Гости

Кшиштоф Зануси

Лаура Мора (Laura Mora)

Иво Трајков

Златко Ѓелески

Луис Мартин Ариас

Амирхосеин Асгари

Елизабета Шелева

Нил Кенеди

Филип Букршлиев и Андреа Мирческа

Стефан Палитов
-
Кшиштоф Зануси
Пред да дипломира режија на Филмското училиште во Лоѓ [1967], Кшиштоф Зануси студирал физика на Универзитетот во Варшава и философија на Јагелонскиот универзитет. Тој е еден од најпознатите и меѓународно признати автори во полската кинематографија. Тој веќе неколку децении е филмски режисер, сценарист и продуцент. Кшиштоф Зануси ја започна својата кариера во аматерското филмско движење пред да освои бројни фестивалски награди [во Кан, Венеција, Локарно, Москва, Чикаго, Монтреал, Берлин, Токио] за филмови меѓу кои се: „Структура на кристалот“ [1968], „Илуминација“ [1973], „Камуфлажа“ [1976], „Постојан фактор“ [1980], „Година на тивкото сонце“ [1984], филм со кој истата година добива Златен лав во Венеција; „Персона нон грата“ [2004] и др. Филмовите на Зануси не можат да се разгледуваат по ниту една јасно дефинирана патека или тренд во полското или меѓународното филмско остварување. Како режисер, тој не подлежи на туѓи вкусови или стилови. Тој има речено: „Моите филмови се произлезени пред се од литературата и се еден вид човечки говор. Идејата за визуелно кино отсекогаш ми била сомнителна“. Во периодот од 1980 до 2019 година бил уметнички директор, а потоа и претседател на филмското студио Тор. Бил предавач на бројни филмски универзитети ширум светот. Тој е и театарски режисер, а има работено во Милано, Палермо, Бон, Краков, Бремен и Базел и на многу други места.. Зануси е еден од 40-те основачки членови на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман. -
Лаура Мора (Laura Mora)
Дипломирала филмска режија на Универзитетот RMIT во Мелбурн (Австралија). Тaa е режисерка на долгометражниот филм “Matar a Jesús”, којшто премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Торонто и на фестивалот во Сан Себастиан во 2017 година, каде што беше наградена со специјално признание во сегментот „Нови режисери“, награда Ероски и награда на критиката “Signis”. Филмот е селектиран на повеќе од 30 фестивали и има освоено повеќе од дваесет награди. Таа е и режисер на сериите на Netflix: “Green Frontier” (4 дела, 2019) и “The Great Heist” (3 дела, 2020). „Кралевите на светот“ е нејзиниот нов филм, кој е во фаза на постпродукција. Проектот доби поддршка од FDC (Колумбиски фонд за кинематографија), Ибермедија, развојна награда на Латино филмскиот фестивал во Тулуз, и беше избран во лабораторијата Санденс 2019 година. „Кралевите на светот“ е во продукција на Сиудад Лунар („Прегратка на змијата“) во соработка со Ла Селва Сине, компанија во која таа е основачки партнер. Родена е во Меделин, Колумбија, каде што моментално живее. -
Иво Трајков
ИВО ТРАЈКОВ е роден во Скопје, Македонија и дипломирал на ФАМУ во Прага. По дипломирањето решил да остане во Прага и да ја започне својата кариера во Чешка. Раководи на Одделот за монтажа на ФАМУ, ментор, режисер, продуцент и сценарист.. Неговата филмографија како режисер/сценарист опфаќа 5 долгометражни филмови за кои добил бројни награди. Тој работи во широк спектар на жанрови: комедија, документарна драма, експериментални филмови и историска драма. Како продуцент, Иво Трајков беше вклучен во повеќе од 60 епизоди од документарниот серијал „Необјаснети умирања“. Избрана филмографија: „Медена ноќ“ – сценарист, режисер, продуцент (2015), „Само за губитници“ (краток) – сценарист, „Само за губитници“ – режисер, продуцент (2013), „Берлинскиот проект“ – сценарист, режисер, продуцент (2011), „Созерцание“ – сценарист, режисер, продуцент (2009), „Филм“ - сценарист, режисер, продуцент (2007), „Големата вода“ - сценарист, режисер, продуцент (2004), „Минатото“ - сценарист, режисер (1998), „Канарската врска“ - сценарист, режисер (1993), „Јан“ – сценарист, режисер (1992). Режирал играни филмови во 5 различни земји, со 12 земји како копродуценти. Неговите филмови беа прикажувани на повеќе од 120 меѓународни филмски и ТВ фестивали, а тој доби повеќе од 20 меѓународни награди. Работел и како сценарист и уредник на приказни на проекти во повеќе од 10 земји. Предава на неколку меѓународни програми на ФАМУ, како ментор на 7 меѓународни работилници за пишување и уредување сценарија. -
Златко Ѓелески
ЗЛАТКО ЃЕЛЕСКИ е писател, филмски, музички и книжевен критичар. Дипломира на катедрата за општа и компаративна книжевност при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје и од 2008 активно се занимава со филмска критика. Дигиталните филмски рецензии ги објавува на веб-страницата „Мувис.мк“, а печатените во: „Кошмар“ „Граѓански“, „Кинопис“, „Филм плус“, „Филмски печат“. Водител е на филмските радио емисии „Danse Macabre“ и „ТВ 103“ на радио „Канал 103“. Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013. Режисер е на кратките филмови ОД ДРУГАТА СТРАНА и МЕМОАРИ и организатор на ревијата на хорор филмови „Мрак Фест“. Член бил на жири комисии на неколку филмски фестивали: „Синедејс“, „Филмај“, „Мобил фестивал“ и „Филозофски филмски фестивал“. Водител е на јутјуб емисиите: „Видеологија“ и „Ревизија“. Во 2021 ја објави неговата прва збирка на филмски есеи и рецензии „Видеологија (2019-2020)“. Во 2022 година беше објавена неговата петта книга, збирка разговори со шест домашни филмски режисери кои започнале да творат во 90-тите години на минатиот век, насловена „Мастерклас“, а годинава е и асистент во пост-продукцијата на краткиот игран филм „Центроид“.
7 јуни, „Станарот“, 21.00 (Летно кино „Мирно лето“) Излагање: „Будење насреде кошмар, составување на сложувалката на идентитетот во Станарот на Роман Полански“. -
Луис Мартин Ариас
ЛУИС МАРТИН АРИАС (Luis Martin Arias) е редовен професор на Универзитетот во Ваљадолид (UVa). Од 1987 до 2017, предавал Историја на филмот на летните курсеви на UVа, а моментално е професор на магистерските студии по филм, комуникација и аудиовизуелна индустрија во соработка со Меѓународната филмска недела на Ваљадолид (Seminci). Основач е на Здружението “Trama y Fondo” и негов потпретседател од 1997 до 2018. Има објавено неколку книги посветени на филмската уметност: „Филмот како естетско искуство“ (1997), „Кон почетоците на кинаматографијата“ (2009) и „Филмското дело на Клинт Иствуд. Текстуална анализа“ (2011). Во моментот развива канал за филмска анализа на YouTube (Análisis del cine) каде што, со детална анализа на филмови преку филозофски методи, подготвува видеа за настава и истражување. -
Амирхосеин Асгари
Амирхосеин Асгари е роден во Техеран на 22 ноември 1978 година. Започнувајќи ја својата кариера во театар, дипломирал на Факултетот за драмски уметности, па влегол во светот на киното и телевизијата. Откако беше асистент на режија во бројни филмови и серии, тој го сними својот прв, целосно експериментален краток филм „Кратка дремка“ во 2008 година. „Можеби друго време“, неговиот втор краток, му донесе успех со учеството на национални и меѓународни фестивали. Набргу потоа, тој го сними својот прв долгометражен филм „Без граници“ (2014), кој ја освои наградата „Најдобар азиски игран филм“ на 27. Меѓународен филмски фестивал во Токио. „Последниот снег“ е негов втор долгометражен филм. -
Елизабета Шелева
