
ИВАН ЏЕПАРОСКИ

ПЕЛИН ЕСМЕР

СЕРДАР ОЗТУРК

ЈОНАС КЕРУП ХЈОРТ

БРАНИСЛАВ НИКОЛОВ

ЕРНЕСТО ХЕРЕДЕРО ДЕЛ КАМПО

ТОМАС ВАРТЕНБЕРГ

MАРИЈА АПЧЕВСКА

ЛУИС МАРТИН АРИАС

ДАРИЈАН ПЕЈОВСКИ

КИЦА КОЛБЕ

СТОЈАН СИНАДИНОВ

АЛИСИА ВИЛАР ЕСКУДЕРО

ЗЛАТКО ЃЕЛЕВСКИ

МАРИГЛЕН ДЕМИРИ

ЈАСНА КОТЕСКА

ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ

СЕРХИО ФЕРНАНДЕЗ

СНЕЖАНА МЛАДЕНОВСКА АНЃЕЛКОВ

ТИЈАНА ПЕТКОВСКА

ВАСИЛ МИХАЈЛОВ

АНДРИЈА ХАЏИЌ, Funkier
-
ИВАН ЏЕПАРОСКИ
ИВАН ЏЕПАРОСКИ (1958, Скопје) е филозоф, естетичар, теоретичар на културата, поет и преведувач. Дипломирал на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде што магистрирал и докторирал. Автор е на над триесет филозофски, есеистички и поетски книги и антологии. За своето творештво има добиено голем број значајни награди и признанија. Работи на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Филозофски факултет во Скопје, како редовен професор по предметите: Естетика и Филозофија на културата. Бил раководител на Институтот за филозофија (2004-2009; 2013-2021) и секретар на Македонскиот П.Е.Н. Центар (1999-2001; 2008-2014). Се занимава и со превод: Блејк, Џојс, Бродски, Хјум. Неговата поезија и некои од неговите теориски дела се преведени во поодделни книги на над десет странски јазици, додека неговата поезија е застапена во најзначајните антологии на македонската поезија објавени кај нас и во странство во нашиов век. -
ПЕЛИН ЕСМЕР
ПЕЛИН ЕСМЕР е турска писателка и режисерка на играни и документарни филмови која има студирано социологија во Истанбул, а потоа целосно се посветува на филмската уметност. Есмер ја основа филмската компанија „Синефилм“ и од 2001 година ги снима нејзините независни филмови КОЛЕКЦИОНЕР, ИГРА, 10 ДО 11, СТРАЖАРСКА КУЛА, НЕШТО КОРИСНО и КРАЛИЦАТА ЛИР коишто се прикажуваат на светски познатите фестивали: Сан Себастијан, Трибека, Торонто, Сараево, Ротердам, Талин итн. Нејзиниот филм НЕШТО КОРИСНО ја доби наградата за најдобро сценарио на Меѓународниот филмски фестивал во Талин, наградите FIPRESCI на Филмскиот фестивал во Истанбул, а потоа и наградите за најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра актерка во Турција. Во 2020 година MUBI Turkey и MUBI International ги претставија сите филмови на Есмер во Турција и во странство со ретроспективата насловена „Патување до срцето со Пелин Есмер“. Истата година, Истанбулскиот современ филмски музеј направи ретроспектива на филмовите на Есмер како дел од нивната серија „Средба со режисерите“. -
СЕРДАР ОЗТУРК
СЕРДАР ОЗТУРК (Serdar Öztürk) е професор на Катедрата за радио, телевизија и филм на Факултетот за комуникации при Универзитетот Анкара Хаџи Бајрам Вели (АХБВ) во Анкара, Турција. Тој е издавач на The Journal of SineFilozofi, академско списание со рецензија објавувано од 2016 година. Тој исто така е претседател на Здружението за филм и филозофија во Турција. Фокусот на истражувањето на Озтурк е главно интердисциплинарен. Има објавено повеќе статии и дела за културната историја на Турција и за социологијата и филозофијата на филмот, објавени во национални и во меѓународни списанија. Дел од неговите публикации коишто ја истражуваат врската меѓу филозофијата и филмот се: Кинофилозофија: Патувањето кон соништата на Куросава (Ankara: Heretic 2016), Вовед кон Кино Филозофија (Ankara: Ütopya, 2018), и неодамна ја уредува книгата Археологија на борбата во филмовите на Кен Лоуч (Ankara: Utopya, 2021). -
ЈОНАС КЕРУП ХЈОРТ
