм „Во лушпата на златниот кожурец“ и живописно ја доловува опседнувачки сновидната атмосфера што провиснува над ова необично зрело деби на 34-годишниот Тјен Ан Фам, несомнен духовен поклоник на Вирасетакул, Ханеке, Киаростами...
Приказната почнува во Сајгон, летото 2018 година, во дворот на еден развревен ноќен ресторан. Додека во позадината гостите го прославуваат голот на Србија против Костарика, во преден план, Тјен и неговите другари разговараат за Бог и духовното. Одеднаш, нивниот разговор е грубо прекинат од брутална сообраќајна несреќа. Многумина истрчуваат да ги видат мртвите тела одблизу, но не и Тјен. Тој како да има видено вакви нешта многупати претходно; и како уште да не знае дека е главен протагонист во филмот и дека несреќата чиј сведок е мора да е некако врзана со него.
Го дознава тоа малку подоцна, откако една сесија еротска масажа му ја прекинува ѕвонењето на неговиот телефон. „Ќе да ме бара Господ,“ ѝ вели на масажерката. „Господ?“ „Мојот клиент,“ објаснува Тјен. Во ретроспектива, првата претпоставка се чини подобра: Тјен е известен дека во сообраќајната несреќа умрела неговата снаа и дека, во отсуство на брат му, кој одамна никој го нема видено, тој е задолжен да го пренесе мртвото тело во нивното родно село и привремено да го згрижи својот петгодишен внук Дао, кој некако за чудо ја преживеал несреќата без гребнатинка.
И така почнува долгото и бавно патување на Тјен низ мистичните предели на рурален Виетнам – кон неговата младост, кон некогашните љубови и познаници, кон минатото кое неочекувано му станува сегашност и иднина. На почетокот се чини како Тјен да е тргнат и во потрага по својот исчезнат брат, но набрзо станува јасно дека тој е истоветно изгубен како и него и дека она што, всушност, отсутно се труди да го пронајде на ова патување е – себеси. Запурничаво нежна приказна за незгасливиот копнеж на човековата душа да го допре трансцендентното и открие оностраното, „Во лушпата на златниот кожурец“ изобилува со долги и елегантни кадри, со амбиентална, елиптична нарација и специфични звучни ефекти кои провоцираат состојба на транс. Учесник на неколку филмски фестивали (Карлови Вари, Сан Себастијан, Сао Паоло, Талин, Мелбурн, Ерусалим), филмот ја доби „Златната камера“ на Канскиот филмски фестивал во 2023 година. -
[10.6 / 21:00] ПРОЗАИЧНИ СТИХОВИ
10.6 (понеделник) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
ПРОЗАИЧНИ СТИХОВИ
[Ayeh haye zamini / Terrestrial Verses, 2023]
Али Асгари, Алиреза Катами / Ali Asgari, Alireza Khatami , IR, 77’
Постојат филмови кои на почетокот може да се чинат како да имале скромна и ненаметлива цел: да ја претстават локалната реалност. Но како одминуваат минутите – небаре објектив на камера – тие постепено ја шират својата перспектива, малку по малку оддалечувајќи се од средината во која настанале. На крајот, гледачот тешко може да се оттргне од впечатокот дека сите тие регионализми и локализими, дека сите тие специфични правни или политички проблеми за кои се разговарало – сето она што било изгледано минатиот час и половина – всушност бил заобиколен обид да се проникне во најдлабокото, во универзалното. „Прозаични стихови“ на иранскиот режисерски двоец Али Асгари и Алиреза Катами е совршен пример за еден ваков филм.
Структуриран како колаж од девет куси, еднокадрени вињети – во секоја од кои просечен ирански граѓанин во крупен план се соочува со неумолив бирократ вон кадар – „Прозаични стихови“ одекнува со ехото на системската корупција, злоупотребата на моќта, цената на потчинетоста. Во секоја од вињетите почетниот проблем се чини наивен и пребродлив; па, сепак, како што се издолжува разговорот меѓу „престапникот“ и „судијата“, така и проблемот постепено се одлизгува кон кафкијански апсурд, за на крајот да потоне во зајадлив и потресен хумор, во гневот и очајот на протагонистите.