ЕЛИЗАБЕТА ШЕЛЕВА е редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е на 12 книги и преку 270 авторски прилози. Долгогодишна уредничка на списанијата „Наше писмо“ и „Sarajevske sveske“, раководителка на научно-истражувачки проекти, визитинг професор на повеќе универзитети и долгодишна соработничка и учесник во научните и билатералните книжевно-научни проекти на МАНУ. Се занимава со книжевна, ликовна и филмска критика и има објавено дузина критички есеи од областа на филмот: „Македонскиот филм и балканскиот културен контекст“; „Релацијата филм - книжевност“; „Филмот во балканскиот интертекст“; „Филмот како Lustprinzip („Опасни врски“)“; „Историја, ритуал, филмска поетика („Солунските атентатори“); „Фросина - фигура на отсутноста“; „Поетиката на маниризмот во филмот Готвачот, крадецот, неговата жена и нејзиниот љубовник од Питер Гринавеј“; „Зар секојпат Догвил?“, и др. Била член на основачкото собрание и претседавач на Независните писатели на Македонија (од 2011 – 2017 г). Во моментов е потпретседателка на македонскиот ПЕН центар. -
Нил Кенеди
НИЛ КЕНЕДИ (Niall Kennedy) е професор на Катедрата за француски јазик на Тринити колеџот во Даблин. Работел и како гостин-предавач на Ројал колеџот за уметност во Лондон. Во летото 2023 година, тој ќе биде визитинг-научник на Катедрата за филмски и телевизиски студии на Универзитетот Хаџи Бајрам Вели во Анкара, Турција. Неговите неодамнешни публикации се посветени на философскиот однос меѓу Делез и Фернандо Песоа, објавено од Универзитетот Лувен и есеј за фантастичното во филмовите на Насер Кемир, објавено од Филозофското друштво на Македонија. Тој, исто така, е преведувач на научниот труд за Пјер Булез објавено за Cambridge University Press. Моментално работи на книга посветена на Делез и авторот. Води кампања против академската несигурност во Ирска и е основач на Ирската мрежа за несигурност. -
Филип Букршлиев и Андреа Мирческа
Филип Букршлиев и Андреа Мирческа се емисари на Новиот македонски бран на Џез музика, или барем така сакаат да мислат. И двајцата се носители на наградата Најдобар млад џез музичар доделена од Скопскиот џез фестивал. Е ова веќе е факт. Годините се 2019-та и 2021-ва, проверете ако сакате. Меѓусебе имаат повеќе од 30 изданија. Исто: Факт. Членуваат заедно или одвоено во повеќе еминентни македонски џез состави отколку што можете да наброите. Членови се на ЗАМП. Мирческа му има свирено на дипломската на Букршлиев. Веројатно и токму затоа тој на истата доби преодна оценка. Проектот Букршлиев/Мирческа Свират Coltrane е музичко-авантуристички-патеписен перформанс во кој што преку изведбата на музиката од John Coltrane во нетипична дуо формација, гитара и контрабас, публиката има неверојатна можност да дознае како John Coltrane во 1961-ва заминал на музички аџилак во Велес, како секој ден вежбал под мостот Гемиџии и како, пред да замине назад, снимил албум во Радио Велес. -
Стефан Палитов
Стефан Палитов е режисер, мултимедијален уметник и истражувач кој се фокусира на раскажување приказни, проширени реалности и уметност & технологија. Неговото академско образование вклучува додипломски студии по Филозофија на универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје и студии по режија на ФАМУ во Прага, Чешка. Mагистерските студии ги завршува во рамките на Еразмус Мундус програмата Media Arts Cultures. Покрај создавањето играни и документарни филмови, Палитов има учествувано на изложби на ВР (виртуелна реалност) и мултимедијални уметнички дела. Дел од позначајните изложби се Ars Electronica и изложби во Копенхаген, Хонг Конг, Нанџинг, Чангша… Како дел од artist-in-residence престоите во Кина (поддржано од УНЕСКО) и во ZKM | Центар за уметности и мултимедија, Карлсруе (Германија), Палитов ја има истражувано историјата и дизајнот на 360-степени, ВР и интерактивните уметнички дела.