ЈОНАС КЕРУП ХЈОРТ е дански филмски режисер којшто работи во Копенхаген, Данска. Пред да се запише на Националната филмска школа во Данска, тој веќе има искуство во театар и како актер и како режисер. Во 2017 година дипломирал со наградуваното филмско остварување „За еден месец“ (In a Month), апсурдно и мрачно, визионерско истражување на човековото постоење. Филмот му ја донесе наградата FilmFunen Talent, неколку номинации на меѓународни фестивали за краток филм, како и три награди на Ekko Shortlist Awards. Тој го има напишано, режирано и монтирано неговиот прв долгометражен филм „Претпоследниот“ чијашто премиера беше во Талин. -
БРАНИСЛАВ НИКОЛОВ
БРАНИСЛАВ НИКОЛОВ е музички перформер, автор и пејач во групата Фолтин. Како дел од групата, зад себе има девет студиски изданија, музика за преку триесет театарски претстави и неколку филмови, меѓу кои, кандидатот за Оскар „Медена Земја“, интернационално наградуваните „Исцелител“, „Со Љубов“, "Cash & Marry" и други. Со концертни настапи и театарски претстави гостувал во Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Израел, Русија, Црна Гора, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка. За својата работа досега е повеќепати наградуван. Надвор од работата во групата, одржал концерт со Македонската филхармонија и објавил две поетски збирки („Креветизам и хоризонтала“, 2018 и „Срчки“, 2020). -
ЕРНЕСТО ХЕРЕДЕРО ДЕЛ КАМПО
ЕРНЕСТО ХЕРЕДЕРО ДЕЛ КАМПО (Шпанија) е философ и дипломат. Од 2011 е активен дипломат во Министерстово за надворешни работи на Шпанија, работел како советник, конзул, бил дел од мисијата на Шпанија во ОБСЕ Виена, бил дел од шпанската амбасада во Бразил, а денес e Заменик амбасадор на Кралството Шпанија во Скопје. Се занимава со пишување поезија, ја има издадено поетската стихозбирка „Замор“ (Fatiga, Editorial Evohé, Madrid, 2017), а моментално пишува за Global Square Magazine и работи на докторска теза за филозофијата на религија на Витгенштајн. Во периодот од 2015-2017 работел како професор на Националниот институт за јавна администрација, Дипломатската школа на Шпанија и други академски институции, а денес како професор соработува и со неколку академски институции во Бразил. -
ТОМАС ВАРТЕНБЕРГ
ТОМАС Е. ВАРТЕНБЕРГ (САД) е професор емеритус по филозофија на колеџот Маунт Холиоки во САД. Неговите главни области на интерес се естетика, филозофија на филм и филозофија за деца. Негови позначајни публикации се „Големи идеи за мали деца: предавање филозофија преку детска литература“, „A Sneetch is a Sneetch и други филозофски откритија: наоѓање мудрост во литературата за деца“, „Размислување на екранот: Филмот како филозофија“ и, од неодамна, „Размислување преку приказни: деца, филозофија и сликовници“. Тој е добитник на наградата APA/PDC за извонредност и иновации во филозофските програми за 2011 година и ја доби Мерит наградата (Merritt Prize) за 2013 година за неговиот придонес во филозофијата на образованието. Има креирано веб-страници за предавање филозофија преку сликовници: teachingchildrenphilosophy.org, уметнички дела: Philosophy@The Virtual Art Museum и филмови: What’s the Big Idea?. -
MАРИЈА АПЧЕВСКА
МАРИЈА АПЧЕВСКА има дипломирано режија на ФДУ, Скопје и магистрирано на филмска и медиумска продукција на NYFA, Лос Анџелес. Нејзините кратки филмови имаат патувано на фестивали ширум светот и имаат освоено неколку награди, а БАРДО имаше премиера во селекцијата Берлинале Генерација. Покрај ова, таа е креатор на детската ТВ серија ЗОКИ ПОКИ, единствената ТВ серија од С. Македонија којашто се емитува во Скандинавија. Нејзиниот последен филм, СЕВЕРЕН ПОЛ, премиерно беше прикажан во Официјалната селекција на краткометражни филмови на фестивалот во Кан, а беше и еден од победничките проекти на European Short Pitch 2019. Таа во моментот работи на нејзиниот прв долгометражен филм, ПРОЛЕТНО ЧИСТЕЊЕ, избран за LIM 2021 и претставен на Cannes Focus CoPro’ 2021 година. -