Тие, пак, доаѓаат од сите сфери на општеството во Техеран – од синојаки работници до уметници и пензионери – и ако имаат нешто заедничко, тоа е дека најчесто не се доживуваат себеси како жртви. Напротив, дел од нив се спротивставуваат на неволјите во кои се западнати, секој на свој сопствен начин, решени да го откраднат својот скуден дел од слободата од ситните моќници со кои се среќаваат и да го разоткријат – низ тој процес – лицемерието кое го обременува општеството што го населуваат.
Опишуван како „прониклива општествена фреска“ и „провокативна драма на современиот апсурд“, „Прозаични стихови“ е (со зборовите на Асгари) една долга „поетска дебата“ што ја илустрира прозаичната сегашност на Иран – а преку неа, се чини, и некое болно глобално утре. Или барем она што би можело да дојде – во случај да не внимаваме доволно денес.
Премиерно претставен во програмата „Извесен поглед“ на ланскиот Кански филмски фестивал, „Прозаични стихови“ оваа година ја доби Главната премија и Наградата на критичарите на Луксембуршкиот филмски фестивал. Учесник е и на фестивалите во Ротердам, Ванкувер, Хамбург и Цирих. -
[11.6 / 21:00] ГРАЃАНИНОТ СВЕТЕЦ
11.6 (вторник) 21.00 Летно кино „Мирно лето“
ГРАЃАНИНОТ СВЕТЕЦ
[Mokalake Tsmindani / Citizen Saint, 2023]
Тинатин Кајришвили / Tinatin Kajrishvili, GE, 100’
Во мал, неименуван рударски град во Грузија, на врвот од еден карпест рид со поглед кон пуста долина, исправена е статуа на необичен светец: распнат рудар, во комбинезон и со шлем. Селаните често доаѓаат на ова место да се помолат и да се исповедаат, да побараат заштита или прошка.
Но еден ден, откако статуата е пренесена во музеј за да се реставрира, распнатиот рудар ненадејно исчезнува од заклучената соба. Кога набрзо потоа во градот ќе пристигне мистериозен странец – навидум способен да прави чуда – суеверните жители почнуваат да веруваат дека нивниот светец се спуштил од крстот и дека селото е благословено со свој сопствен, локален месија. Не поминува долго пред радоста на заедницата да ѝ отстапи место на колективна параноја: ако странецот е навистина распнатикот од ридот, зарем не значи тоа дека тој ги знае сите – па и најмрачните тајни на селаните?
Исто онолку религиска сатира колку и општествена алегорија, филмот на Тинатин Кајришвили – режисерка на многу понатуралистичките „Невести“ и „Хоризонт“ – ја третира верата како метафора за нашата опседнатост со културни тотеми. Низ строга црно-бела палета, широки кадри и неконвенционални внатрешни ракурси, Кајришвили се служи со минималистичка нарација за да истражи теми како очајот, надежта, духовноста и сложеноста на човековата состојба во светот.
Контемплативното темпо, специфичната фотографија и оностраните хорални интерлудии на Тако Жорданија [Tako Zhordaniа] – сопоставени на повторливите, метални звуци на рударското секојдневие – дискретно реферираат на поетскиот мистицизам на раниот Тарковски и на есхатолошкиот фатализам на доцниот Тар. И вистина, оваа приказна за верата, ова меланхолично припомнување на некои дамнешни времиња и обичаи, се расплетува наспроти еден карпест, постапокалиптичен пејзаж, небаре врз остатоците од некоја некогаш успешна цивилизација, која од состојба на некогашен просперитет немарно западнала во тивка пропаст. А во такви услови, надежта се изнедрува со вродена маана: токму кога навидум лекува, всушност – дестабилизира.
„Граѓанинот светец“ е учесник на Филмскиот фестивал во Карлови Вари во 2023 година и добитник на неколку видни награди, меѓу кои и Главната награда на 16. CinEst (Central and Eastern European Film Festival) во Луксембург во 2023 година.