ЛУИС МАРТИН АРИАС
ЛУИС МАРТИН АРИАС (Шпанија) е редовен професор на Универзитетот во Ваљадолид (UVa). Од 1987 до 2017 предавал Историја на филмот на летните курсеви на UVa, а моментално е професор на магистерските студии по филм, комуникација и аудиовизуелна индустрија во соработка со Меѓународната филмска недела на Ваљадолид (Seminci). Основач е на Здружението „Trama y Fondo“ и негов потпретседател од 1997 до 2018. Има објавено неколку книги посветени на филмската уметност: „Филмот како естетско искуство“ (1997), „Кон почетоците на кинематографијата“ (2009) и „Филмското дело на Клинт Иствуд. Текстуална анализа“ (2011). Во моментот развива канал за филмска анализа на YouTube (Análisis del cine) каде што, со детална анализа на филмови преку философски методи, подготвува видеа за настава и истражувања. -
ДАРИЈАН ПЕЈОВСКИ
ДАРИЈАН ПЕЈОВСКИ дипломирал филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на 7 краткометражни и еден среднометражен телевизиски филм, работи на 5 серии меѓу кои „Фамилијата Марковски”, „Инсајдер”, „Зоки Поки”. Со својот прв долгометражен филм ТРИ ДЕНА ВО СЕПТЕМВРИ гостува на бројни меѓународни фестивали меѓу кои: Монтреал, Чикаго, Котбус, Братислава. Оваа година се очекува премиерата на неговиот втор долгометражен филм – МИМИ. -
КИЦА КОЛБЕ
КИЦА КОЛБЕ е филозофина и писателка. Студирала филозофија на универзитетот во Скопје (1970-1974). Магистрирала во 1982 год. во Белград на естетиката на Т. В. Адорно, а докторирала во 1985 во Скопје на германската естетика од XVIII-от век, објавена како „Принципот копнеж” (1989). Академскаta дејност ја започнува на Филозофскиот факултет од 1976-1986 како асистентка, односно доцентка по естетика во Естетичката лабораторија. Објавувала филмска, ликовна, литературна критика и филозофски есеи во „Разгледи”, „Стремеж” „Кинотечки месечник”, „Утрински весник”, „Филозофија”, “Lettre...” и др. Ги објавила романите „Егејци” (1999), „Снегот во Казабланка” (2006, „Роман на годината”), „Жените Гаврилови” (2008, македонска номинација за Балканика), „Земја на бегалци” (2016), „Витезот и Византијката“ (2020). -
СТОЈАН СИНАДИНОВ
СТОЈАН СИНАДИНОВ дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со филмска критика и историја и теорија на филмот се занимава од крајот на 80-тите. Досега има објавено повеќе од 2000 текстови во десеттина дневни весници, неделни и месечни магазини, како и специјализирани филмски списанија и изданија во Македонија и регионот. Известувал од филмските фестивали во Монтреал (Канада), Берлин (Германија), Солун (Грција), Белград (Србија) итн. Во моментот соработува со Кинотеката на С. Македонија. -
АЛИСИА ВИЛАР ЕСКУДЕРО
АЛИСИА ВИЛАР ЕСКУДЕРО (Шпанија) е професор по филозофија на Папскиот универзитет Комилас во Мадрид (Comillas Pontifical University Madrid). Таа е признат специјалист во различни области на филозофијата, особено за Паскал и Просветителството - тема за која има публикувано прекрасно издание со коментари за делата на Волтер и Русо - „За злото и несреќата“ (Around Evil and Misfortune, 1995). Таа, пред сè, е специјалист за Унамуно, на кого му има посветено многубројни статии и поглавја од книги на различни теми и чијшто необјавен текст „Моја исповед“ (My Confession), го уредуваше во 2011 и 2015 година. Нејзини најпознати дела се: „Ирационализмот“ (2000) и „Паскал: Наука и верување“ (1987). -
ЗЛАТКО ЃЕЛЕВСКИ
ЗЛАТКО ЃЕЛЕСКИ е писател, филмски, музички и книжевен критичар. Дипломира на катедрата за општа и компаративна книжевност при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје и од 2008 активно се занимава со филмска критика. Дигиталните филмски рецензии ги објавува на веб-страницата „Мувис.мк“, а печатените во: „Кошмар“ „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм плус“, „Филмски печат“. Водител е на филмските радио емисии „Danse Macabre“ и „ТВ 103“ на радио „Канал 103“. Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013. Режисер е на кратките филмови ОД ДРУГАТА СТРАНА и МЕМОАРИ и организатор на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“. Член бил на жири комисии на неколку филмски фестивали: „Синедејс“, „Филмај“, „Мобил фестивал“ и „Филозофски филмски фестивал“. Водител е на јутјуб емисиите: „Видеологија“ и „Ревизија“. Во 2021 ја објави неговата прва збирка на филмски есеи и рецензии „Видеологија (2019-2020)“ -
МАРИГЛЕН ДЕМИРИ
МАРИГЛЕН ДЕМИРИ дипломира и магистрира на Институтот за Филозофија, на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работи како наставник по филозофија во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје и како истражувач во „Евротинк – Центарот за европски стратегии“. Бил дел од многу политички и активистички иницијативи. -
ЈАСНА КОТЕСКА
ЈАСНА КОТЕСКА е македонска писателка, филозоф и редовен професор по хуманистика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа е авторка на 12 книги за Зигмунд Фројд, Сорен Кјеркегор, за комунизмот, санитарноста, објавени во Вашингтон, Торонто, Љубљана, Белград, Софија и Скопје. Дел од нејзините книги се „Кјеркегор за конзумеризмот“ (2016, Торонто и Љубљана), „Фројдовска читанка, рана психоанализа 1893-1899“ (2013, Скопје), „Комунистичка интима“ (2008, 2022, Скопје; 2014, Вашингтон), добитник на Финеганова листа од 30 најзначајни книги за 2015 година од Европското здружение на писатели, и „Санитарна енигма“ (2006, 2021 Скопје; 2012 Софија). Таа е главен уредник на едицијата „Collection Aut“ на Тринити Колеџот во Торонто и на Централно-европскиот истражувачки центар за Сорен Кјеркегор (ЦЕРИ-СК) во Љубљана. Котеска е член на Филозофското друштво на Македонија, Независните писатели на Македонија, како и на бројни меѓународни организации и одбори. -
ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ
ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ e поет, прозаист, книжевен критичар, преведувач, универзитетски професор. Дипломирал и магистрирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, а докторирал на Универзитетот Париз III – Sorbonne Nouvelle, на тема „Аспекти на екфразиската поезија: Ш. Бодлер, В.К. Вилијамс, С. Јаневски, В. Урошевиќ, Џ. Ешбери и И. Бонфоа“. Работи како редовен професор на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика, член е на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, како и на извршниот комитет на Европската мрежа за компаратистички проучувања. Ги проучува интермедијалните односи меѓу книжевноста, ликовните уметности и музиката. Член е на ЗККМ, на ДПМ и на Македонскиот ПЕН клуб. Се занимава и со музика. -
СЕРХИО ФЕРНАНДЕЗ
СЕРХИО ФЕРНАНДЕЗ (Sergio Fernando Fernández de Villarán Lanza) е шпански филозоф и професор по филозофија. Неговите филозофски и истражувачки интереси се фокусирани на Кантовата трансцендентална аналитика, Жан Пол-Сартр и Хусерл и има објавено повеќе статии на овие теми. Како философ учествува на мноштво релевантни конференции и симпозиуми меѓу кои и на програмите за обука на наставници „Употребата на литература во изучувањето филозофија: теориски и практични аспекти“ и „Филмот како образовно средство“. -
СНЕЖАНА МЛАДЕНОВСКА АНЃЕЛКОВ
СНЕЖАНА МЛАДЕНОВСКА АНЃЕЛКОВ дипломирала на Факултетот за драмски уметности на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 год, а со звањето „Магистер по уметности - област филмска и ТВ монтажа“ се стекнува во 2012 год. Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, Или-Или) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Во 2014 година ја издаде филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ (Или-Или) посветена на документарните филмови на режисерот Владимир Блажевски. Како автор е застапена во антологиите „Revija malih književnosti“ (2013) на Udruga za promicanje kultura ’Kulturtreger’, Best European Fiction 2017 и Contemporary Macedonian Fiction (2019) на Dalkey Archive Press. „Молчи со отворена уста“ (2019, Или-Или) е нејзин втор роман. Има обемно искуство во монтажа на документарни филмови и репортажи. -
ТИЈАНА ПЕТКОВСКА
ТИЈАНА ПЕТКОВСКА дипломира и магистрира на Филозофскиот Факултет во Скопје, на Институтот за филозофија, со нагласок на современата филозофија. Помеѓу додипломските и постдипломските студии завршува едногодишен специјалистички курс за филмска режија на Интернационалниот отсек на ФАМУ (Филмска и телевизиска школа на Факултетот за изведувачки уметности) во Прага. Во меѓувреме, се занимава со видео монтажа и работи на различни филмски фестивали во Скопје, меѓу кои и Филозофскиот филмски фестивал. Еден краток период пишува филмски рецензии и критики за дневни весници и портали, а издава и текстови од областа на филозофијата и естетиката на филмот во списанија како „Филозофска Трибина“ и „Блесок“. Во моментот работи како хонорарен писател и е во очекување на излегувањето на својот прв ко-авторски роман на англиски јазик до крајот на годината. -
ВАСИЛ МИХАЈЛОВ
ВАСИЛ МИХАЈЛОВ (Васил Михаил) по завршувањето на студиите во 2001 година ја започнува својата кариера како актер. Набргу почнува да режира, а подоцна и да пишува драмски текстови и сценарија. Паралелно со уметничката кариера интезивно се занимава и со културен менаџмент, продукција и неформално театарско и филмско образование. Во 2020 година магистрира на смерот за филмска и телевизиска режија. Автор е на неколку публикувани критички осврти. Како театарски и филмски уметник е претставен на сите континенти, а некои од неговите режирани претстави и напишани сценарија се носители на меѓународни награди и признанија. Во изминатите четири години живееше во Лондон, а сега е на релација помеѓу живеалиштето во Скопје и работното место во театарот „Антон Панов“ во Струмица. -
АНДРИЈА ХАЏИЌ, Funkier
Funkier е колаборативна иницијатива со резиденција во Србија и, дел од годината, во Луксембург и Холандија, а која започнува како баскер уличен проект во Италија во 2018. Срцето на Funkier е Андрија Хаџиќ (кахон и вокали) кој во меѓувреме започнува да ги преминува националните граници и да свири во клубови во други земји. Приклучувајќи се на фестивали и соработки со многу други професионални музичари, проектот стекнува искуство низ цела Европа. Мисијата на Funkier е да ги спаси старите класични мелодии од закопување во тишината, секогаш интерпретирајќи ги со одредена доза на Funk & Soul. Funkier е вклучен и во кантавторската работа која ги поврзува сите влијанија на Андрија, мешајќи ги со неговиот сопствен музички стил.